Визија и демократија за обликување земја во која сакаме да живееме
Стефан Ивановски
Мирослав Драганов
Како активни членови на заедницата „Глобал Шејперс“, иницијатива на Светскиот економски форум, за време на пандемијата ги поттикнавме колешките и колегите од нашиот разгранок во Скопје заеднички да создадеме визии за развојот на Скопје и на Македонија за следните 50 години – до 2070 година. Добиените информации се обработени во Водич, кој цели да нѐ обедини како општество, заеднички и секојдневно да работиме на создавање поубав живот во кој ќе можеме да го оствариме нашиот личен и колективен сон за подобар живот во нашиот животен век. Цели и да нѐ инспирира да бидеме одговорни со нашата моќ и влијание во градење на нашето општество.
Ни изгледа(ше) како да немаме дефинирано правец кон кој сакаме да се движиме како општество… Поминаа 30 години од осамостојувањето на земјава и во ниту еден период не почувствувавме дека Македонија има долгорочна, сеопфатна и демократска визија за развој. Напротив, „визиите“ што ги гледавме се во времетраење од четири години, исто толку колку што е должината на регуларниот мандат на коалицијата што ја освоила власта. По следните избори, „визијата“ повторно се менува. Поради тоа, за да ја разбереме сеопфатната долгорочна визија, ги дефинираме и разговараме за двата клучни концепта: визија и демократија.
Успехот на властите да се мери преку тоа колку ни е чист воздухот
Визијата има цел да ни даде правец кон кој се движиме. Визија за едно општество значи дефинирање на состојбата што сакаме да ја живееме во некое идно време и која е значително подобра во различни сфери од секојдневниот живот, отколку состојбата што ја живееме денес. На пример, сите може да се согласиме дека сакаме да дишеме чист воздух. Можеме да си поставиме насока како општество дека за 20 години отсега ќе го дишеме најчистиот воздух во Европа. Успехот на секоја власт во овој период, без разлика дали е од левиот или десниот политички блок, ќе биде мерен преку тоа колку придонела кон зголемување (или намалување) на квалитетот на воздухот за време на својот мандат. Како индикатори за квалитет на воздухот може да користиме национални и / или меѓународно признаени параметри и на тој начин објективно да го мериме напредокот кон остварување на визијата.
Демократијата да е дел од секојдневието
Ако го земеме значењето на двата грчки збора, демос – народ и кратос – моќ, гледаме на демократијата како на засилување на индивидуата и на заедницата со цел да ги задоволат своите желби, потреби и визии, без да им наштетат на другите луѓе или на животната средина, на планетата. Така, демократскиот развој на едно општество зависи повеќе од самото тоа дали ние ќе имаме периодични фер, слободни и демократски избори. Многу е поважно нивото на развој на нашата економија, образование, здравство, инфраструктура и животната средина. Оттука, демократскиот развој во нашата држава го гледаме низ секојдневно практикување демократија. Следењето на Олимписки игри еднаш на секои четири години не нè прави олимписки спортисти, па така и нема да станеме демократски граѓани само гласајќи еднаш на секои четири години. Неопходно е демократијата да биде начин на живот, а не ретка појава!
Ајде да се прашаме: Дали нашите работни места се демократски организирани? Колку моќ и влијание имаат вработените во нашите претпријатија? Колку нашите ученици и студенти имаат моќ и влијание да го дефинираат правецот на своето образование? Кој е степенот на демократија во нашите семејства и меѓучовечки односи? Дали ние поттикнуваме градење на самодоверба и личен развој на членовите на нашето семејство и сограѓаните така што да бидат поподготвени за остварување на своите цели, копнежи и визии?
Ако сакаме да градиме демократија, неопходно е таа да биде дел од нашиот секојдневен живот.
Овие и многу други аспекти се обработени во Водичот, кој дава 50-годишен правец и основа за дејствување на сите фактори во нашето општество, низ 176 специфични визии распределени во 16 категории – од благосостојба и животен стандард, право, регулатива и институции, па сè до туризам. Секоја визија се заснова на одредени вредности, кои се основа за сите активности што ќе се преземаат од кој и да е фактор, без разлика дали е тоа индивидуалец или правен субјект од јавниот, приватниот или граѓанскиот сектор.
Дали и вие сте инспирирани да ни се придружите во дефинирање поконкретни индикатори, во спроведувањето и следењето на напредокот во остварувањето на визиите?
(Авторите се членови на здружението на граѓани „Глобал Шејперс“ Скопје)
Читајте повеќе на оваа тема од авторите во соодветни документи за визиите за Македонија и за Скопје:
- Визија за 2070 година за Македонија
- Визија за 2070 година за Скопје
- Визија за 2026 година за населба за иновации во Скопје
- Водич за применување на демократијата во секојдневниот живот, односно нејзиното градење како животен стил (Lifestyle Democracy)