Хероите на Шара го враќаат животот на планината
Ајде да замислиме дека „Нетфликс“ за 10 години
има хит-серија за локалните херои што
ја спасија Шар Планина од (само)уништувачката
рака на капитализмот, алчноста, неодговорноста, себичноста.
Овде претставуваме дел од епизодите,
а вие пишете ни на [email protected]
за вашето гледање, вашето сценарио за
заштитата на Шара,
но и на многу други подрачја во земјава,
кои заслужуваат внимание и зачувување
Бетмен, Ајронмен, Супермен, Вондер Воман, Супергрл, Кептен Марвел, Прометеј, Ахил, Хектор, Гилгамеш, Joванка Орлеанка… долга е листата на (супер)херои и херојки кои го спасувале човештвото, светот (дури и oној, имагинарниот). Оваа приказна е за луѓе слични на нив, но локални, од мало место, кои прават импакт на мал број луѓе. Ајде да замислиме дека „Нетфликс“ за 50 години има хит-серија за локалните херои што ја спасија Шар Планина од (само)уништувачката рака на капитализмот, алчноста, неодговорноста, себичноста. Овде претставуваме дел од епизодите, а вие, пишете ни на [email protected] за вашето гледање, вашето сценарио за заштитата на Шара, но и на многу други подрачја во земјава, кои заслужуваат внимание и зачувување.
На Шара ѝ е неопходно одржливо управување, соодветна употреба на нејзините природни богатства, но и социјален и економски развој и благосостојба. Ова би било резултат од сета работа што ќе следува по прогласувањето за национален парк. Пред нас се чекорите, планинарските патеки ги имаме, наше е да се заложиме да ги зачуваме и да ги изодиме.
Прва епизода: Вратница, во скутот на Шар Планина
Костен, зимзелени грмушки, лешници, зеленило што се извишува во дворот на куќа ѕидана со камен. Тишина, се слуша само црцорот на птиците.
– Кој не би сакал да живее овде – имаме 300 сончеви денови во годината, магла не сме виделе никогаш, а не, пак, загаден воздух. И во најтопол летен ден дувка свежо ветерче – ја кажува својата воведна реплика Драгиша Јововски, сопственик на хостелот „Китка“ во Вратница, мал бизнис што работи со сместувачки капацитети за авантуристите што тргнале да ја истражуваат планината.
Јововски, со своето теренско возило носел тури до планинарскиот дом „Љуботен“ на Шар Планина. Сите што оделе таму го прашувале за места за преспивање, па така дошол до идеја да направи хостел. Камерата се префрла на неговите раце. Драгиша постојано работи нешто. Дури зборува, пребришува маса, дезинфицира столчиња, подместува прекривка, а веќе во следниот кадар гледаме тегла со мед. (Жал ми е, камерата не може да ги долови вкусот и мирисот).
– На пчелите на мени им се дабовата и костеновата шума, кои се карактеристични за Вратница. Не го продавам, но моите гости за кои подготвувам појадок редовно се одушевени од квалитетот – вели тој, додека се слуша кршењето на јајцата и звукот на врел зејтин во тавата за пржење.
Не одмора ни минута. Зборувајќи за медот, веднаш преминал на појадокот. Па има гости, мора да им покаже каков е вкусот на јајцата од селските кокошки.
– За да живне селово, треба овде да живеат „људи“. Има интерес да дојдат овде да живеат, но никој не ги продава куќиве. Зјаат празни. Огромни, убави, а бескорисни. Сопствениците се иселени во Детроит, САД. Јас се залагам да им објаснам дека ако сакаме да ја вратиме Вратница во живот, некој мора да живее овде, да доаѓа. Село со празни куќи нема иднина, тоа мора да го смениме – раскажува тој за својата мисија промовирајќи го селото што се наоѓа во подножјето на Шар Планина, на 730 метри надморска височина.
Го прашавме за неговиот хостел, како се снаоѓа сега и со коронава, а тој зборува за живот во селото. Човек со визија. Јасно ни е дека тој е еден од локалните херои, кој би бил меѓу главните улоги во серијата за Шар Планина. Камерата го снима сноубордот, потпрен до влезната врата на хостелот. Маја Кироска е креативна жена, вљубеничка во бордање и во планината, таа е партнерка на Драгиша и со него го управува хостелот. Има своја модна марка и е постојано на релација Тетово – Вратница.
– Работам во ателјето, па доаѓам овде. Недостигаат повеќе луѓе, но кога ќе дојдат, оставаат многу ѓубре. Тоа се наши туристи, странците не го прават тоа. Се школував во Љубљана, голем дел од животот поминав таму и знам дека никогаш не видов отпад фрлен на несоодветно место – вели Маја.
Таа посочува дека неодамна инвестирале во набавка на велосипеди за на планина, но најчесто, тие остануваат „паркирани“.
– Може требаше да инвестираме во кафуле, не во велосипеди – се смее таа, а Драгиша додава:
– Нашиве туристи се навикнати на одмор на море. Тешко им е да бидат на село, на планина. Си бара да прошеташ, да разгледаш, нуди поинакви искуства, активен одмор, авантура, доживување. Верувам дека можеме многу да направиме со едукација, потребно е да негуваме вредности, тоа ѝ треба на планината. Оваа свесност се буди во моментов, важно е да се активираме сега – вели Драгиша.
Тој нуди ноќевање со појадок, а по желба на гостите, може и да зготви некој локален специјалитет.
– Печурки собираме низ шумата, разни тревки за чај, за салата. Нешто сами одгледуваме, нешто земаме од соседите од овде, особено зимница. Препорачувам и на ручек да се оди во „Чорбаџиски ан“ овде во Вратница, или да се појде до Беловиште, таму има четири ресторани, сите се одлични – вели тој несебично „рекламирајќи“ ги.
Вратница има долга историја на гостопримство, уште во 50-тите години во селото имало базен, имало и мотел, кој бил атрактивен и бил почетна точка за искачување на Љуботен. Јововски појаснува дека е позната и најстарата трансферзала од Љуботен до Охрид, а од патот од Западна Македонија, накај Призрен, се поминувало од Вратница. Сега, вели тој, селото има 450 куќи, повеќето модерни, а живеат само 260 луѓе.
– Од нив, околу 130 се пензионери, 100 се на средна возраст и има околу 30 деца. Многумина што дошле овде, сакаат да купат куќа, но никој не продава.
Државниот завод за статистика, пак, дава податок дека речиси сите населени места под Шара, освен општина Тетово, имаат помала стапка на наталитет од државниот просек.
Вратница е позната и по тоа што во 1944 година американски борбен авион паднал над Сенокос.
– Преживеале тројца американски војници, благодарение на селаните што ги спасиле. Имало и шестмина мртви, ги закопале во селото. Сè уште има парчиња од авионот останати горе. Вратница е едно од ретките села што успеа да си ја одбрани реката за да не се изградат мали хидроцентрали на неа – споделува Јововски давајќи ни потврда дека е свесен за локалните херои под Шара.
Дури се движи накај продавничката, каде што, исто така, работи откако ќе ги заврши обврските со посетителите на хотелот, Драгиша зборува на телефон. Ги советува домашните туристи утрото да тргнат кон Љуботен, да ја прошетаат Лешница, Караниколичко Езеро, а ако не се во добра кондиција, може да отидат до блиската воденица, до Сенокос или до Беловиште, кај водопадите. Реди ли реди… нема лента да го пофаќа камерата…
Втора епизода: Потенцијалот на националниот парк
Барај го Јован ако сакаш нагоре по Шара. Без него ништо не правиме, најсилен ветар в грб ни е – посочува Јововски.
Јован Божиноски е туризмолог, авантурист, голем вљубеник во планината, страстен заложник Шара да го добие заслуженото место на туристичката понуда на земјава. Камерата го снима дури води група кон Љуботен. Сите фотографии што ги објавуваме овде се негово дело.
Тој, како професионален водич во планина и претседател на Планинарскиот клуб „Љуботен“, ги знае сите клучни точки за развој на Шара, кој нема да им наштети на нејзините природни ресурси. Во тек е процес на прогласување на Шара за национален парк, а за таа цел, информира Божиноски, беа изработени два документа, студија за валоризација на природните вредности на Шар Планина и социо-економска студија за Шар Планина, а ќе се работи и на план за менаџирање на идното заштитено подрачје.
– Прогласувањето на Шар Планина за национален парк е голем чекор, кој ќе ја заштити природата, но резултати се очекуваат од начинот на управување и на функционирање со идното заштитено подрачје – вели тој.
Божиноски посочува дека низ годините постоел развој на Шара и во одредени периоди од минатиот век бил во предности и пораст во однос на сега веќе развиени области на Балканот.
– Тоа ни дава информација дека локалното население знае што значи тоа, сака и има желба за развој. Развојот подразбира локалното население да остане во регионот, во руралните средини, да инвестира и да спроведе активности што ќе му донесат економски бенефит користејќи ги и природните ресурси, а не нарушувајќи ја животната средина. Доколку локалното население остане во регионот и работи, добиваме најголем заштитник на планината – вели Божиноски.
Појаснува дека планинскиот, руралниот екотуризам и авантуристичкиот туризам се основата за иден развој на подрачјето, а е потребен добар план, желба за работа од сите засегнати страни, финансиски средства и временски период од пет до седум години. Божиноски посочува и на нерегуларностите што мора да запрат веднаш:
– Малите хидроцентрали, отворањето диви патишта, дивите сечи, криволовот и дивите неплански градби се најголемите причинители за деструкција на природните вредности и ја уништуваат пејзажната вредност на Шара. Самоволието што владее изминативе години на планината е застрашувачко и е насочено само кон профит на поединици. Не се мисли на последиците што може да се случат, ниту на идните генерации. Влезовите во селата на Шара се преполни со отпад, патеките, дури и во најинтимните делови на планината, се раскопани од булдожери. Поради ова имаме последици како ерозии, поплави, лавини од кои страда, никој друг, туку локалното население. Сето ова е предизвикано од човечки фактор и може да се намали со прогласување национален парк и со планско управување на ресурсите на Шар Планина.
Тој вели дека локалното население треба да ја има главната улога во заштитеното подрачје.
– Тоа со векови живее во овие средини и ги користи природните ресурси не уништувајќи ги. Потребно е да се активира и засили преку едукација, запознавање со предностите што ги нуди заштитеното подрачје, споделување добра практика преку примери, студиски патувања и инвестиции во туристичката инфраструктура и супраструктура.
Божиноски посочува и дека досега Шар Планина не е прогласена за заштитено подрачје поради недостиг од политичка волја за тоа.
– По последните случувања поврзани со прогласувањето на Шара за национален парк, гледаме дека работите се движат кон целта. Претстојат активности што треба да се додефинираат, кои веќе се во тек и значат чекор напред во процесот на прогласување – вели тој.
Божиноски зборува и за малите претпријатија – сместувачки капацитети (планинарски домови, хостели, мали хотели), традиционални ресторани, услуги за обезбедување храна, транспортни претпријатија, одгледувачи на органски производи, ракотворби, биофарми, изнајмување велосипеди, кои се неопходни за националниот парк:
– Потребата е заемна, паркот не може да функционира без овие мали претпријатија, тие се неговото лице. Паркот, пак, ќе треба да ги поддржува со реклами во промотивните материјали, преку едукации и информации за подобрување на квалитетот на услугите со следење на новите трендови во оваа област. Во планот за управување на националниот парк, иако поголем дел од населените места нема да се во рамките на самиот парк, не треба да се изостават и треба целосно да се вклучени бидејќи тие ја сочинуваат целата слика и приказна на туристичката понуда во регионот. Изминативе години, локалното население постојано се обидува и инвестира во мали претпријатија од различен тип. Сето тоа се одвива, можеби, неплански и, можеби, не соодветствува со традиционалните и природни вредности, но сепак постои и тоа е позитивна работа што се случува и што е потребна за развој на регионот. Преку платформата „Пријателите на Шара“, запознавме многу луѓе што се заинтересирани и кои сакаат да почнат мали претпријатија од различни области, но потребна им е поддршка.
– Благодарение на неколку проекти што ги реализираше ПК „Љуботен“, финансиски поддржани од различни фондации, развојни агенции, се отворија неколку мали претпријатија што се во насока на иден локален економски развој, креатори на туризмот во регионот, а притоа почитувајќи ја природата и животната средина. Успешни мали претпријатија од овој тип се: „Вила Љуботен“ на Љуботен, хостел „Китка“ во Вратница, ресторан и сместувачки капацитет „Беловишки бисер“ Беловиште, „Вила кобилица“ под Кобилица и хостел „Вејце“ во Вејце, гостинска куќа во Вешала и други – вели Божиноски.
Љуботен – заштитникот на Шара, но и на Скопје
Врвот Љуботен (2498 м н.в.) е меѓу најмаркантните места на планината и поради својот изглед на пирамида и видливоста од многу места, тој е особено интересен од повеќе аспекти.
Планинарката Ѓурчиновска посочува дека токму Љуботен се наоѓа на грбот на град Скопје.
– Познат е и како заштитникот на Скопје, кој го чувал градот од силните северни ветришта. Кај и да застанете на отворена површина во Скопје, се гледа Љуботен. Порано се верувало дека тој е највисокиот врв на планината, токму поради неговата маркантност. Вистинско адреналинско доживување е искачувањето на Љуботен и неизбежен е за сите планинари што се искачуваат на Шара – вели планинарката Ѓурчиновска.
Планинарскиот клуб „Љуботен“ поврзан со првите активности на Шара
Планинарскиот клуб „Љуботен“ постои речиси цел век, работи од 1925 година и е најстариот активен клуб во земјава.
– Првите организирани движења на Шара, првите планинарски домови и прифатни куќи, жичници, првите организирани натпревари во скијање, водењето на првите туристички групи, екипи за спасување, првите промотивни материјали и сè што се случувало низ годините на Шар Планина. Клубот има важна улога и е потребна алка за развој на планинскиот туризам на Шар Планина. Изминативе 10 години активно се работи на проекти од областа на планинскиот туризам, заштитата на биодиверзитетот на Шар Планина, промоција на планината и едукација и работа со локалното население од руралните средини. Голем е бројот на посетители што преку активностите на клубот ја посетуваат Шар Планина, а се движи од 2.500 до 2.780 посетители годишно – вели Божиноски.
Тој објаснува дека планинарскиот клуб „Љуботен“ го раководи најстариот планинарски дом во Македонија, „Љуботен“, изграден во 1931 година, и планинарскиот дом „Љуботен“ на Попова Шапка. – Веќе од следната година клубот ќе отвори инфоцентар за Шар Планина во Тетово.
Туристичка услуга во согласност со природата
Божиноски појаснува и дека Планинарскиот клуб „Љуботен“, заедно со уште три организации, Македонско еколошко друштво од Скопје, Центар за едукација и развој од Теарце и Иницијатива за граѓански интеграции од Гостивар, се дел од платформата „Пријателите на Шара“, чијашто цел е прогласување на Шар Планина за национален парк.
– Оваа заедничка цел нема да заврши тука бидејќи цел е да дејствуваме и по прогласувањето на Шара за заштитено подрачје, во области што секоја од организациите ги работи, вклучувајќи ги и другите засегнати страни со активности што ќе бидат во насока на позитивно управување на националниот парк.
Претседателот на „Пријателите на Шара“, Метин Муареми посочува дека улогата на платформата е работа со населението со цел негова едукација и побрзо прогласување на овој предел за национален парк.
– Истовремено ќе се работи со населението и по прогласувањето бидејќи периодот што следува е многу важен и тогаш треба сите жители да се активираат и да работат на заштита – споделува Муареми.
Тој појаснува и дека платформата соработува со сите регионални земји, како и со Германија и со Австрија, каде што слични фактори располагале со голем буџет и биле назначувани за носители на големи проекти.
– Од овие две држави може да учиме многу бидејќи, слично како овде, во овие земји, преку локалните акциски групи, се вклучени сите фактори. Таква е и нашата платформа, која ги црпи своите идеи од самите жители во овие предели.
Тетовецот Васе Видоевски споделува дека неговиот планински објект „Вила Љуботен“ е наменет за посетители и се наоѓа на околу 1.500 метри надморска височина.
– Љубовта кон планината и природата со која се дружам од својата осумгодишна возраст придонесе да почнам со градба на туристички објект за планински туризам.
Тој, заедно со сопругата, нуди сместување, домашна храна и органски производи – сирење, овчо млеко, зеленчук од жителите што се во близина.
– Шара ни го овозможи сето тоа. Имаме туристи од целата планета и тие да се задоволни – вели тој, нагласувајќи дека низ годиниве пречекале луѓе од САД, Канада, Австралија, Јужоафриканска Република, Сингапур, многу европски земји, државите од поранешна СФРЈ и, секако, домашни гости.
Видоески споделува дека објектот го градел во согласност со природата, а користи и обновливи извори на енергија.
– Природата ни беше најважна, па така и жителите на планината, животните, на нас гледаа како на пријатели. Атракција за гостите ни е припитомената лисица. Таа знае да си дојде, да се прошета тука, меѓу гостите, да јаде нешто ако е гладна. Исто така, многу срни и други животни биле „на гости“ кај нас – вели тој.
Видоевски посочува и на тоа дека за да функционира непречено, исклучително е важно да се воспостави соодветна инфраструктура.
– Јас лично го одржувам локалниот пат, секоја година го санирам од одрони и од камења. Овој пат, пак, се уништува токму од тешки возила и камиони што носат дрва од Шар Планина – вели Видоевски.
Марија Ѓурчиновска е планинарка, вљубеничка во планината и во природата, која секој слободен миг го користи за да доживее ново искуство во природа. Taa посочува дека недостигаат многу алки од синџирот – а клучот е кај сите фактори заедно и во нивната одговорност.
– Ако се направат соодветни патишта, се плашам дека уште повеќе луѓе ќе одат таму и ќе оставаат ѓубре, уште повеќе ќе има диво сечење дрвја. Потребно ни е да градиме култура за на планина. Од една страна, ме радува што толку многу луѓе сакат да планинарат, но да не забораваме дека сето ѓубре што го носиме со нас, треба да го вратиме, не да го оставаме во височините. Важно е поединците да се едуцирани за ова, а важно е и системот да функционира – вели Ѓурчиновска.
Таа посочува дека редовно, при искачувањата почетните точки им се на некои од селата што се во околина на Шара.
– Во Вејце, на пример, депонијата во селото е ужасна слика. Се фрла ѓубре дури и во реката. Но прашањето е и дали доколку тие луѓе што живеат таму имаат соодветно регулиран систем за управување отпад и понатаму ќе го фрлаат ѓубрето така