Лице в лице тема, Магазин

На хартија во затвор, во практика – нормално

Фотографии: Кристина Затуровска

„Ненормален, ретардиран, ментален, идиот, имбецил, нездрав, будала, за гревота…“
Ова се само дел од зборовите што ги користиме во секојдневната комуникација без трошка совест дека ќе повредат некого. На работа, во маркет, на улица, во секојдневната комуникација „во живо“ и на интернет, лицата со попреченост често се среќаваат со говор на омраза. Од некои намерно, од други, пак, сосема случајно се употребуваат зборови што можат да допрат до нивните емоции.

Речиси редовно се однесуваат на лицата со попреченост. Искажани кон нив, несомнено означуваат говор на омраза.

Иако, кога стручњаците зборуваат за говор на омраза, посочуваат дека тоа се случаи на екстремно негативен говор (најчесто во судска практика), оваа непосакувана појава ја препознаваме во сите форми на изразување што шират, поттикнуваат, промовираат или оправдуваат омраза заснована на нетолеранција, врз која и да е дискриминаторска основа. Така, за говор на омраза го сметаме тој начин на изразување што промовира омраза кон едно или повеќе лица поради нивните лични карактеристики или припадноста кон одредена група или заедница.

Говорот на омраза носи психолошки предизвици

Во земјава говорот на омраза води кон кривично дело што се казнува со затвор од една до пет години,но, во практика, ваквиот начин на однесување е прифатен како нормален. Говорот на омраза самиот по себе не е кривично дело, но е регулиран од кривичен аспект, според повеќе елементи пропишани во Кривичниот законик. Има неколку кривични дела што се поврзани со говорот на омраза – загрозување на сигурноста, предизвикување омраза, раздор, нетрпеливост врз основа на која било дискриминаторска основа, каква било дискриминација, вклучително и врз интелектуална или телесна попреченост итн.

Оваа негативна појава треба да ја разгледуваме со исклучително внимание, особено кога станува збор за ранлива категорија сограѓани. За нив, навредливите зборови значат девалвирање на нивните способности, за кои тие самите, но и организациите што работат на нивна инклузија, вложиле долгогодишен труд, напор во насока на еднакво општество. Наспроти ова, говорот на омраза кон нив им прави предизвици и во психолошка смисла, да се чувствуваат „помалку вредни“, а сето тоа е само поради нивна индивидуална карактеристика, односно само поради тоа што се.

Зошто да премолчуваме навреди?

Триесет и двегодишниот Игор Шајноски од струшкото село Радожда е лице со Даунов синдорм, коe ѝ е добро познатo на јавноста по уривањето рекорди во продажбата на уличното списание „Лице в лице“. Вработен е во Центарот за подобрување на квалитетот на животот на лицата со интелектуална попреченост „Порака Нова“. Шајноски смета дека граѓанската свест за говорoт на омраза треба да ја кренеме на повисоко ниво.

– Сакам да им покажеме на сите дека вистински работиме и сме способни за работа! Со продажбата на уличното списание јас придонесувам во семејниот буџет и среќен сум што работам. Им порачувам на политичарите да работат на намалување на говорот на омраза, не само кон ранливите, туку и, воопшто, кон сите граѓани – вели Игорче.

Кога го продава списанието, тој учтиво претставува дел од содржината. Но, вели, често наидува на непријатни ситуации. Некои веднаш го бркале да не им се приближува, со изговор дека е пандемија, други, пак, дрско и навредливо се однесувале кон него. Дали овие луѓе ќе се однесуваа вака и со лице што нема забележлива попреченост? 

Игор нагласува дека многумина сакаат да се фотографираат со него или, пак, да испијат пијалак заедно. Тие го мотивираат и го тераат да продолжи да работи.  Во непријатните ситуации, кога кон него се нафрлаат со говор на омраза, вели дека премолчува и се повлекува од местото, но имало и моменти кога не можел да го потисне бесот.

– Кога некој ќе ми се обрати дрско, јас упорно зборувам со цел да ме ислуша што нудам. Некои луѓе го купуваат списанието, но има и такви со тврд став, кои ме навредуваат. Во такви ситуации само со трпение се контролирам да не им возвратам и удирам на списанието или на маса за полека да го испуштам бесот – раскажува Шајноски.

Негативно наследство со далекосежни последици

Игор е воспитуван да биде смирен, да ги почитува сите луѓе. Но, кога се соочува со спротивни појави и однесувања од тие на кои работеле со семејството и „Порака Нова“, се обидува да ги надмине, често демотивирајќи се.

– Некогаш му се восхитувам на смиреноста и на тоа како ги контролира своите реакции. Има висок степен на трпение. Често разговараме, му објаснувам дека сите луѓе се различни и не реагираме сите исто на работите – истакнува менторот на Игор, Стефан Малески.

Тој објаснува дека, во секојдневната комуникација со луѓето на терен, се обидуваат да ја разбудат свеста кај населението дека Шајноски е продавач, кој нуди квалитетен производ oд чиешто купување има двојна придобивка – поддршка на неговото вработување, но и квалитетни теми што влијаат освестувачки на публиката.

Анита Гаговска, секретар во „Порака Нова“, појаснува дека, иако несвесно, сите ние во секојдневната комуникација користиме навредливи зборови, кои може длабоко да допрат до лицата со попреченост.

– Да се освестиме самите ние кои термини ги користиме кога разговараме со роднини и со пријатели, но и со луѓе што не ги познаваме. Ненормален, ретардиран, идиот, се термини што непосредно се однесуваат на лицата со попреченост. Најверојатно се произлезени од нашиот традиционален говор и се останати како едно негативно наследство, но се многу подлабоки и носат далекосежни последици – вели Гаговска.
Работејќи со лица со попреченост, и самата се соочила и била сведок на говор на омраза.

– На социјалните мрежи има ситуации во кои родители на лица со попреченост се толку гласни и навредуваат, што користат говор на омраза кон другите граѓани. Дури и ние, лицата што работиме со нив често сме нападнати со говор на омраза од семејствата на лица со попреченост – забележува Гаговска.

Да спречиме образованието да биде расадник на омразата

Со говор на омраза се среќаваме и во практиката кога зборуваме за примена на Законот за основно образование, во делот на инклузија во образовниот систем на лица со попреченост. Дефектологот во основното училиште „Браќа Миладиновци“ од Струга, Соња Маџоска, работи и како специјален едукатор со седум деца со различна попреченост во посебна училница во училиштето. Во 20-годишното работно искуство со лица со попреченост, тврди дека и покрај многуте обиди, немало ефект за спречување на говорот на омраза врз основа на лична карактеристика.

– Многу ме погодува кога ќе слушнам говор на омраза кон моите ученици само поради тоа што се лица со попреченост. Речиси немам поддршка од колегите во соочувањето со оваа ситуација. Сум слушнала разни навреди од страна на моите колеги дека не можеле да ги трпат родителите кога доаѓаат на врата да ги донесат своите деца со попреченост, па како мирисало кога ќе поминат од кај нашата училница, дури не сакаат ниту да влезат во нашата просторија  – вели Маџоска.

Таа посочува дека инклузијата во нивниот случај значи дека се во истото училиште со ученици со типичен развој.
– Многу често се соочуваме со навреди и со говор на омраза. Веќе сме некако и навикнати на тоа. Го гледаме манифестирањето во однос на соработката за различни настани. Гледам дури дека учениците со типичен развој се плашат од учениците со попреченост, за што вината ја гледам во општеството. Се соочуваме и со недоволна информираност од страна на родители и наставниците – додава Маџоска.

Повисок ризик за говор на омраза кон луѓето со попреченост

Податок на Агенцијата за основни права на Европската унија посочува дека 50 проценти од лицата со попреченост пријавиле дека биле малтретирани, што е значително повеќе, од просекот од 37 проценти кај лицата без попреченост:
„Слично како и со другите дискриминирани луѓе на ниво на ЕУ, луѓето со попреченост се со повисок ризик да бидат жртви на говор на омраза и на криминал од омраза. Така, лицата со интелектуална и сo физичка попреченост се изложени на повисок ризик од малтретирање, насилство и криминал, вклучувајќи ги интернетот и  дигиталните канали“, наведува Агенцијата за основни права на ЕУ.

„Одлучив да се посветам на љубовта. Омразата е преголем товар за да се носам со неа“- Мартин Лутер Кинг

Оваа содржина е поддржана преку регионалната програма „Отпор кон дезинформации и говор на омраза: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција”, што се спроведува со поддршка од Европската унија, од страна на партнерските организации од регионот: СЕЕНПММакедонски институт за медиумиАлбански медиумски институтМедијацентарКосово 2.0Црногорски институт за медиумиНовосадската школа за новинарствоМировен институт и Бианет.
Содржините во текстот се единствена одговорност на авторот и на уличното списание за одржлив развој „Лице в лице“ и во никој случај не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Европската унија.

1 thoughts on “На хартија во затвор, во практика – нормално

Напишете коментар