Гледај и слушај, Дурбин, Тема на месецот

Ттрансформацијата на општеството почнува од трансформација на образованието

Време на читање: 3 минути

Како би можел да изгледа еден час, на кој, меѓу другото, децата се поттикнувани да поставуваат прашања и да развиваат критичко размислување, не е задолжително да се седи во клупа, се учи преку примери и експерименти, учениците се и во улога на учители, а наставникот е отворен, мотивира и насочува. Ова се дел од аспектите кои уличното списание за одржлив развој „Лице в лице“ ги разработува во видеото насловено „Да се обидеме и вака“, кое ќе биде промовирано денеска, 26-ти октомври 2020 година, преку премиерно емитување споделено на социјалната мрежа „Фејсбук“. Премиерата на видеото ќе биде во 18 часот, по што публиката ќе биде поканета да го сподели, заедно со одговори за тоа како го замислува образованието од иднината, која е целта на образовниот процес, како да ја поттикнеме љубопитноста на децата и како тие да се изградат во одговорни граѓани кои што ќе придонесуваат во општествениот развој…
Видеото е изработено како почеток на кампањата на „Лице в лице“ која е на тема „Образование од иднината“, чиј клучен дел е и  42. издание на уличното списание, кое ќе биде достапно за своите читатели од утре.

Најновото, 42. издание на списанието за одржлив развој „Лице в лице“, како и кампањата која што ќе се одвива на социјалните мрежи, зборуваат токму за перспективата на образованието кое ќе создава генерации со вредности, во кое наставниците континуирано ќе се развиваат професионално и ќе креираат часови кои што ќе ја поттикнуваат љубопитноста кај учениците, ќе ги мотивира и ќе ги гради во индивидуалци, човечки капитал што ќе го движи општеството напред, кон одржлив развој.

Видеото кое го најавува новото издание на „Лице в лице“  е направено во соработка со иницијативата „Наука за деца“ и со основното училиште „Кирил и Методиј“ од скопско Стајковци, каде и беше снимано.
Извршната директорка на „Паблик“, издавач на списанието и главна уредничка на „Лице в лице“, Климентина Илијевски нагласува дека пандемијата го измести функционирањето на образовниот шаблон, но кризата треба да ја гледаме и како можност за пресвртница.
– До фактите денеска доаѓаме со еден клик на компјутер или телефон, а создавањето одговорна популација со критичко размислување што ќе создаде подобро општество, е процес во кој се вложува, зашто трансформацијата на општестовото почнува од трансформацијата во образованието – вели таа.

„Лице в лице“ ја обединува заедницата преку дигитална платформа
Списанието за одржлив развој, заедно со новиот број, промовира и дигитална платформа која е достапна за читателите на електронската верзија на „Лице в лице“ кои имаат годишна претплата на списанието или на единечно издание.

До крајот на ноември, читателите на „Лице в лице“ имаат бесплатна регистрација и пристап на платформата. Посетителите на кои што ќе им се допадне ваквиот начин на искусување на идеи донесени преку содржините на „Лице в лице“, можат да станат дел од заедницата на „Лице в лице“, обезбедувајќи си годишно членство (600 денари), со што ги добиваат сите содржини и иницијативи на „Лице в лице“ во текот на една година, или пак двомесечен пристап, кој чини 100 денари.

Платформата е креирана во склоп на проектот „Дигитализација на уличното списание `Лице в лице` за време COVID-19 пандемија”, со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Напишете коментар