Додека чекаат трансплантација, освојуваат медали и пехари
Здружението „Нефрон“ со триумф на Првите меѓународни средби во Црна Гора. Токму во партнерство со „Нефрон“, Платформата за одржлив развој „Лице в лице“ организира настан на тема трансплантација и органодарување, кој ќе се одржи на 10 октомври (четврток), со почеток во 12 часот, во просториите на „Нефрон“.
Со шест медали од спортските натпревари, Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“, се врати од Меѓународните средби за дијализирани и трансплантирани пациенти, кои се одржаа минатиов месец во Пљевља, Црна Гора.
На овие средби учествуваа 12 членови од „Нефрон“, кои донесоа три први, две втори и едно трето место во дисциплините шах, пинг-понг и одбојка. Овој вкупен пласман и победите им овозможија на македонските учесници да го освојат Златниот пехар на Меѓународните средби, носејќи го дома по трет пат. Согласно со правилата на Мрежата SEEN Transplant, пехарот останува во трајна сопственост на „Нефрон“ како признание за континуираниот успех и залагање на здружението на овие престижни настани.
Освен спортските победи и едукативниот дел, голем повод за гордост беше и признанието што го доби претседателот на „Нефрон“, Душко Ѓоргиев. Тој беше одликуван со Плакета за исклучителна хуманост и животен оптимизам – признание кое го рефлектира неговото несебично залагање и континуирана борба за подобар дијализен третман и зголемување на бројот на органодарителства и трансплантации во Македонија и пошироко. Ова признание е уште еден доказ дека хуманата мисија на Ѓоргиев и неговата долгогодишна посветеност се ценети и меѓународно.
Со особена гордост го примивме Преодниот пехар за трети пат, што е големо признание за посветеноста на нашите членови и континуираните успеси на меѓународно ниво. Оваа победа не е само спортски триумф, туку и потврда за нашата долгогодишна заложба за подобрување на квалитетот на живот на дијализираните и трансплантираните пациенти во Македонија и регионот. Нашата мисија ќе продолжи со ист интензитет – да ги зајакнуваме пациентите и да работиме на зголемување на бројот на донори и трансплантации – изјави Душко Ѓоргиев, претседател на „Нефрон“.
Средбите во Црна Гора имаа за цел, не само да ги обединат пациентите преку спортски активности, туку и да понудат едукативна програма од значење за целокупната заедница на дијализирани и трансплантирани лица. Програмата вклучуваше предавачи од Црна Гора, Босна и Херцеговина и Хрватска, кои споделија вредни знаења за подобрување на квалитетот на животот на овие пациенти. Учесниците имаа можност да ги посетат знаменитостите на Пљевља, меѓу кои градскиот музеј, џамијата на Хусеин Паша Бољанич, Манастирот Света Тројца, меандрите на реката Чехотина и познатиот мост на Тара.
„Нефрон“, веќе двапати било домаќин на меѓународни средби во Македонија – во Струга во 2019 година и во Скопје во 2022 година. Од таму истакнуваат дека продолжуваат да работат на зајакнување на регионалната соработка меѓу пациентите и на зголемување на свеста за потребите на оваа заедница.
За сите учесници на настанот на кои им беше потребна дијализа, збратименото здружение НВО НЕФРО од Црна Гора обезбеди бесплатни дијализи.
Настанот се одржа во организација на Мрежата на дијализирани и трансплантирани пациенти на Југоисточна Европа – SEEN Transplant. Обедини пациенти и претставници од шест земји од регионот. Исто така, присуствуваа и значајни гости, меѓу кои претставници од Министерството за здравство на Црна Гора, Фондот за здравство, Директоратот за здравствена заштита и Клиниката за нефрологија на Црна Гора. Присуството на високи претставници од овие институции ја нагласува важноста на средбите и на Мрежата SEEN Transplant за регионот.
Од 2015 година, „Нефрон“ е активна членка на Мрежата SEEN Transplant и досега има учествувано на повеќе од десет настани во земјите од регионот, вклучувајќи Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Србија, Црна Гора и Романија. Благодарение на нивната посветеност, на повеќе од 100 пациенти од Македонија им беше овозможено да патуваат и да учествуваат на вакви меѓународни настани.
Со оглед на успесите и значењето на овие средби, интересот за организирање на настани во Македонија е во пораст. Во таа насока, „Нефрон“ доби ново барање од Мрежата SEEN Transplant за организирање на следните средби во 2025 година, што претставува голема чест и можност за понатамошна промоција на македонските успеси и заложби на меѓународно ниво.
Поддршка и нови перспективи за подобар живот пред и после трансплантација
Платформата за одржлив развој „Лице в лице“ во партнерство со Здружението „Нефрон“ организира настан на тема трансплантација и органодарување, кој ќе се одржи на 10 октомври (четврток), во просториите на „Нефрон“.
Овој настан е можност за размена на искуства меѓу пациенти кои живеат со донирани органи, оние кои се на листа на чекање, како и оние кои одлучиле да даруваат органи. Покрај пациентите, ќе учествуваат и нивните семејства, како и претставници од здруженија кои се активни во оваа област.
Целта на настанот е да се отвори искрен дијалог за предизвиците со кои се соочуваат овие луѓе, особено во однос на пристапот до социјални и здравствени услуги и можностите на пазарот на трудот. Ќе се разговара за подобрување на квалитетот на животот на пациентите, со фокус на секојдневните проблеми и начините како да се подобри системот за поддршка.
Собраните информации ќе бидат основа за понатамошни содржини и иницијативи насочени кон подигање на јавната свест за значењето на трансплантацијата и органодарувањето, кои ќе бидат споделени на платформите на „Лице в лице“.
Доколку сте пациент/ка што е на листа на чекање за трансплантација, ве молиме одговорете го прашалникот на овој линк.
Прочитајте и за други теми
- Една трансплантација чини колку една годишна дијализа
- Менторството како мост за промена: Од несигурност и страв кон самодоверба и самостојност
- Со „Лице в лице“ честитките множиме добрина, делиме радост
- Донаторска акција „Стопли детско срце“ – во Startup Club Skopje
- Хуманитарен настан во организација на ХЕРА: Промоција на креативноста на младите девојки и поттикнување на општествена солидарност