Гледај и слушај

Да се откажеш од ќефот – доблест на 21 век

Беше еден ден пред Бадник и со дедо ми дебатиравме за огновите и дали воопшто се потребни, кога и така веќе имаме енормно загадување на воздухот.
– Ех, еден мал ќеф на обичните луѓе ќе им го скратуваш – рече тој.
– Ако обичниот човек не може да се откаже од еден мал ќеф, како би очекувале големците да се откажат од нивните ќефови – одговорив.
Тука и некаде е суштината на проблемот. Сакаме да си ги истераме нашите ќефови и да уживаме во моментните задоволства, дури и кога знаеме дека ни наштетуваат. Системот базиран на економски пораст нѐ убеди дека и смислата на животот е да уживаме во моментните задоволства и само нѐ стимулира да сакаме повеќе и повеќе. Толку многу сме се навикнале на моментните задоволства, па ни изгледа премногу тешко да се откажеме од нив. А решенијата лежат токму во откажувањето. Да се откажеме од комфорот на автомобилот за да го почувствуваме ветрот на велосипед. Да се откажеме од познатиот вкус на месото за да се заситиме со свежата салата, да се откажеме од леснотијата да земеме пластични кеси за да се помачиме со една платнена торба.

Овие примери, можеби, се банални во споредба со тоа колку индустриите и корпорациите  загадуваат. И да, може големината е различна, но, во суштина, предизвикот е ист. И моќниците и профитерите не сакаат да се откажат од своите моментни задоволства и скапи играчки на кои навикнале. Зошто некој би сакал помалку профит оваа година и со тоа помалку ќефови? Ако јас не сакам да се откажам од мојот ќеф, зошто некој друг би сакал да се откаже од својот? 

Затоа, загадувањето и климатските промени се, всушност, само симптоми, манифестација на нашето однесување и навики. Не треба да се бориме против загадувањето и климатските промени, туку треба да се бориме со нашата потреба за повеќе и повеќе, со човечката алчност. И Стивен Хокинг се согласува дека суштината на неодржливоста на системот е човековата алчност и додава: човековата глупост. Човечката глупост може да се реши со знаење и со образование, но човечката алчност е резултат на траума на „недоволност“ или на комплекс на ниска вредност. Таа недоволност бара цело време да ја храниме со хормони (невротрансмитери), кои моментно ни причинуваат среќа (задоволство), но брзо нѐ напуштаат. И така, цело време во магичен круг на бркање на следното задоволство, и следното, и следното. За да се чувствуваме привидно (површно) среќни. 

Дали, навистина, тоа што го бараме е нешто што е надвор од нас? Дали, навистина, нашата среќа и исполнетост зависат од надворешни стимуланси и моментни задоволства? Ајде да се свртиме навнатре кон себе и да се задлабочиме. Тоа што го знаеме со факти е дека за нашите навики и начинот на однесување планетата Земја плаќа огромна цена, а можеби и ќе ја одреди и судбината на човечкиот вид. Помислата дека спасот на човечкиот вид зависи од нашата способност да одолееме на нашите ќефови и моментни задоволства, можеби, и не дава голема надеж за иднината. Но, важно е да разговараме за ова, важно е да се поттикнуваме на „откажување“ и да ја зголемуваме малата критична маса на освестени луѓе што ја продлабоучуваат свеста кај себе и кај другите. Jас сакам да ја одберам таа страна. Не дека е полесно, туку дека е потешко. Секогаш откажувањето на почетокот се чини тешко и дава чувство дека нешто губиме. Но, тоа е само моментно, не грижете се, ќе помине. Се откажуваме од нешто сега за да имаме нешто понатаму. Можеби во ова време „со тешко“е посоодветен збор за убави намери, отколку „со лесно“. И откако по неколку пати „тешкотија“, потоа и лесно ќе стане, а чувството на задоволство ќе биде многу подлабоко и потрајно. Па така, ајде да почнеме со едноставни работи. Да се откажеме од пластичната кеса, дури тоа да значи да ги носиме производите во рака кога ќе ја заборавиме платнената. Да го јавнеме велосипедот и кога е студено надвор, и да ги намалиме месото и млечните производи и сè повеќе да се заситуваме со свежа салата и со коскести плодови. Не дека е лесно, туку баш дека е тешко! Тешкотијата на овој избор нема да нѐ повреди, туку ќе нѐ просветли! 

Напишете коментар