Одговорна иднина

Одржливи финансии за соочување со климатските промени

Станува збор за финансиски систем во чијшто фокус е финансирање зелени инвестиции преку создавање финансиски инструменти што ќе придонесат за намалување на емисиите на гасови што предизвикуваат ефект на стаклена градина и преку нив на влијанието врз природата

Веќе со децении светот зборува за концептот на одржлив развој нагласувајќи го како можност, но и како предизвик на нашето време. Зошто е тоа така? Пред сè, ние сме генерација што има задача да го спаси животот на планетата Земја, кој е доведен во прашање поради влијанието на климатските промени. Сепак, вистинското прашање не е дали ќе опстои животот на планетата Земја, туку кој ќе живее и под кои услови, што нè води до нашата втората задача. Тоа е – ставање крај на сиромаштијата и на растечката нееднаквост во светски рамки.

Финансиски системи во функција на одржлив развој

Ковид-19 ни покажа дека ниту една криза не е криза на еднакви можности, а како општество сме силни колку што се силни најранливите меѓу нас. Затоа, борбата за социјална еднаквост и правда треба да биде водечки постулат во заложбите за спречување на климатската криза. Само тогаш идниот развој на нашето општество може да се нарече одржлив.

Но, како да ја намалиме нееднаквоста и да ја заштитиме природата на оваа планета Земја од жедта за профит на инвеститорите, од желбата на секој од нас за добра заработка, високи дивиденди, високи каматни стапки и инвестициски приноси?

[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]

Одржливите финансии ја имаат токму таа цел: да го стават натамошниот начин на функционирање на финансиските системи во функција на одржливиот развој. Нивна главна задача е да го пренасочат сегашниот тренд на борба за висок профит кон еден сеопфатен пристап кон финансиите во кој одржливоста е дел од пресметките.
Со други зборови, станува збор за финансиски систем во чијшто фокус е финансирање зелени инвестиции преку создавање финансиски инструменти што ќе придонесат за намалување на емисиите на гасови што предизвикуваат ефект на стаклена градина и преку нив на влијанието врз природата. Исто така, нивниот спектар ќе опфати и финансирање проекти за приспособување на нашата економија кон несаканите и неизбежни последици од климатските промени, како и други зелени решенија што ќе водат кон заштита на животната средина и унапредување на квалитетот на живот.

Зелени обврзници – пример за одржливи финансиски инструменти

Сепак, и одржливите финансии се залагаат да обезбедат одреден профит, односно финансиски принос што е атрактивен за инвеститорите, но, истовремено, придонесуваат за позитивни еколошки, економски и социјални ефекти, кои ќе овозможат одржлив развој на општеството воопшто.

Со вклучувањето на одржливите финансии во едукативни програми се цели кон подигнување на свеста за можностите за одржлив развој преку модернизирање и трансформирање на финансиските системи. Тоа не само што е возможно, туку е и практично применливо во земји како нашата, на која посебно ѝ е потребен модерен пристап во финансирање на проектите за одржлив развој.

Така, зелените обврзници претставуваат одличен пример за одржливи финансиски инструменти кои лесно и едноставно може да се вклопат во нашиот финансиски систем. Во последните неколку години тие предизвикаа крупни промени на пазарите на капитал бидејќи го зголемија интересот на инвеститорите за тоа каде завршуваат нивните пари и што се финансира со нив. Така, на пример, по издавањето на првата зелена обврзница во 2008 година, Светска банка собра повеќе од 13 милијарди американски долари во различни валути за финансирање проекти за соочување со климатските промени низ целиот свет. Иако во моментов учеството на зелените обврзници е на ниво од приближно еден процент, сепак, интересот за нив е висок и се очекува перспективна иднина.

Освен за основите на одржливите финансии каде што учесниците ќе се запознаат подетално со зелените обврзници, а и со други одржливи финансиски инструменти, на школата за финансиска писменост ќе се дискутира и за импликациите на меѓународното право и договори, можностите за инкорпорирање на одржливите финансии во организациските и финансиски системи кај нас, а и ќе се запознаат со ризиците и предизвиците што претстојат.

(Авторката е дел од „Глобал шејперс Скопје хаб“ и еден од коавторите на првиот Прирачник со аргументи за фер и еколошко општество).    

[/ihc-hide-content]

Напишете коментар