Борбата за климатска правда е битка за социјална и за економска еднаквост
СЀ ПОМНОГУБРОЈНИ СЕ И ПОЛИТИЧАРИТЕ ШТО НА КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ НЕ ГЛЕДААТ САМО ОД ЕКОЛОШКИ АСПЕКТ, ТУКУ И ОД СОЦИЈАЛЕН И ОД ПОЛИТИЧКИ АСПЕКТ. МЕЃУТОА, БРОЈОТ НА ПОЛИТИЧКИ ЛИДЕРИ ШТО, И ПОКРАЈ СЀ, И ПОНАТАМУ НЕ Ѝ ПРИСТАПУВААТ ОДГОВОРНО НА КРИЗАТА, СЀ УШТЕ Е ОГРОМЕН
Другарка ми Марија, од село ХY, која никогаш не јадела месо од „КФЦ“, никогаш
не летала со авион, никогаш не купувала алишта од „Зара“ и никогаш не возела автомобил, најмногу ќе страда од климатските кризи.
Другар ми Марко, од град YZ, кој на пауза од работа редовно јаде месо од „Бургер
кинг“, вечерата дома му е органска храна во пластично пакување долетана од странство, секој месец лета некаде, или на викенд или работно, неделно купува кошули од „Тудорс“ зашто модата му е поважна од сѐ и на работа оди со климатизиран автомобил зашто на велосипед многу се поти… Тој најмалку ќе ги почувствува
последиците од тоа што, впрочем, тој, свесно или несвесно, помалку или повеќе, го предизвикал со своите консумеристички навики климатските промени.
Марко не е земјоделец и е во доволно добра економска положба за да може да купи прочистувач на воздух, маска за надвор, или да се пресели кога неговата земја веќе нема да биде место каде што ќе може да се живее.
Двајцата, и Ана и Марко, се ликови од нашето секојдневие, но многу повеќе
од тоа, тие се социјални групи, општества и држави. Приказната за Ана и за Марко цели сликовито да го прикаже тоа што се нарекува климатска неправда.
Загревањето на планетата е брзо и драстично
Поимот климатска правда се користи за да се опише глобалното затоплување како етички и политички проблем, место како чисто еколошки проблем. Овој концепт упатува на фактот дека помоќните субјекти (држави, општества, групи, па и индивидуи), чијшто т.н. јаглероден отпечаток е многу поголем во споредба со тој на помалку моќните субјекти, како резултат на начинот на кој ги користеле ресурсите, значително помалку ќе бидат погодени од еколошките катастрофи.
Каде се случува неправдата?
На ова прашање одговор од прва рака ќе добиете од тие, чиешто вкупно егзистирање зависи директно од климата – земјоделците. Константното глобално затоплување на планетата е толку брзо и драстично, што ние како човечки вид, па и ниту еден друг жив вид на Земјата, не можеме да го усогласиме своето функционирање на промената што се случува. Многумина од македонските производители на домати зборуваат за тоа дека нивните домати многу брзо зацрвенуваат однадвор, додека одвнатре сѐ уште се зелени. Постарите земјоделци многу често спомнуваат и за тоа дека до пред 50 години ја саделе пченката со тоа што само го ставале семето во почва и очекувале уште истата вечер или барем следната да подзаврне доволно дожд за да изрти, така што многу малку биле зависни од човечки направен систем за наводнување.
Денес, искусуваме нешто многу поразлично. Сушите, особено во летниот период, можат да траат и до неколку месеци. Почвата се суши и до степен на распукување. Во одреден момент, по долга суша, паѓа пороен дожд, толку пороен што почвата нема капацитет да го впие тоа количество вода и се случува поплава. Многу од градинарските и од други земјоделски култури завршуваат уништени по ваквите непогоди.
Осиромашување на земјоделците
Во земји како нашата, земјоделството претставува главен приход за мнозинството семејства. Македонија е земјоделска држава. Земјоделците се професионалци што знаат како да одгледуваат храна и за тоа откупувачот на бербата ги плаќа. Кога сите овие земјоделски фамилии постојано инвестираат, а сушата и поплавите им ги уништуваат посевите, овие луѓе постојано инвестираат во проекти што пропаѓаат, а тоа ги осиромашува сѐ повеќе и повеќе.
Во меѓувреме, храната е примарната неопходност на секое живо суштество.
Човекот има постојана нераскинлива врска со храната. Истовремено, земјоделството е една од најстарите човекови активности зашто тоа е начин да се произведе и обезбеди храна за себе и за заедницата. Неможноста за земјоделско производство значи неможност да се произведе храна и да се нахрани нацијата. Гладот доведува до многу деструктивни општествени состојби, кои можат да ескалираат и до војна.
Многу од овие проблеми сѐ уште ни се чинат нереални и недостижни, но во земји како Индија и Кенија ова е нешто што веќе се случува. Но, и во Македонија веќе се случуваат процеси на опустинување на земјишта за кои постојат одредени записи дека биле многу плодни.
Експлоатацијата на текстилците е поврзана со климатската криза
Покрај земјоделците, во состојба на климатска криза страдаат и други групи. Особено социјални групи што и така веќе се во лоша социо-економска состојба. Шивачките се едни од нив. Брзата мода, која е толку брза благодарение на постоењето материјали како полиестерот, кој, практично, е производ на нафтата, во најголем број од случаите ги експлоатира текстилните работници и работнички до степен до кој многумина од нив мораат и да спијат на работните места или, пак, да ги носат на работа своите новороденчиња за да можат да ги надојат. Овие текстилни работници и работнички, за жал, се принудени да му слугуваат на овој нееколошки систем за минимална плата. Од друга страна, надвор од тие текстилни фабрики, бутиците се преполни нова облека секоја нова сезона, понудена за релативно прифатливи цени. Во таа стапица, потрошувачкиот ум на граѓаните не размислува
за реалната потреба, туку купува со страст и создава редовна побарувачка, која корпорациите се обидуваат да ја задоволат со континуирано, па дури и зголемено производство. Тоа значи дополнително црпење фосилни горива, дополнително производство електрична енергија и дополнително експлоатирање работници.
Ако ги поврзете сите точки, сфаќате дека целиот овој концепт на климатска неправда е еден многу компликуван и комплексен систем, заснован на експлоатација, нееднаквост и на неетичност. Неговата комплексност е толку совршена што е и многу тешко да се разберат и сфатат врските од една до друга точка, а тоа, дефинитивно, му оди в полза на моќниот консумеристички и нееколошки систем.
Исчезнување држави и појава на климатски бегалци
На неколку илјади километри оттука, три острови, буквално, исчезнаа минатата година, односно потонаа засекогаш со покачувањето на нивото на морето од топењето на сантите мраз. Овие три острови, територии на Хаваи, Русија и на Јапонија, не беа населени места, но, десетина населени острови, а некои од нив и исклучително островски држави, се очекува да исчезнат во годините што следуваат. Тавалу, Малдивите, Фиџи и Кирибати се само четири од многуте острови на кои им се заканува нивото на морето. Делови од овие острови, цели живеалишта и имоти,
се веќе засекогаш исчезнати под вода. Жителите на овие држави мораат да ги напуштат сопствените домови и да побегнат или на друг крај од државата, кој, исто така, се очекува да исчезне, или во сосема друга држава. Ваквата ситуација создава климатски бегалци, поим за кој допрва ќе се слуша.
Климатските бегалци не ги напуштаат своите држави само поради тоа што тие исчезнуваат под вода, туку, во други случаи, и поради тоа што нивните држави се соочуваат со таква суша што веќе не можат да произведуваат храна. На емиграцијата поради високо загаден воздух може да се гледа како на климатско бегство со оглед на тоа дека тоа придонесува кон глобалното затоплување.
Ова би значело дека и Македонија има климатски бегалци, земајќи го предвид фактот дека некои анкети покажуваат дека една од причините поради кои младите ја напуштаат државата е и загадениот воздух.
На секоја економска и социјална неправда мораме да гледаме како на елементи на едно системско јадро. Јадро, кое е создадено од неодржливо функционирање, неетичност и бескрупулозност.
Активизмот станува посилен и помоќен
Борбата за климатска правда во светот станува сѐ поактуелна. Граѓаните почнуваат да сфаќаат каква неправда им има нанесено еден глобално мал процент моќници и се обидуваат да си го вратат достоинството. Сѐ помногубројни се и политичарите што на климатските промени не гледаат само од еколошки аспект, туку и од социјален и од политички аспект. Меѓутоа, бројот на политички лидери што, и покрај сѐ, и понатаму не ѝ пристапуваат одговорно на кризата, сѐ уште е огромен.
Затоа, во светот веќе се водат илјадници парнични постапки против влади и против корпорации на различни основи, кои произлегуваат од неетично постапување кон животната средина и неодговорно соочување со климатските промени и кризи. Случај што е најблизок до нас е тој во кој косовската организација КОСИД во март годинава ја тужеше Владата на Косово за градењето на третата термоцентрала на јаглен во Косово, без притоа да дозволи засегнатото локално население да учествува во јавна консултација за влијанието на оваа термоцентрала врз животната средина, како што е одредено со законот.
Откако по примерот на Грета Тунберг, милиони луѓе во западна и во северна Европа и во Америка се кренаа на нозе за да бараат правда за себе и за своите деца, и во Македонија активизмот во оваа насока почна да станува сѐ посилен и помоќен. Протестите за чист воздух во Скопје и во други градови низ државата се, бездруго, протести за климатска правда, а со тоа и борба за социјална и за економска правда. Но, пред сѐ, борба за уживање на едно од основните човекови права – правото на чиста и здрава животна средина.
(Авторката е еко-активистка во движењето „Петоци за иднината“)
Илустрација: Зоран Инадески
Еден коментар на “Борбата за климатска правда е битка за социјална и за економска еднаквост”