Жените во руралните заедници- обединети за промени
Жељка и нејзините сограѓанки се позитивен пример за активно учество на жените во создавањето на локалната политика и решавањето на актуелните проблеми во руралните заедници
Со својот проактивен ангажман, жените во земјава можат да бидат клучен фактор, вклучени во голем број развојни процеси и иницијативи. Тие отсекогаш имале голем потенцијал да бидат двигатели за позитивни промени во општеството и во заедницата. Тоа го докажува и Жељка Диклиќ Илиевска, жителка на кумановското село Пчиња, која заедно со уште неколку свои сограѓанки активно учествува во препознавањето и решавањето на најжешките проблеми во оваа рурална заедница. Еден од нив е проблемот со ѓубрето. Поради близината на кумановската дива депонија, ѓубрето постојано се трупа во селото.
Откако Жељка и нејзините сограѓанки констатирале дека комуналните служби не можат да го решат ова прашање, презеле конкретни чекори за подобрување на состојбата. По неколкуте одржани состаноци, донеле одлука кои точки треба да бидат презентирани пред општинските власти и се заложиле за нивно итно решавање.
– Откако се организиравме, добивме средба со градоначалникот на Куманово и успеавме да издејствуваме решение – поставување контејнери во селото Пчиња. Во октомври добивме контејнери со капаци што сега редовно ги празнат еднаш неделно. Нешто се промени на подобро. Има уште многу работа, меѓутоа се поместивме од мртва точка – вели Жељка.
Таа забележува дека македонските села треба да претрпат огромни трансформации бидејќи ги снемува поради огромните емиграции од село во град или надвор од државата. Потешките услови за живот, немањето водовод, канализација и соодветна инфраструктура, ги тераат и жителите на Пчиња сè почесто и во сè поголем број да го напуштаат селото.
– Неодамна учениците од подрачното училиште добија игралиште што предизвика огромна радост во селото. Понекогаш се потребни многу мали инвестиции за да се донесе нова енергија и свежина во секојдневјето на жителите од руралните делови, меѓутоа и до нив многу тешко се доаѓа. Ние не бараме нешто посебно и специјално. Само сакаме и нашата средина да биде рамноправно третирана и да нуди можности. Споменав градинка, споменав канализација, училиште, амбуланта, продавница со асфалтиран пат и јавен превоз… Зар тоа не е нешто нормално во денешно време? Јас не споменав ништо луксузно. Бараме да бидат задоволени основните потреби за живот на секој човек – вели Жељка.
Таа и нејзините сограѓанки се позитивен пример за активно учество на жените во создавањето на локалната политика и решавањето на актуелните проблеми во руралните заедници. Тие велат дека ќе продолжат да придонесуваат за подобрување на условите за живот во нивното село, но би сакале нивниот пример да го следат и другите жени во земјава. Сметаат дека особено жените, кои се во позиција да донесуваат решенија и кои се на работни места на кои се донесуваат одлуки, можат да бидат клучни катализатори за промени кон подобро во целата заедница.
– Жените можат да направат промени! Ние се залагаме за решавање на потребите на жените, меѓутоа важно е да се заложиме за сите категории. Да се разбудиме и да погледнеме прво во својот двор, па да излеземе на улица и да почнеме да се движиме, да направиме секоја точка, секое катче на нашата земја да биде добро за живот – завршува Жељка.