Зад секој успешен продавач стои успешен ментор
Лицето на „Лице в лице“ се продавачите, а моторот на промени во нивниот живот и во нивниот професионален развој се менторите-координатори од десет партнерски организации, кои ги поттикнуваат, насочуваат, следат и силно веруваат во нив
Слушај аудио верзија на текстот овде
Никој од нас не може да одбере каде ќе се роди, ниту во какви услови и можности ќе го живее животот. Првите чекори за некого се во топол дом, а за други на самите општествени маргини. Вториве, често и остануваат таму до крајот на својот живот зашто не добиваат доволно шанси да излезат оттаму.
„Лице в лице“ е една од програмите што се обидува преку работната интеграција да го промени нивниот живот. А процесот е долг и ни малку не е лесен, а го водат координатори од десет организации низ Македонија – во Скопје, Струга, Битола, Неготино, Тетово, Куманово и во Битола.
– Продавачите на „Лице в лице“ се на вториот пазар на труд, некои од нив се задржуваат таму пократко, некои подолго, а некои, пак, до крајот на својот работен век поради неконкурентноста да станат дел од отворениот пазар на труд. Затоа се и потребни социјалните претпријатија за работна интеграција и, во суштина, тие се и решението за овие наши сограѓани. Таму каде што препознаваме потенцијал и можности за излегување на отворениот пазар на труд, применуваме социјално менторство и во соработка со компаниите ги вработуваме продавачите – објаснува Марина Матеска, одговорна за програмата за социјална инклузија во „Паблик“ – издавач на списанието.
Излегување од гето: го запознаваме градот и неговите граѓани!
Една од првите организации што стана дел од мрежата на „Лице в лице“ е Дневниот центар за деца на улица, кој се вклучи во оваа програма согледувајќи ја важноста нивните корисници по навршувањето на 18 години и излегувањето од Центарот да продолжат со процес што нема да ги врати на улица.
– Потребен е огромен труд за младинците од улица да ги задржите на вистинскиот пат. Сериозен е притисокот од средината, а традицијата се обидува да ги стави во некаков калап. Раното стапување во брак најмногу го отежнува процесот на работна интеграција што го овозможуваме преку „Лице в лице“ – нагласува координаторката Ирена Велкоска.
Таа додава и дека осамостојувањето на човек што бил дете од улица значи со него да се работи на наједноставните навики, однесување и рутина -почитување на времето, редовно одржување лична хигиена, културно однесување.
– Можеби звучи чудно, но овие младинци живеат толку изолирано што кога ќе почнат да го продаваат списанието, заедно го учиме и градот- каде е Градски парк, главниот плоштад,на која автобуска станица е потребно да слезе за да стигне до центарот на градот. Кога ќе се научи тоа, учиме и како да пристапува на непознати луѓе, како да понуди производ и да прифати и разбере дека нема секој од нас време и желба да го слушне тоа што сака да го каже – објаснува Велкоска.
Еден чекор напред, три назад, ама нема откажување
„Лице в лице“ нуди и можности за вработување, но процесот за стигнување до фаза кога продавачот е подготвен за овој чекор е полн со предизвици и бара посветеност и трпение во градењето на навиките и во создавањето на условите. Во оваа насока, „Порака нова“ од Струга направи значаен чекор и го вработи единствениот продавач на списанието во тој град, Игор Шајноски, кој по седум години работа, стана препознатливо лице во ова место.
– За едно лице да е вклучено во работна активност, многу е важно објективно да се соочиме со способностите и да се направи евалуација на неговите капацитети и потенцијали – вели Анита Гаговска, секретар на „Порака нова“.
Таа појаснува дека на самиот почеток на продажбата на списанието во Струга, сите продавачи што биле вклучени биле одбрани според критериумите – да распознаваат пари и да имаат основни комуникациски способности.
– Без разлика дали продавачите се независни или не, со секој од нив беше присутен и волонтер на терен. Неопходна е и подготовка за работа на улица бидејќи таму ќе сретнат луѓе полни со интерес и со разбирање за нивната работа, но и со луѓе до кои не стигнала информацијата за тоа што го работат продавачите – вели Гаговска.
Целиот овој процес, како што објаснува, е своевиден филтер-период во кој продавачите и координаторите се запознаваат со продажбата од различни аспекти, истражуваат кои се начините за нејзино зголемување и во исто време согледуваат како да ја збогатат мрежата на контакти
– Растевме и созревавме со овој процес и увидовме дека продавачот може сам да го продава списанието, а координаторот ќе има улога на ментор што ќе одржува постојана комуникација со него и ќе ја следи динамиката на продажбата – вели Гаговска.
Таа посочува и дека, иако продавачот што го вработи „Порака нова“ е значително подготвен за работа, сепак во различни периоди има и забележливи падови и се соочува со значајни предизвици.
– Би издвоила еден предизвик на кој постојано работиме, а тоа е задржување на фокусот на континуирана продажба и гледање на големата слика дека овој процес долгорочно ќе му го промени животот.. Средината во голема мера влијае на однесувањето на продавачите и еден погрешен збор ги носи во сосема друга насока – додава Анита.