Живеење на „американскиот сон“ во кичевско Карбуница
Државите од Балканот мака мачат за да ги задржат младите дома. Ученици, работници, дипломци, цели семејства, по помалку или повеќе размислувањa, преиспитувања, се решаваат да го напуштат родниот крај во обид да ја побараат среќата надвор од земјата.
Иако нема официјални податоци, одредени истражувања и анализи укажуваат дека последните десетина години Македонија ја напуштиле околу 500 илјади лица. Причините за таквата состојба се многубројни, проблематиката е повеќеслојна – од политичка нестабилност, преку лоша економска состојба и ниски примања, до општествените околности со сите нелогичности, изместени вредности, ерозија на етичноста, перцепција за неказнивоста на новопечената квазиелита. Притоа, како дестинација за заминување се гледа западниот свет, најчесто тоа се европските земји, но има и многумина што заминуваат многу подалеку, преку океанот, со цел да го сонуваат американскиот сон…
[ihc-hide-content ihc_mb_type=”show” ihc_mb_who=”4,5″ ihc_mb_template=”3″ ]
Не течат сите реки по текот…
Наспроти текот на таа, навидум, несопирлива река луѓе, кои, веројатно, неповратно заминуваат кон „запад“, има и такви што се обиделе да пливаат спротивно од струјата и од „ветената земја“ да дојдат да живеат тука. Станува збор за Американец, кој е во Македонија за тука и да остане и кој во Кичево, поточно во село Карбуница, ја најде не само егизистенцијата, туку и смислата на живеењето.
Џеб Адамс од Вајоминг е обичен човек, но исклучителна личност. Дечар по душа, работник без замор. Него го знае цело Кичево, за жителите на село Карбуница е веќе староседелец, зборува перфектно македонски, дури и фразеолошки, но со интересен акцент што го открива неговото странско потекло. Веќе ги познава и македонските адети, кои со задоволство ги практикува. Од соселаните и роднините научил да одгледува пчели, да околчува ограда, да калеми, а садењето и одгледувањето овошје и зеленчук е веќе секојдневна практика…
Неговиот животен пат што го носи во Кичево почнува во 2000 година, кога преку Мировниот корпус е ангажиран како професор по англиски јазик во кичевската гимназија „Мирко Милевски“. По една свирка во кичевски клуб, каде што настапува со група составена од неколку кичевци, ја запознава Кристина, сестрата на еден од музичарите од групата. Тука му се изместува лежиштето, веќе и самиот е свесен дека младата професорка по книжевност и по англиски јазик ќе биде неговата муза и инспирација за неговиот иден пат и успех во Македонија.
Воениот конфликт во земјата во 2001 година ги принудува да заминат за САД, каде што го почнуваат својот заеднички живот, од професионален ангажман до формирање семејство. Неговата професија му наметнува чести и долготрајни отсуства од домот, при што му се поткопуваат идиличните замисли за спокоен семеен живот. Честите преселби од едно место во друго ги совладуваат успешно, сѐ до моментот кога стануваат родители. Новите околности значат соочување со речиси безизлезна ситуација, несовладливата спротивставеност на суровата реалност со идиличните замисли за среќен семеен живот. Тука се јавуваат и првите размислувања својата иднина да ја побараат назад, во Македонија…
„Мини-свет“ со многу љубов
– Работев на проекти надвор од домот. Кога живеевме во Александрија – Вирџинија, по два часа патувавме до работа менувајќи автобус, метро, па и пеш. На работа по цел ден, додека пристигнам дома веќе е мрак. Во Америка се живее брзо, напорно се работи, нема време за семејството, за пријатели уште помалку… Сѐ беше издржливо додека не се роди второто дете. Тогаш и падна одлуката, се селиме за Македонија, со водилка и за двајцата – никако назад, вели Адамс.
Почнуваат да ја планираат селидбата, со скромен буџет и план за тоа што би работеле во Кичево. Џеб се потсетува на загриженоста на неговите родители, пријатели, дека се работи за голема промена, заминување далеку, уште повеќе што за обичните Американци сè што е преку „барата“ е крај на светот.
– Планот да работиме со деца, да ги учиме странски јазици, ни беше изработен уште таму. Пред да дојдеме планиравме буџет, целата наша заштеда, со пресметка колку ќе ни требаат за првата година да преживееме тука, барем додека пуштиме корен. Мислевме дека ќе дојдеме тука, ќе работиме, ќе обезбедиме егзистенција, немавме поим дека таа приказна ќе заживее и ќе се развива толку добро – вели Џеб.
Веднаш по доаѓањето во Кичево изнајмуваат мал стан и со поддршка на родителите и на пријателите на Кристина, почнуваат да го реализираат замисленото, да отворат училиште за странски јазици.
-Тука сѐ беше полесно, поотпуштено, постои некаква блискост кај луѓето. Полека, полека училиштето го почнавме од нула, посветено, со цела душа внесени во проектот – вели Адамс.
Почнуваат работа со неколку ученици на курс по англиски јазик. Нивниот професионален пристап кон работата, пред сѐ беспрекорната посветеност и желба да се успее, е препознаена кај децата и родителите во Кичево. Десет години подоцна, нивното училиште има 20 вработени, со курсеви по повеќе јазици и степени. Но, тоа што ги прави поинакви од другите, е пристапот кон суштината и квалитетот на работата. Наставата во нивното училиште е ограничена на четири работни дена седмично. Спротивно на навиките и воспоставената практика во САД, но и тука, сметаат дека наставниците ќе бидат попосветени кон работата и поентузијастички ќе пристапат кон децата. Совладаниот материјал од децата и задоволството на родителите се потврда на исправноста во таквиот пристап.
– Децата се неверојатни, прекрасни, гладни за информации, сакаат да се изразуваат на англиски јазик. Зборуваме на разни теми, дискутираме за тоа што им е интересно… Работата е лесна кога се работи со такви деца. Тие слушаат, пишуваат домашни, независно што не добиваат оценки. Ние имаме создадено „мини-свет“ сите се ислушани, примени со љубов, се трудиме и верувам дека успеваме да се чувствуваат слободно, како дома – велат Џеб и Кристина.
Со здобиеното знаење нема да им биде проблем да положат каков било меѓународен испит за сертификат. Највисоките нивоа веќе учат и други јазици, наставата по германски или француски јазик се одвива на англиски, што дополнително влијае на знаењето.
Во рамки на училиштето и авантурата на семејството Адамс во Кичево, се јавуваат и семејства што имале намера да помогнат на некаков начин. На тој начин се обезбедени бесплатни курсеви за деца од ранливите категории, за семејства од ромската заедница. Така, секоја година во училиштето има 30 деца од ромската заедница, во повеќе степени.
Кичевска „Рапсодија во сино“
Разговарајќи со Џеб откриваме многу работи за тоа како е да се биде Американец во Кичево, како живеат и размислуваат луѓето во САД, што има тука во Македонија што е поинакво од светот.
– Просечниот Американец не е свесен колку може да се живее убаво во Македонија, истото тоа важи и за луѓето тука. И едните и другите се залажуваат од оној „американски сон“, а истото можат да го остварат и тука, се разбира, со труд, знаење и со многу напор… Многу е поинаку таму и тука. Тука гостинот е бог, така е третиран. Во Америка, доколку домаќинот е утредента на работа, нема време за пријатели, за вас. Можеби овде се претерува со спротивното, претеруваме ние со некои такви адети, но тоа е богатство, тоа е нешто што парите не го купуваат. Во Македонија, уште од првиот ден се чувствувам како дома – вели тој.
Според Адамс, овде секогаш е присутна поддршката од семејството, не дека тоа го нема во САД, но, како што вели, тука и најлошиот карактер фамилијата го трпи затоа што е „наш“…
– Во САД лесно се успева, но, исто така, и лесно се паѓа. Овде, за секој проблем може да се најде решение, дали кај пријател, дали кај роднина. Тоа што е, можеби, проблем тука е што луѓето и да немаат работа, како да не се возбудуваат многу, тука се мама, тато, ќе се преживее… И постојано ќе се жали на други причини, нема работа, се вработуваат политички, не се бара друга работа додека не се најде тоа за што е некој обучен. Тоа е разочарувачко за многу деца – споделува тој.
Сега Џеб, Кристина, со децата Марија и Лука, го живеат „американскиот сон“ во Карбуница, Кичевско. Сето слободно време надвор од професионалниот ангажман го користат за уживање во животот. Имаат купено земја во селото над градот, каде што планираат да градат дрвена куќа, но и голем парк, со клупи, фонтани, сцена за најразлични изведби, „место за бакнување“…
– Често луѓето нѐ прашуваат зошто успехот во работата на училиштето не го прошириме во други градови, како Битола, Скопје, на пример… Ние сме категорично против. Ова што го имаме тука не би го менувале за ништо затоа што токму од тие причини и заминавме од САД. Тоа би значело враќање на тоа од што и избегавме, премногу вложување, преголеми амбиции, малку време за живот, за семејството, за пријателите – вели семејството Адамс.
Како Џеб стана комита?
Сакајќи целосно да се интегрира во македонската заедница, во ова наше општество, Џеб не се воздржува да биде дел од сите случувања, локални манифестации, веселби, прослави.
Во една пригода, поканет е да биде дел од машко друштво што секоја година се собирa на Ѓурѓејца, на местото каде што на 4 август 1903 година прославениот војвода Јордан Пиперката извојувал победа над турски аскер. Средбата поминува со сите салтанати и содржини што следуваат – дружба, скара, веселба, пијанка. Тогаш најстариот и најредовниот „комита“ пред „соборците“ побарал тие што се првпат тука да ја положат свечената заклетва за верност на татковината. Така и Џеб бил дел од таа иницијација, па во согласност со сите адети и со задолжителното бакнување на револверот и на камата, станал комита без притоа и да знае, нешто што дури отпосле му станало јасно.
[/ihc-hide-content]