Знаеме ли како до забрзан и одржлив рурален туризам?
Се прокламираме како рурална земjа, а руралниот или алтернативен туризам досега беше на маргините, па искористеноста и вложувањата во него се минимални, речиси невидливи, додека некои земjи токму преку негова промоција значително придонесуваат за локалниот и регионален социо-економски развоj.
Концепцијата за одржлив развој е одамна на дневен ред во европското општество, но и кај нас, а синхронизацијата меѓу економскиот, социјалниот и еколошкиот развој особено се истакнува во секторот рурален туризам. Државата располага со богат фонд автентични, културни, природни и традиционални ресурси и производи, што, во согласност со глобалниот тренд во последните децении во руралниот туризам, нудат сериозни можности за развој на оваа гранка. Истовремено, уникатноста на приодот кон традиционалните производи кај населението е добра основа за создавање специфичен и унифициран модел и концепт за развој.
Руралниот туризам кај нас во поголемиот дел се сведува на престој во објекти за сместување во села или помали градови со ограничен број дополнителни активности. Сместувањето е во куќи, мали фамилијарни хотели и во други објекти што се во сопственост на претприемачите што постојано живеат во руралната средина.
И покрај позитивните аспекти, сепак сè уште постојат и пречки оваа гранка да го заземе местото што барем стратегиски му се доделува во индустриската политика.Немаме официјална дефиниција за поимот, ниту пак целосна законска регулатива. Во исто време, ниту централната, ниту локалната власт се доволно ангажирани во развојот на руралните средини, ниту пак соодветно се вложува во нејзина промоција што меѓу другото е резултат и на недоволното познавање на потенцијалот на недопредната природа.
Првиот стратегиски документ – Националната стратегиjа за рурален туризам за периодот 2013-2017 година е изработен во согласност со домашните и со меѓународните стратегиски документи. Но, сѐ тука застанува, документ имаме, но не и развој.
Инфраструктурата – патишта, осветлување, водоводи, канализации е во многу лоша состојба или речиси не постои, недоволно или воопшто не се обележани локациите и сместувачките капацитети, нема организирана понуда и промоција. На ова се надоврзува и податокот од нашето теренско истражување дека само пет отсто од националните и од локалните туроператори го промовираат руралниот туризам и нудат посети и сместувања во рурални средини низ Македонија, 12 проценти од сопствениците на капацитети имаат информација за мерки и за програми што го поддржуваат развојот на руралниот туризам, а 4 проценти од нив аплицирале за користење средства од државата и тоа само за две програми, ИПАРД и Програмата за рурален развој.
Кога говориме за компаративните искуства и примери, во согласност со анализите на World Tourism Organization и European Travel Commision, Европа како број 1 туристичка дестинација во светот, покажува тенденција на зголемување на бројот на туристи што користат продолжен викенд како начин на одмор од стресното живеење во урбаните средини. При изборот на дестинации за краток престој, предност имаат дестинациите што нудат разни форми на селски и планински туризам и спа-туризам.
Направеното меѓународно истражување (од проектот за подготовка на национална стратегија за развој на туризмот 2016-2021 година) со туристи од повеќе земји, кои практикувале рурален туризам во Бугариjа, како предности ги истакнале природните убавини, културното и историско наследство, гостопримливоста, фолклорот, непозната дестинациjа, односно нешто ново и невидено, убаво вино и одлични услови за развоj на зимскиот и алтернативен туризам.
Ако убаво се погледнат предностите, може jасно да се види дека сето тоа го има и нашата држава, но дали сме препознатливи по тие вредности? За жал, одговорот сѐ уште е не. Во однос на ограничувањата, токму тука може да се наjдат и дел од решениjата што може да ги преземеме за да не го минуваме истиот пат како земjите од регионот и да придонесеме кон забрзан, но и одржлив рурален развоj и туризам: недоволна информација, слабо развиена инфраструктура, jазична бариера, високо ниво на корупциjа, ниска цена – низок квалитет, ниско ниво на општествена сигурност.
Станува неопходност да се создаде поттикнувачка и овозможувачка средина за развој и за промоција на руралниот туризам и тој да добие приоритет на стратегиска гранка на туризмот, која подразбира отворање можности за вработување и за развој на сопствени мали претпријатија, но и да се интензивира соработката меѓу локалната самоуправа, сопствениците на капацитети и месните заедници за подобро искористување на средствата од различни фондови и програми.И секако, потребна е координирана и засилена локална, национална и меѓународна промоциjа, како и институционална и меѓусекторска поврзаност на сите фактори во секторот.
(Авторката е извршна директорка на „Рурална коалициjа“)