Вкусен и здрав залак – од семе до трпеза
Фотографии: Кети Талевска и Јована Лозановска
Да се консумира домашна, здрава и органска храна е можно само ако расте и се одгледува во бујна и незагадена вегетација. И ако го носи автентичниот мирис на природата. Ако, пак, е зачинета и со гостопримливост и срдечност на локалните жители, тогаш, навистина, љубовта доаѓа преку стомакот.
Домашно одгледуван зеленчук, овошје, тревки и зачини. Без никакви пестициди и строго наводнувани со чиста подземна вода, растени на здрава, богата и плодна почва. И сето ова во време кога квалитетната и здрава храна има непроценлива вредност затоа што – како сѐ повеќе да станува реткост…
Ваква приказна раскажува Демир Хисар преку ентитетот „Моја бавча“, што никого не остава рамнодушен. Ниту домашен, ниту странски турист.
[ihc-hide-content ihc_mb_type=”show” ihc_mb_who=”4,5″ ihc_mb_template=”3″ ]
Слатки води, квалитетна почва
Тајната за убавината на оваа органска храна лежи токму во домашната бавча. Одгледување производи како за сопствена душа, вели Александра Лозановска, главниот виновник за вкусот на традиционалните демирхисарски рецепти.
Нивната подготовка почнува уште од рано напролет, со сеење, садење, обработување на почвата, па сѐ до доцна есен кога се подготвува зимницата, која е и главен фокус на работата на „Моја бавча“.
– Секое годишно време си носи свои обврски, сепак, есенските денови ни се најисполнети бидејќи гледаме да одговориме на сите желби и побарувања и да го задоволиме сечиј вкус при приготвувањето на зимницата. Во работните активности е вклучено целото семејство и секој помага во тоа во кое е најдобар и највешт – вели Александра.
Раскажува дека и денес зимницата ја прави како за свои деца. Како што било и на почетокот, пред шест-седум години, кога количините на производство биле многу помали и биле наменети за пријатели, роднини, познајници… Сега тие растат, но квалитетот останува ист.
Иако Демир Хисар е мало место за живеење, приказната за „Моја бавча“ го прави посебно привлечно како туристичкото искуство и доживување. Сите леи во оваа бавча, длабоко во себе, носат вкусни рецепти од демирхисарските мајки и баби, кои, на свој начин, му даваат посебен белег на местото, кое вообичаено ни е познато само како богат извор на железна руда. Демирхисарско, за среќа, е кладенец и на здрава храна, руда злао вредна.
– Преку оваа храна успевам да претставам дел од мојата традиција и историја. Задоволството што го буди оваа храна кај странските и домашните туристи, всушност, зборува за тоа колку се нашите води слатки, колку нашата почва е плодна и богата и колку е убава нашата природа. Сето ова претставува една голема мотивација за мене зашто убаво е да се раскажува за својот роден крај и за неговата природа, и уште поубаво е кога има толку квалитетна храна што може да се вкуси. Преку неа луѓето ќе слушнат и ќе научат нешто повеќе за демирхисарскиот крај и за неговата специфичност – раскажува Александра.
Вели дека приказната почнала да се пишува сама и многу спонтано.
– „Моја бавча“ и навистина е моја бавча. Името не го ни смислував, туку тоа дојде спонтано, кога опишував како сум го направила некој производ секогаш кажував: зеленчукот е од мојата бавча, овошјето е од мојата бавча… Па така, денес гласи и името на нашето фамилијарно дворче, градина, но и на нашите производи – зимница. Никогаш не сум имала замисла дека ќе бидам домаќин на туристи, а сега сум готвач со пет ѕвезди – барем така кажуваат блиските – вели Лозановска, која учествувала и на многубројни саеми за здрава храна организирани од организацијата „Слоуфуд“.
Доживување на Демир Хисар одблиску
„Моја бавча“ е дел од платформата „Genuine-expiriences“, и со тоа се овозможува сите заинтересирани, домашни и странски туристи, да искусат дел од процесот низ кој поминува храната, од суровата форма до подготвена за дегустација.
– Освен странските туристи, со помош на оваа платформа, голем дел и од домашната јавност се запознава со демирхисарскиот крај и со неговата традиција, со начинот на готвење и на живеење. За да го прифатиме ваквиот приод, клучна беше беше желбата да овозможиме да се доживее Демир Хисар од блиску, да се согледа макотрпната работа за тоа како се доаѓа до домашна зимница и да се направи разлика што значи да се јаде здрава и домашна храна бидејќи здравјето нема цена – ни вели Александра, според која, иако Демир Хисар е мало место за живеење, оваа приказна го прави привлечно во поглед на туристичкото искуство и доживување.
Ден поминат со „Моја бавча“, за посетителите со истражувачки и љубопитен дух, претставува необично искуство зашто е дружење полно со можности да се види од прва рака како се одгледуваат засаденото овошје и зеленчук, но и секој сам да си набере што му е по ќеф и по вкус.
– Бавчата се наоѓа на пет километри од семејната куќа, која е збирно место за групата. Ова искуство го организираме да биде порано наутро, поради летните горештини, кога не е возможно да се биде во бавчата. Меѓутоа, за тие што не можат да ја посетат „Моја бавча“, постои уште една шанса, а тоа е да си наберат плодови од мини-бавчата што се наоѓа во мојот двор. Всушност, главниот дел од дружбата се одвива во дворот на куќата, каде што на почеток посетителите ги пречекуваме со свежи домашни пијалаци. Се одвива кратка презентација со слики за тоа како од едно мало семе доаѓаме до големи продукти, ставени на нашата трпеза, подготвени за јадење. Па така, додека јас им приготвувам свежи салати, макала и сл. од веќе набраните овошје и зеленчук, гостите можат да дегустираат од слатката и солена зимница, да вкусат од домашните питулици, лепче и зелник печени во фурна, и да ја разгледуваат мини-бавчата во дворот. Така, оваа наша дружба завршува со задоволни посетители, кои си одат дома и со по некој мал подарок. Нивната радост се состои во тоа што, освен што уживале во вкусот на здравата и органска храна, во исто време научиле и како и каде се одгледуваат органските продукти, но и по некој рецепт за тоа како се подготвува зимница – раскажува Александра.
Предноста на „Моја бавча“ е, вели таа, што почвата не е третирана со хемикалии и тогаш бара повеќе работа – корнење на непосакуваните тревки, постапно елиминирање на штетниците. Добивањето на производот е побавно бидејќи развојот и растот е побавен, а помала е и количината на родот.
– Но, придобивките се неспоредливи. Внесувањето органски производи во секојдневната исхрана придонесува во зачувувањето на сопственото здравје. Нетретираните производи содржат повеќе хранливи материи, витамини, антиоксиданси и многу други – нагласува Лозановска.
Природата се грижи за тебе, ти за неа
Најголемиот дел од посетителите на „Моја бавча“ биле странски туристи, но, во последно време, како што откриваат домаќините, се зголемува интересот и кај домашната јавност.
– Расте свеста за тоа што значи да се јаде домашна, органска храна, и колку сета таа работа околу приготвувањето е макотрпна. Сепак, во моментов, нашите туристи се позаинтересирани за готовите производи, а помалку за присуство на едно вакво искуство, што, пак, е карактеристично за странските – вели Лозановска.
Македонија изобилува со природни богатства, особено демирхисарскиот крај, кој е карактеристичен за негување природни билки, чаеви, диво овошје, зеленчук… Но, нагласува Александра, досегашното нејзино искуство вели дека „освен тоа што не го цениме ова наше богатство, нашата грижа кон него е многу мала“.
– Ретки се тие што ја препознаваат вистинската вредност на билките, чаевите, овошјето и на зеленчукот и тоа е, навистина, тажно. Затоа, нашата цел не е насочена само кон домашната храна, туку и кон природните убавини што ги има нашиот крај, нашата земја. Преку нашите производи да се запознаеме со сето тоа сервирано здравје што ни го нуди природата, а ние, за возврат, соодветно да се грижиме за неа – вели таа.
Кризата предизвикана од вирусот корона направи поместувања на некои планови, но, сепак, од „Моја бавча“ најавуваат дека во блиска иднина ќе вклучат и нови, несекојдневни производи во својот асортиман, особено ќе работат на збогатување на бавчата со нови билки и чаеви.
– Ги поканувам сите тие што сакаат да бидат во природа, да дишат чист воздух и да видат како изгледа мирен и спокоен живот далеку од градскиот, да ни дојдат на гости – вели Александра.
Семејните рецепти – главна „документација“
За главните рецепти, „Моја бавча“ се инспирира од зачуваните рецепти на мајка ѝ, бабите, свекрвата на Лозановска.
– Нивните записи ми се главна документација. Го користам нивното искуство во приготвувањето на храната. Најчесто гледам да го употребам тоа што ми го нуди природата во Демир Хисар, а некогаш подготвувам и по моја замисла, како пилот-производ, што прво го дегустираме со семејството – вели таа.
Попарен киселец и штавеј
Киселецот и штавејот ги береме во пролет, но и во доцна есен. Тие растат во ливадите покрај река.
Рецептот за нивна подготовка е следен:
Штавејот и киселецот се чистат од останатите тревки и се сечат на поголеми парчиња. Потоа во еден голем сад се потопуваат во вода и убаво се мијат.
Вака измиени се ставаат во врела вода, многу кратко за да се попарат.
Со малку со сол се ставаат во теглички и убаво се затвораат.
Тегличките се ставаат во тенџере со зовриена вода за да се пастеризираат. Вака подготвените штавеј и киселец се користат за да се направи вкусна, зелена, веге-чорба, може да се стават во зелник, а понекогаш и да се пржат со јајца, за појадок.
[/ihc-hide-content]