Вишокот храна – предизвик за социјални иновации
Илустрација: Зоран Инадески
Како држава често сме ставени на листата на рекордери во загуби на храна и во отпад од храна, а истовремено се соочуваме со проблем да обезбедиме доволно намирници за ранливите категории. Со оглед на тоа што загубите и отпадот од храна имаат значителни последици врз сигурноста на храната и економијата, што доведуваат до намалена достапност до храна за сите луѓе, до намален приход кај ситните земјоделци и другите актери во вредносниот синџир, како и до покачување на цените на храната, што, пaк, ги погодувa урбаните потрошувачи, намалувањето на отпадот од храна треба да е еден од приоритетите на јавната политика, особено во услови на криза.
Од етички и од морален аспект, вишоците секогаш можат да се дистрибуираат до локалните заедници што имаат потреба, а со тоа да се намали и несигурноста во пристапот до храна. Вишокот храна има и еколошка димензија бидејќи производството, пред сè, подразбира трошење вода и плодна почва, кои, во спротивно, можат да се наменат за други потреби. Понатаму, вишоците храна што завршуваат на депониите се значаен извор на метан. И за крај, управувањето на вишоците храна има и економска димензија.
Управувањето на вишоците храна не треба да се разгледува само од перспективата на јавната политика. Развојот на решенијата треба да биде врз основа на иновации развиени од претприемачите, социјалните иноватори, социјалните претпријатија и / или актерите во приватниот сектор. Развиен систем за дистрибуција на храна подразбира и развој на локални мрежи и учество на многубројни актери, вклучувајќи ја и локалната самоуправа. Но, ваквиот систем подразбира и многубројни човечки и финансиски ресурси.
Социјални претпријатија – решение за функционален систем за дистрибуција на вишокот храна
Клучната форма на соработка меѓу граѓанските организации и бизнисот, пред сè, треба да биде во правна форма, која е демократска, поттикнува добро управување, вклучување на сите засегнати страни, која го мери и транспарентно известува за своето општествено влијание и реинвестира најголем дел од својот годишно остварен профит. Станува збор за формирање социјални претпријатија, кои во земјава сè уште не се правно препознаени. Сепак, постојат правни форми што овозможуваат оперирање во согласност со принципите на социјално претприемаштво, како, на пример, здруженијата на граѓани со економски активности и задруги. Ентитетот може да биде регистриран и во друга правна форма, како трговско друштво, на пример, меѓутоа мора да ги исполнува клучните критериуми за идентификување на социјалните претпријатија (добро управување и јасно дефинирана општествена мисија, покрај јасната економска активност). Ваквото инклузивно решение на долг рок мора да обезбеди функционален систем за дистрибуција на вишоците храна, да поттикне социјални иновации и инвестиции во нови стартапи, кои ќе бидат вклучени во синџирот на дистрибуција и преработка на храна.
Дистрибутивната мрежа, пред сè, треба да биде дигитална платформа што ги поврзува дистрибутерите (фирмите што генерираат вишоци храна) со организациите што ги примаат тие вишоци (банки за храна, асоцијации, организации што се грижат за животни).
Земјите како Франција, Германија, Јапонија, Шпанија и Португалија, кои на годишно ниво имаат најниски стапки на отпад од храна, имаат заеднички карактеристики, како силна и ефективна јавна политика за управување храна, вклучувајќи го и отпадот од храна, заштита на земјоделското производство, истражувања и социјални иновации во земјоделството, високи вредности на индексот на човеков развој, мала популација и ниска стапка на урбанизација. Оттука произлегуваат и клучните фактори на кои треба да се фокусира јавната политика, бизнис-секторот и граѓанскиот сектор заради обезбедувањето одржлив и функционален систем за редистрибуција на донирана вишок храна.
Пандемијата го зголеми бројот на лица што страдаат за леб
Пандемијата што го зафати светот е закана за зголемување на нееднаквоста, а Обединетите нации пресметуваат дека по кризата предизвикана од ковид-19, на глобално ниво, најмалку половина милијарда граѓани ќе бидат во сиромаштија. Дури и во економски поразвиените земји пакетите за намалување на ефектите од кризата нема да стигнат до социјално исклучените. Првите анализи на Светска банка, Обединети нации и на Интернационалната организација на трудот веќе обезбедуваат докази дека здравственото и економското влијание на пандемијата се значително поголеми врз сиромашното население.
Ако погледнеме локално, во Македонија дури и пред почнувањето на кризата, во услови кога земјата имаше позитивен економски пораст, официјалните податоци покажуваа дека 460.000 граѓани во земјава ги немаат сите оброци, а се претпоставува дека кризата значително ја зголеми бројката на луѓето што страдаат за храна.
Волонтерски здружувања низ светот за решавање општествени предизвици
Со појавата на пандемијата во земјава почнаа активностите на донаторската заедница, граѓанските организации, бизнис-секторот и на владата за намалувањето на ефектите и на влијанието врз ранливите категории граѓани. Во исто време, граѓани стихијно се здружуваа и работеа волонтерски, најчесто во иницијативи за изработка на заштитна опрема од ковид-19.
На ниво на Европската унија, волонтерски здружувања за општествена промена обединуваа висококвалификувани граѓани, кои своите вештини ги ставија во функција на решавање на општествените предизвици и развој токму на такви решенија. На пример, WorldStartup и ImpactCity водеа повеќе организации на ниво на ЕУ во наоѓањето конкретни решенија за новата реалност. Новата отворена платформа ги обединува капацитетите и ресурсите на бизнис-секторот, владите, универзитетите, стартапите, инвеститорите. Во Италија беше основана нова кооператива музичари и актери што беа погодени од кризата и останаа без ангажман, со цел развој на нови вештини и повторно учество на пазарот на трудот, таму каде е потребна работна сила. Food cloud им помагаше на супермаркетите да ги дистрибуираат вишоците храна, а со тоа работеше на тоа вишокот храна да не заврши на депониите и да стигне таму каде што е неопходна. Платформата Ekolocal од Шпанија промовираше контакт меѓу локалните производители и локалното население.
Алијансата за спас на храната засилено работеше на градење на движењето за намалување на отпадокот од храна преку директна поддршка на програми за храна, поддршка за нови организации и иницијативи на заедниците…
(Текстот е извадок од „Иновации, инклузивност, одржливост“, извадок од публикацијата „Фрлање храна, вишок храна“ издадена од Банка за храна)