Дебела си, личиш на кит!
Фотографии: Кристина Затуровска
Илустрација: Лирим Хоџа
Навредите или говорот на омраза против луѓето со вишок килограми, особено жените, е многу присутна појава во нашето општество. Често се случува овие лица да се нарекуваат со навредливи зборови како што се: дебела, крава, кит… , а говорот на омраза се случува и лице в лице, но и виртуелно.
Повеќето од нас сигурно сме биле сведоци на многу грди настани каде што јазикот на омраза кон луѓето со вишок килограми се изразува во прилично високи дози.
[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]
Од каде ни е правото да судиме?
Весна Цветаноска се бори со вишок килограми уште од дете, но тоа не ја спречи да биде успешна жена на работа и во опкружувањето. Таа ни раскажува колку ѝ било тешко да се интегрира во општеството поради нејзиниот изглед. Вели дека говорот на омраза кон луѓето со вишок килограми е особено застапен кај девојките на возраст до 30 години. И покрај тоа што е 21 век, додава таа, луѓето сѐ уште имаат многу ограничувања во размислувањата.
– Во една околност, еден носител на јавна функција ми рече: „никогаш нема да ти помогнам да оствариш нешто повеќе и да се вработиш затоа што изгледаш како што изгледаш, како што не треба да изгледа една девојка“. Кога го прашав според кој критериум оценува како треба да изгледа една личност, тој ми рече: „сигурно не како тебе“. Се погледнав во огледало и си реков мене ништо не ми недостига, освен што имам вишок некој килограм. Размислив и решив дека нема потреба јас да се менувам за средината, таа треба да го смени својот став кон мене – раскажува Весна.
„Јас ти кажувам за твое добро“
Технологијата и социјалните мрежи му дадоа друга димензија на говорот на омраза против луѓето со прекумерна тежина.
Кика Аверио е познат лик на социјалните мрежи. Таа промовира професионални вредности, но и позитивен став за сите жени што не се чувствуваат удобно со или во своето тело. Според неа, најтажното е што добар дел од јавноста како да мисли дека луѓето со поголем број килограми не смеат да си го живеат животот – најнормално, како и секој друг.
– Без разлика каква фотографија и да се објави, од обичен портрет до фотографија од некое животно достигнување, сепак муабетот во коментарите се насочува кон килограмите. Многу луѓе ги мешаат привлечноста и почитта, го почитуваат само тоа што им е привлечно, а сè друго сметаат дека заслужува навреда или потсмев. Голем дел од овој говор на омраза е маскиран со лажна грижа за здравјето: „јас ти кажувам за твое добро“. Вистината е дека е многу лесно да се одреди кој коментар е говор на омраза, а кој, навистина, се грижи за здравјето на индивидуата – вели Аверио.
Дискриминација на влез во продавница
Говорот на омраза низ социјалните мрежи не се шири само во коментари, туку и низ авторски текстови. Пред извесно време една млада девојка објави текст на „Твитер“:
„Никогаш не можеш да бидеш дебел и убав… сѐ има граница!“
Текстот беше придружен со многубројни реакции. Младите девојки изразуваа револт против неоснованите предрасуди. Меѓутоа, во нашето општество дефиницијата за убавина останува отворено прашање.
Анита Гаговска, секретар на „Порака Нова“ од Струга, гледа убавина надвор од физичкиот изглед. Убавината за неа е прво човек да се сака себе, да се чувствува убаво во својата кожа, сигурно, да верува во своите способности, да се чувствува посебно, моќно, убаво, привлечно. Таа како дете се соочувала со вишок килограми и со години била принудена да држи бесконечни диети за да биде во рамките на стандардите за убавина поставени од нашето општество. Признава дека ако човек е надвор од овие стандарди во нашето општество, тогаш е дискриминиран на различни начини.
– Јас само можам да потврдам дека лицата со вишок на килограми, мажи и жени, имаат проблем со дискриминација во нашето општество. Можеби во последно време жените се погласни во одбрана на своите права. Луѓето со вишок килограми, на некој начин, се осудени да носат гардероба што e достапна на пазарот и не е таква каква што тие сакаат да биде. Кога живеев во Шпанија пред 13-14 години, кога во Македонија сè уште не беа дојдени толку многу трговски марки, цимерката ме праша зошто толку често носам здолништа, а не фармерки. Ѝ одговорив дека нема број за мене. Отидовме заедно да побараме и прво што очекував е продавачката да ме погледне чудно, ама не се случи тоа, туку, напротив, сите гледаат да помогнат да се најде соодветно бројче. За разлика од кај нас, каде што има поглед: „Што бараш ти овде?“ И тоа, буквално, е дискриминација, уште на самиот влез – вели Анита.
Обележаноста носи последици
Училишниот психолог Ана Попризова смета дека проблемот на луѓето со вишок килограми е општествен и социјален , а дури потоа и индивидуален проблем. Ова е комплексно, вели таа и допира аспекти на јавното здравје во едно општество – врската меѓу обележаноста за тежина и јавното здравје, како и генетичките, емоционалните и здравствени последици од обележаноста за дебелината кај единката.
Најчесто се третира како индивидуален проблем на личноста, но доколку се погледнат пошироко причините, ќе се дојде до сознание дека, во основата, ова е општествен, економски, социјален и здравствен проблем на една држава.
– Кога детето е изложено на говор на омраза, тоа има далекосежни последици врз неговиот психофизички развој. Ова се однесува и на случаите на деца со прекумерна тежина. Жртвата се чувствува несигурна во себе, чувствува срам и вина дека не може да се соочи со овој проблем. Тоа често доведува до повлекување во себе, чувство на помала вредност, неприфаќање на сопственото тело и изглед, тага, депресивност, анксиозност… – појаснува Попризова.
Во тој случај, вели таа, социјалните контакти се намалени, а често изостанува и поддршката од семејството или училиштето, а придружни ефекти се и здравствените проблеми како дијабетес, срцеви заболувања и слично.
– Постои една перцепција дека обележувањето на децата со вишок килограми може да ги мотивира за здрава исхрана и вежбање. Неретко се случува родителите, наставниците по спорт или врсниците да му кажат на детето: „Дебело си!“ Ова има големи последици врз самодовербата на детето, сликата за себе и за сопственото тело, себеприфаќањето и грижата за себе. Детето ќе чувствува дека не е доволно добро за да го прифатат родителите, наставниците или врсниците. Немајќи поддршка и вештини за соочување, голема е веројатноста дека ќе западне во кругот на прејадување за да ја намали емоционалната напнатост. Или ќе почне да „држи диета“ што може да доведе до појава на анорексија или булимија, нарушувања на исхраната, особено кај девојчињата, додека момчињата се посветуваат на напорни тренинзи – нагласува Попризова.
Оваа содржина е поддржана преку регионалната програма „Отпор кон дезинформации и говор на омраза: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција”, што се спроведува со поддршка од Европската унија, од страна на партнерските организации од регионот: СЕЕНПМ, Македонски институт за медиуми, Албански медиумски институт, Медијацентар, Косово 2.0, Црногорски институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировен институт и Бианет.
Содржините во текстот се единствена одговорност на авторот и на уличното списание за одржлив развој „Лице в лице“ и во никој случај не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Европската унија.
[/ihc-hide-content]