Градење партнерства – клучен лидерски императив за 21 век
Предизвикот за лидерите е јасен - невозможно е да се постигнат Целите за одржлив развој без забрзување и зголемување на обемот на ангажманот на приватниот сектор и зголемување на заедничките акции на бизнисот, владите и на граѓанското општество
Промените може да се случуваат само со заеднички напори. Историјата ја потврдува оваа лекција: „Маршаловиот план“ беше класичен пример за тоа како глобално партнерство на голем број засегнати страни резултираше со обновување на економијата и на инфраструктурата на западните земји разурнати во Втората светска војна. Ова стимулираше инвестиции и создавање работни места во Европа. „Маршаловиот план“ се смета за голем успех затоа што придонесе за значителен пораст на домашниот бруто-производ (БДП) во западноевропските земји што беа вклучени во него и придонесе во обновата на хемиската, машинската и на челичната индустрија.
Ваквите партнерски платформи често бараат партнерства кај тие што, инаку, тешко би седнале на иста маса.
[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]
Партнерството носи придобивки за сите вклучени страни
– Да замислиме партнерство меѓу бизнис и граѓанска организација. Фактот дека секој од овие ентитети оперира во својот меур сугерира дека е сосема можно секој од идните партнери да има некоја своја интерна перцепција за намерите на евентуалното партнерство – објаснува Небојша Илијевски, консултант за партнерства и за одржлив развој.
Според него, бизнисот често е со перцепција дека сѐ што прави надвор од конкретните деловни акции е, всушност, неговиот придонес кон општеството – неговата општествена одговорност. Граѓанските организации, пак, се често на другиот крај на овој однос и чувствуваат дека некој им прави некаква услуга низ ова партнерство.
– Целисходното партнерство има заедничка намера. Таа се наоѓа надвор од двата круга со кои симболично ги опишуваме меурите во кои одделно дејствуваат бизнисот и граѓанските организации. Намерата што овие партнери треба заеднички да ја усогласат му служи на системот или на актерите во системот – на локалната заедница или на маргинализираните или на екологијата, на пример, а придобивки имаат сите вклучени страни – вели Илијевски.
Овие сојузи, колку и да се предизвик, на крајот даваат голем ефект. Предизвикот е повеќе сегменти од економијата и општеството, во исто време, да се ангажираат во иновации. Едните ќе се плашат дека ќе загубат одреден аспект доколку нивниот фокус кон некој проблем е занемарен, на пример – кон климатските промени. Така, тие може да ги сопрат напорите што сметаат дека би довеле до загрозување на работните места или испуштање економски пригоди, како резултат на конкретната борба против глобалното затоплување. И обратно. Политиката насочена кон технологија и создавање нови работни места во индустријата за едни ќе биде придобивка, но кај другите ќе предизвика отпор, доколку сметаат дека тие економски придобивки ја уништуваат животната средина.
Пандемијата остава долгорочни последици за економскиот развој, јавниот долг, вработувањата и благосостојбата на човештвото. Ова, пак, ги продлабочува климатските и социјалните кризи што и пред пандемијата ја загрозуваа планетава. Ако се остават овие проблеми без реакција, светот, откако ќе заврши пандемијата, ќе биде уште понеодржлив, со поголема нееднаквост и поранлив. Парцијални мерки и привремени „поправки на дефектите“ нема да го спречат ова сценарио.
– Пандемијата јасно укажа на интерзависноста во светскиот синџир на набавка.
Кога на транспортните докови во Шангај нема луѓе поради протоколите за ковид-19, остануваат празни и рафтовите во речиси сите индустрии на глобално ниво. Паралелно, во овој глобален контекст, можеби пандемијата ќе ни помогне оваа сега очигледна глобална зависност да ја пресликаме и на локален контекст и на сфери различни од индустриската – вели нашиот соговорник Илијевски.
Социјалната политика, здравството и образованието, на пример, според него, се сфери што јасно ги одразуваат интересите што директно го засегаат секој граѓанин.
– Брзината на развојот на општеството зависи од брзината и од капацитетите на најинертниот во него, исто како што колоната планинари би стасала заедно, како група, на врвот ако се движи со темпото на најбавните. Се чини, се работи само за тоа каква намера имаме како група, како систем – додава Илијевски.
Глобалните партнерства како клучни фактори за Агендата 2030
Гиб Булок е автор и светски познат поборник за одговорноста на приватниот сектор во создавањето одржливо општество, кој пред неколку години, како говорник на Форумот на добри компании, беше во Скопје. Во интервјуто што го даде тогаш за „Лице в лице“, посочува:
– Ако сакаме да го менуваме светот преку бизнисот, тогаш мора прво да размислиме како најдобро да го промениме бизнис-светот.Општествените проблеми можат да бидат нови бизнис-можности. Ако бизнисот се вклучи во решавањето на овие предизвици, тоа може да биде голем исчекор. Новите дигитални технологии и иновативни механизми на финансирање ќе помогнат да се катализираат нови, хибридни бизнис-модели што ќе ја комбинираат ДНК на најдоброто од приватниот сектор, со способностите и искуствата на граѓанскиот и на јавниот сектор.
Булок изјавува и дека компаниите мора да имаат многу поголема улога во остварувањето на ЦОР, отколку што имаа претходно:
– Но, за да се случи тоа, граѓанското општество мора фундаментално да ја редефинира својата врска со бизнисот со тоа што ќе ја смени конфронтацијата со соработка – изјавува тој за медиумската платформа за глобален развој „Девекс“.
Агендата 2030 на Организацијата на обединетите нации (ООН) претставува амбициозен план за постигнување 17 клучни цели на одржливиот развој (ЦОР или SDGs), кои во себе инкорпорираат 169 посебни точки. Целите се интегрирани меѓу себе и нераздвоиви балансирајќи ги економските, еколошките и социјалните димензии на одржливиот развој. Тие се и меѓузависни, а глобалните партнерства се клучните фактори за нивно остварување. Затоа и токму партнерствата се една од 17 цели во Агендата 2030 на ООН. Без партнерства, не е возможно да се оствари ниту една од преостанатите 16 цели на одржлив развој.
Владите, компаниите и граѓанскиот сектор не можат поединечно да придонесат кон ефективно спроведување на Агендата и кон остварување на ЦОР. За сите да имаат придобивки, секој мора и да придонесе во нивното реализирање.
ООН регистрира повеќе од 3.800 мултистејкхолдер-партнерства и доброволни ангажмани што адресираат 167 цели во рамки на 17 цели за одржлив развој. Иницијативите се протегаат од глобални ангажмани од голем обем за здружена акција, па сѐ до мала соработка со локален придонес. Вклучени се агенции на земјите-членки, невладини организации, глобални корпорации, локални кооперативи. Оваа разновидност на ЦОР-партнерствата е една од нивните силни страни и прецизно го одразува нивото на глобалниот ангажман во постигнувањето на одржливиот развој.
Бизнисот игра клучна улога
Светскиот економски форум посочува дека приватниот сектор има клучна улога во тоа што значи предизвик за човештвото во овој постпандемиски период.
Предизвикот за лидерите е јасен. Невозможно е да се постигнат ЦОР без забрзување и зголемување на ангажманот на приватниот сектор и заедничка акција на претпријатијата, владите и на граѓанското општество. Потребни се акции од компаниите, но се недоволни за да се забрза трансформацијата и системската промена што води до одржлив развој.
Градењето ефективни партнерства, особено меѓусекторски, бара нов начин на мислење и вештини на страната на индивидуалците и нови капацитети и иницијативи на страната на институциите. Овој процес бара стрпливост, упорност и долгорочна посветеност во ерата на брзи технолошки промени и притисок за краткорочни резултати врз компаниите и политичките лидерства.
Ништо од ова не е лесно, како што се вели во резимето на извештајот на Харвардската бизнис-школа, насловен „Партнерства за одржлив развој“.
Но е есенцијално доколку сакаме да постигнеме напредок во обемот на системскиот придонес што е потребен. Без поголем број и поефективна соработка на релација бизнис со бизнис и меѓусекторска соработка – нема да биде возможно да се мобилизираат ресурсите и капацитетите потребни за постигнување ЦОР.
Продуцирање пораст со вредност за сите
Способноста да се мотивираат и седнат на маса засегнати страни за да кокреираат ефективни партнерства станува еден од клучните лидерски императиви за 21 век. Или, како што вели професорката Хилари Котам, британска авторка, иноваторка и социјална претприемачка, во својот труд „Благосостојба 5.0: зошто ни треба социјална револуција и како да се случи“:
„Наоѓањето решенија за глобалните проблеми бара организациите да соработуваат на фундаментално нови начини – на ниво на држава, бизнис и граѓанско општество. Заедно, тие може да ги реформираат пазарите со цел да продуцираат пораст што испорачува вредност за целата јавност. Градењето симбиотички екосистеми бара нови алатки и нови форми на соработка“.
Котам ја редефинира улогата на државата во оваа соработка. Место само да биде коректор на пазарот, таа може да стане активен кокреатор на вредност:
„За да ги зацврстиме нашите капацитети и да создадеме услови за човечки и еколошки процут, нам ни треба структурна трансформација на економијата. Нови модели на сопствеништво, нови форми на инвестирање и финансирање со долгорочни хоризонти и нова лидерска улога за остварување на овие мисии и вредности. Во ова што го нарекувам Револуција 5.0. социјалните, еколошките и економските цели веќе не може да бидат раздвоени: тие се меѓусебно поврзани и се интегрален дел од нашиот нов процут“, вели Котам.
Таа додава дека трансформацијата бара планска транзиција. Мора да изникнат нови социјални системи во рамките на новата социјална економија на соработка.
„Основните принципи што мораме веднаш да ги прифатиме вклучуваат: поширока дефиниција на ресурсите (да се вклучат времето, вештините, врските и природниот капитал), акцент на релациите и реципроцитетот; инвестициски модели што го стимулираат порастот на хоризонталните конекции, според локалните временски рамки, приоритети и автономна партиципација (како спротивност на моментните вертикални, големи инвестициски понуди и услуги)“.
Локална призма: социјално претприемаштво
Добар пример за функционирањето на партнерствата што имаат ефект во остварувањето на ЦОР е концептот на социјални претпријатија како бизнис-модел, а клучна е поддршката што можат да ја добијат од државните институции во остварувањето на своите цели за општествен импакт. И земјава, во својот локален контекст има извесен напредок на ова поле.
– Јасно го согледавме значењето на партнерствата меѓу државните ентитети и бизнис-заедницата. Токму тоа беше една од главните причини зошто го отворивме првиот јавен повик за поттикнување на социјалното претприемаштво и ги вклучивме „Бизнис-импакт лаб“ и „Паблик“ заеднички да создадеме вистински деловен модел и стратегија за социјалните претприемачи – вели Коста Петров, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, кој почна нова програма за поддршка на социјалните претпријатија.
На повикот на ФИТР, предуслов за компаниите да аплицираат беше да исполнат минимум една од пет назначени цели за одржлив развој на Обединетите нации.
Петров има долгогодишно претприемачко домашно и меѓународно искуство и вели дека е добро запознаен со моделите за намалување на сиромаштијата и нееднаквоста, како и со улогата што ја имаат приватните компании во постигнувањето одржлив развој на глобално ниво.
– Постојано иницираме партнерства, ги вклучуваме сите засегнати страни и за нас искуството и поддршката од партнерите се навистина драгоцени. Знаењето, експертизата и способностите што ги имаат граѓанскиот сектор и корпорациите се различни, но може да бидат комплементарни и токму затоа не можат едни без други – вели Петров, кој додава дека ФИТР планира и посебен фонд, кој ќе се фокусира само на инвестиции во претпријатија со општествен импакт.
Успешни партнерства произлезени од борбата против пандемијата
Социјална конекција: Didi и Urban List
Платформата за споделен превоз (ride – sharing) Didi од Австралија, во 2020 година направи партнерство со издавачот на содржини за животен стил, Urban List, при што лансираа кампања за поддршка со наслов „Make it a date“, со цел да ги охрабрат Австралијците да се поврзат повторно со своите пријатели и роднини, истовремено поддржувајќи го локалниот бизнис погоден од кризата предизвикана од ковид-19.
Партнерството се фокусираше на препораките направени од Urban List за врвни социјални дестинации поддржани од искуството на возачите и на патниците. Листата опфаќа места и настани (популарни барови, најразлични курсеви, локални атракции и сл.) што луѓето може да ги посетат и да се социјализираат.
Листата од локации произлегла од 1.000 препораки направени од возачите и од патниците. Од Didi објаснуваат дека како што се намалувал притисокот од пандемијата и продавниците пополека се отворале, сакале да го стимулираат повторното дружење на луѓето, а со тоа да им помогнат на локалните претпријатија, кои претрпеле голема штета поради рестрикциите.
Извор: www.cmo.com.au
Безбедност и хигиена: партнерства меѓу трговски марки
Компании се здружуваа во партнерства како директна реакција на потребата за побезбеден и похигиенски транспорт. Еден пример е партнерството меѓу платформата за превоз Uber и марката за средства за хигиена и чистење Dettol во Австралија, со цел обезбедување хигиенски сетови за возилата на Uber за во секое време да имаат средства за раце и средства за дезинфекција без трошок за сопствениците на возилата. Овие хигиенски сетови беа дел од глобалната иницијатива на Uber за обезбедување опрема за чистење и хигиена, вредна 50 милиони долари.
Овие типови на партнерства беа присутни и на глобално ниво. United Airlines, американскиот авиопревозник, се здружи со Clorox во иницијативата „United CleanPlus“ како дел од напорите за засилување на програмата за хигиена на авиокомпанијата, редефинирање на процедурите за дезинфекција и обезбедување на патниците со подобри хигиенски средства.
Извор: www.cmo.com.au
PwC партнерство со Програмата за развој на ОН
Во септември 2020 година девет национални и регионални канцеларии на светската консултантска куќа PwC се здружија за тимски да поддржат нова глобална иницијатива и соработка за помош на локални заедници со цел побрзо закрепнување од последиците на пандемијата на ковид-19. Иницијативата е поттикната од Програмата за развој на ОН (УНДП), а PwC има задача да кокреира решенија „скроени по мера“ на ситуацијата со ковид-19 во локализиран контекст.
The Covid-19 Private Sector Global Facility e глобална иницијатива од УНДП, која има цел засилување на соработката меѓу партнери од јавен и приватен сектор со цел поддршка на заедниците побрзо да закрепнат од пандемијата. Задачата на PwC е развивање финансиски и други решенија и координирање на ангажманот од страна на повеќе стејкхолдери во процесот. PwC партнерството на овој проект со УНДП е предводено од PwC Полска и е поддржано од канцелариите на PwC во Канада, Унгарија, Индија, Норвешка, Блискиот Исток и Велика Британија.
Извор: www.pwc.com и www.undp.org
Партнерство за изградба на модуларни болници
Борбата против ковид-19 бара акција од сите засегнати страни во општеството, односно партнерства. Бизнисот може да има централна улога во овие процеси, вели Клара Арпа Азофра, директорката на шпанската компанија „Arpa EMC“, специјализирана за производство и за монтажа на опрема за модуларни болници. За време на пандемијата, нејзината компанија поддржала старечки домови, болници, противпожарни служби и полициски оддели и изградила полска болница од 400 кревети за 15 дена како дел од напорите на Шпанија за борба против пандемијата.
Овие типови партнерства произлезени од борбата против пандемијата се токму тие што се важни за остварување на глобалните цели за одржлив развој на ОН. Арпа додава дека сѐ што произвеле за време на кризата, дали со сопствени сили или со помош од други, било во фабрика што има нула емисии на јаглероден диоксид.
Извор: www.unglobalcompact.org
Паметни соларни мрежи за рурална електрификација
„Smart Peer-to-Peer Solar Grids for Rural Electrification & Empowerment“ e партнерство реализирано во Бангладеш меѓу социјалното претпријатие SOLShare и големиот снабдувач со обновлива енергија Grameen Shakti, поддржано од UN DESA, одделот при ООН за економски и социјални прашања. Партнерството ги поврзува двете организации што се посветени на обезбедувањето достапна соларна енергија за руралните заедници, а доаѓаат од различни сектори и се различни по големина, структура и цел.
Grameen Shakti е голема енергетска компанија со мрежа од 1,7 милион домашни соларни системи во рурален Бангладеш, додека SOLShare е социјално претпријатие базирано на знаење, формирано во 2015 година, кое развива иновативни методи за споделување на вишоците електрична енергија до заедниците со ниски приходи.
Партнерството се реализирало откако SOLShare добило грант од UN DESA, со помош на кој двете организации поставиле двогодишен пилот-проект. Со ова партнерство се спојуваат ресурсите за да се иновира и да се обезбеди поефикасна услуга. Партнерството, исто така, има потенцијал да го промени начинот на кој се снабдуваат со струја руралните заедници и тоа како плаќаат за неа.
Алијанса за тропските шуми
Tropical Forest Alliance (TFA) e формирана во 2012 година со цел да придонесе кон обезбедување светски синџири на набавка на стока како што се соја, палмино масло, какао, хартија, говедско месо, кои не оставаат опустошени шуми зад себе. Официјални партнери во иницијативата сега се повеќе од 160 компании, владини агенции, граѓански организации и други мултилатерални организации. Со поддршка на ТФА, Форумот за потрошувачки добра (Consumer Goods Forum) ја лансираше Позитивната коалиција за акција (Forest Positive Coalition of Action), која вклучува 17 глобални корпорации за потрошувачки добра со заедничка пазарна вредност од 1,8 трилион долари, кои заедно работат на забрзување на систематските напори за елиминирање на уништувањето на шумите во синџирите на снабдување со претходно споменатата стока и стимулирање позитивни промени во индустријата.
Преку промовирање иновативна и интегрирана колективна акција од планетарен обем, ТФА се труди производството на добра да реализира максимална економска добивка за локалните заедници, малите претпријатија, како и за глобалните производители, истовремено намалувајќи го на минимум влијанието врз тропските шуми, од кои зависи животот на 1,6 милијарда луѓе.
Соработка заради подобро здравје
„Working for Health“ e стратегиско, меѓусекторско, мултистејкхолдер партнерство меѓу Меѓународната организација на трудот (ILO), Светската здравствена организација (WHO) и Организацијата за економска соработка и развој (OECD). Целта на ова партнерство е да се зголеми и трансформира глобалната работна сила во доменот на здравствената и на социјалната заштита, со цел да се забрза напредокот кон универзална здравствена заштита и глобална здравствена безбедност преку обезбедувања советодавна политика, техничка помош и поддршка за засилување на капацитетите.
Реагираат на потребата за зголемени инвестиции во здравствените и социјални работници во насока на остварување на ЦОР поврзани со здравјето и со благосостојбата, во насока на пополнување на очекуваниот расчекор кај здравствените работници, кој произлегува од двојниот товар на потребите на постојната примарна заштита во сиромашните земји и здравствената заштита на популацијата што сè повеќе старее во богатите земји.
Извор: sustainabledevelopment.un.org; www.weforum.org
[/ihc-hide-content]