Да станеме подобри луѓе, а не робови на технологијата!
Поминаa петнаесет месеци од првиот случај на ковид-19, а светот сè уште не успеа да се соочи со новонаметнатите правила и потреби. Последиците се огромни – загубени животи, но и финансиска криза што ја доживува речиси секое семејство.
Агенција за вработување на Република Северна Македонија дава податок дека во првиот квартал на 2021 година имаме пораст од 66,3 проценти на невработени лица во однос на невработените лица од првиот квартал од минатата година. Освен што голем број луѓе го загубија своето работно место, добар дел и гo напуштија поради ризикот да го изгубат својот живот поради слабата здравствена состојба. Пандемијата успеа да го запре светот како никој досега. За еден месец карантин, природата успеа толку многу да се обнови и светот повторно да задише чист воздух.
[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]
Дали сме сведоци на освестувањето на поединецот?
Да претпоставиме дека пандемијата заврши и сите ние научивме да бидеме потрпеливи, пољубезни и поемпатични. Светот се враќа во нормала и сите ние им се враќаме на нашите обврски. Светот станува место каде што секој се пронаоѓа себеси и има можност да се грижи и да заработува за својот живот. Под наметката на човечноста има место за сите, доволно е само да си подадеме рака едни на други и заедно да чекориме кон иднината.
Сето ова е лесно да се каже, доколку, навистина, секој поединец во нашето општество се ангажира. За ефикасно соочување со невработеноста и за инклузија потребен е голем напор од властите, но и од поединците, кои ќе создадат целина и ќе ги научат младите на вистинските вредности.
А младите, плодната почва што ќе се посее со семе на учтивоста, емпатијата и на свесноста за можностите што им се понудени и за нивно правилно искористување, значат вродување здрав цвет и сочен плод што може да му донесе многу на светот.
За добрите вредности да бидат пренесeни, секоја индивидуа треба да биде свесна за нив. Почнувајќи од тие што во своите раце ја имаат моќта за промена на барем еден човечки живот на подобро. Сите да почнат од себе! Кога поединецот се менува, се менува општеството, а со тоа и светот.
Надеж дека ќе станеме подобри луѓе
Според моето мислење, најважната придобивка е моментот кога сфативме колку е драгоцена слободата. Колку многу вреди животот на нашите најблиски. Сфативме и дека благодарение на продавачите во маркет, редарите, сестрите и лекарите, ние имаме шанса за фер борба со вирусот. За првпат не ни беше важно од кој пол, вера, националност или со какви посебни потреби се луѓето што секој ден се на своето работно место и нè услужуваат. Зар требаше да ни се случи нешто големо, како пандемија, за да се вратиме на вистинските човечки вредности?! Можеби по сето ова, сите ние ќе станеме подобри луѓе. Ако сметаме на тоа дека извлековме голема поука од целата измината година – дека ништо не може да го замени човечкиот живот, треба да сметаме и на тоа да не ѝ станеме ние робови на технологијата, туку да ја искористиме најдобро што можеме за да таа ни послужи нам.
Наш е изборот на која страна ќе бидеме, дали поради себичноста и гордоста ќе го оставиме светот со безброј бездомни лица, питачи, тажни и болни луѓе, или ќе се бориме за човештвото и ќе создадеме промени во барем еден човечки живот.
Човечноста треба да ни биде главна карактеристика, а упорноста и истрајноста да ни се придружници до ваквата цел. Што ќе му е животот на човекот, кога е исполнет само со материјалното, а душата е празна како последица на тоа дека можел да помогне, а не го сторил тоа, можел да биде љубезен, а не е, можел да создава, а не да урива, можел да даде љубов, а не го прави тоа.
Технологијата ни ги олесни животот на милион начини, но не може да подари љубов и топла насмевка. Знаеме дека стрпливоста на шалтер во аптека е наградена со насмевка од Нина, кафето подготвено и послужено во „Umbrella“ е некако поубаво од обично, а ние станавме верни поддржувачи на сите храбри луѓе што не се покоруваат пред животот.
(Авторката е студентка, извидник и волонтерка)
[/ihc-hide-content]