Олга Рајчиќ и Бојан Китановиќ
Намалени приходи, зголемени трошоци, изгубени работни места, намалена бизнис-активност, се дел од негативните ефекти што станаа секојдневие за многумина. Пандемијата ја истакна потребата од финансиска писменост. Токму нивото на финансиска писменост на една личност може да ѝ помогне во градењето капацитети и вештини за соочување со финансиската ситуација и за управувањето на сопствените финансиски ресурси.
Неопходна е поголема финансиска едукација во основните и во средните училишта
Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) спроведе анкета меѓу средношколците, која укажува дека голем дел од младите имаат делумно знаење за финансиската писменост и сметаат дека имаат потреба од повеќе информации.
Тие мислат дека имаат најмалку познавање од доменот на пензискиот систем, осигурителниот сектор и финансиската политика. Најголем дел од нив посочиле дека за управување на паричните средства што им се на располагање се информираат од членовите на семејството, а помалку во училиштето. Овој податок ја афирмира идејата за потребата од поголема финансиска едукација во основните и во средните училишта.
НБРСМ спроведува активности за финансиска едукација, како клучна алка во своето работење, а финансиската едукација е една од приоритетните подрачја на институцијата. Финансиската (не)писменост, особено кај младите, како општествен проблем, е во фокусот на работа и на други организации и иницијативи од граѓанскиот сектор. Една таква иницијатива е проектот Финансиска писменост за млади, на „Глобал шејперс Скопје хаб“ (огранок на Глобал Шејперс – иницијатива на Светскиот економски форум), која има цел да допре до колку што е можно поголем број млади и да го подигне нивото на финансиска писменост. Вклучува обуки за финансиска писменост, кои се во соработка со Народната банка.
Финансиска писменост не е нешто што се случува преку ноќ. Целиот процес почнува со будење на интересот кај личноста да почне со истражување и со учење на овие финансиски концепти. Тоа може да се случи поради инспиративно предавање од некој професор, сензационални наслови на вестите и на социјалните мрежи, играње „Монопол“, разговор за инвестирање или, пак, прочитана статија во списание.
Токму затоа, „Лице в лице“ ќе биде уште еден канал за зголемена финансиска писменост меѓу нашите граѓани. Тимот на „Финансиска писменост“ во следните изданија ќе претставува различни концепти како личен буџет, штедење, задолжување, инвестирање и осигурување, а со тоа, вие, како читатели, ќе добиете зголемено знаење и информации.
Во следниот број ќе добиете насоки како подобро да го управувате вашиот личен буџет, а дотогаш рационално трошете и заштедете барем 20 проценти од вашите приходи.
Што значи финансиска писменост?
Самиот термин финансиска писменост претставува разбирање на финансиските концепти, финансиските ризици, како и поседување вештини, мотивација и самодоверба за примена на ова знаење во практика. Донесувањето ефективни одлуки и разбирањето на финансиските концепти се важни како за унапредувањето на финансиската благосостојба на поединците, така и за унапредување на општествено-економскиот развој.Само финансиски писмени и едуцирани граѓани можат да донесат правилни одлуки, кои влијаат непосредно на нивниот живот и на целата економија.
(Авторите се дел од „Глобал шејперс Скопје хаб“)