Лице в лице тема

Модерно е да си земјоделец!

Се свртуваме кон локалното, сè повеќе ја препознаваме неговата вредност, млади од градските средини се обидуваат да почнат живот на село, ни се зголемува интересот за здрава храна и потребата да се знае производителот. Стануваме и  посвесни за нашите природни потенцијали, а за да ги искористиме соодветно, треба да го свртиме фокусот кон развој на руралните средини почнувајќи од инфраструктура, па до дигитализација. И, секако, да вложуваме во развој на земјоделците од иднината, во човечкиот капитал што ќе ги развива овие средини.

Стерeотипот дека постарите треба да го водат семејното земјоделско производство постепено се менува. Се менува и менталниот склоп дека сопственото семејно производство е доволно, дека нема потреба од нови машини, технологии или промена на култури што ќе се одгледуваат.
Се напушта традицијата „како што ќе каже дедо или тате“. Напротив. Младите сѐ повеќе ја земаат водечката улога, се прават идните планови за развој на семејната фарма, плантажа, лозје или целиот имот. Се едуцираат, се внесуваат напредни искуства, се купуваат трактори и нова механизација, се градат нови штали, се набавуваат приплодни грла овци, крави, кози, се обновуваат овоштарниците, лозјата… Се внесува и ново производство на храна.

– Не се согласувам дека ако си роден на село, само така можеш да се занимаваш со земјоделство и да си успешен – вели Давид Неделковски од Раштак, млад сточар, и додава дека со сточарство почнал да се занимава купувајќи 10 кози.
Сега има 60 кози и 20 јариња.
 – Постојано учам и верувам дека со инвестиции, со здобивање доверба кај потрошувачот – мојот труд ќе се вреднува. Важно е да се живее во согласност со природата и да се модернизираат селата, со што тие сè повеќе ќе личат на градските средини. На тој начин и други млади ќе сакаат да живеат во руралните средини – вели предводникот на фармата „Кози млеко планина“.
Тркалото на прогресот почна да се врти. Некогаш со побрзо темпо, некогаш бавно, а понекогаш и мирува. Има повеќе фактори зошто е тоа така. И покрај многуте компаративни предности, ние сѐ уште само декларативно сме аграрна земја. За позасилен развој, меѓу другото, пречка се нерешените имотни односи или недостигот од државна земјоделска површина, несигурниот пласман, ниската цена, немањето приноси. Но, сѐ почесто и климатските  промени, недоволната употреба на соодветна агротехника, немањето работници, разурнатите системи за наводнување или нивното недомаќинско управување. Тука е и недостигот од инвестиции, и индивидуални и општествени, со исклучок на некои проекти од странски донации. Земјоделството е трет сектор што придонесува во домашниот бруто-производ и со извоз од половина милијарди евра, во зависност од годините, е потенцијал што треба повеќе да се искористи. Освен што е финансиски поддржан со националните програми, тука е и европскиот буџет. Но, дали умееме  целосно да ги реализираме  проектите поддржани од  овие фондови? Каде греши државата, а каде земјоделците?
Желбата земјоделството да остане наш атрибут – постои, но за да имаме повеќе квалитетна храна, да живеат македонските села и да се задржат или вратат младите во нив –  потребно е многу повеќе.
Дел од предлозите за можни промени беа донесени низ генеративниот разговор на тема „Земјоделецот од иднината“, организиран на платформата „Зум“, кој е преточен во овој текст.

Да се стимулира секоја педа земја да не остане празна

Предлозите укажуваат на потребата од целосна ревизија на доделувањето на концесиите на државното земјоделско земјиште, а и на таа што е дадена на плодоуживање. Но, и на давање приоритет на локалното население, особено на сточарите, со помош на локалната самоуправа.
Еден од  предлозите, постар од една деценија, е распределбата на државното земјоделско земјиште да ја врши општината, а средствата добиени од концесијата да се влеваат во нејзиниот буџет. Со нив ќе може и многу повеќе да се вложува во селата.
Сѐ е поголем и интересот за консолидација на обработливата површина, со што ќе се надминат загубите од обработката на расцепканите површини. Ќе се добие рентабилно производство, користење современа механизација и поголем профит за земјоделците. Во исто време, потребно е формирање земјиштен фонд од приватен имот што сопствениците не го обработуваат, за што би добиле надомест, односно да се стимулира секоја педа земја да не остане празна. Во оваа насока е и предлогот да се запре пренамената на обработливата земја, најчесто прва класа, во градежно земјиште, а и да се овозможи приватизација на земјоделско земјиште до 10 хектари за индивидуални земјоделци и за мали компании, кои би го откупиле, а средствата би можеле да се вложат  во регионот за изградба на канализација, водовод, патишта.


Една од сугестиите за развој на земјоделството кај нас, која стигна преку анкетата наменски направена за оваа тема, беше и овозможување грантови за семејни фарми, со гаранција од производителот дека целосно ќе го почитува договореното.
-Тоа би значело обезбедување земја, куќа и добиток за младите што сакаат да почнат да се занимаваат со сточарство или да го преземат производството од постарите генерации и следење на развојот на производството. Тука, пак, можат да се вклучат и социјалните категории. Опција се и поволни кредити, даночни олеснувања, едукација, обуки за населението, соодветни на нивната возраст и образование, пристап до дигиталните алатки и промоција за значењето на руралниот развој за економската стабилност на државата. Но, основно е олеснување на административните процедури за малите претпријатија и за фармерите, кои се активни во руралните средини – вели Фиданка Трајкова, професорка на Земјоделскиот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Стеван Орозовиќ, извршниот директор на Националната федерација на фармери, пак, нагласи дека политиката треба да го задоволи фармерот, а мерките за земјоделството мора да бидат поделени во три категории: структурни мерки за капитални инвестиции, мерки за поддршка на вистинските земјоделци  (вклучително поддршка на иновации), и политика на продажбата / пазарите (државата попосветено да внесе потенцијал во маректингот и во промоцијата).

Иднината на земјоделството е во младите и образувани земјоделци

Учесниците во дискусијата беа едногласни во ставот дека земјоделецот од иднината треба да биде едуциран, информиран, мотивиран за нови знаења, да си го цени своето и да знае како да го наплати трудот, а не само производот. Тој треба постојано да биде запознаен со тековните информации за состојбите со производството, родот и со пазарните цени, не само на локално, државно, туку и на регионално, па и на светско ниво. Но, и да биде еден чекор пред временските услови бидејќи климатските промени директно влијаат врз неговата фабрика на отворено.
– Земјоделецот од иднината треба да има одговорност за своето производство и за квалитетот на производите. Мора да биде свесен дека треба да се зачувува природата, да внимава  на заштитата на животната средина применувајќи ги агроеколошките мерки. Тој заедно со своето семејство треба да се грижи не само за тоа како е сработена нивата, туку и како изгледа сопствениот двор. Потребно е да најде време и за уживање, задоволство и за одмор. Да биде храбар да ги практикува позитивните искуства, некогаш и да ризикува со инвестициите, на чијашто заработка можеби ќе чека со години – сумираа учесниците на настанот „Земјоделецот од иднината“.
Неговиот иден профил, со својот пример, треба да им влева верба на идните генерации, дека тоа што го градат со својот влог ќе донесе сигурна егзистенција за нивните семејства, но и стабилност за руралните средини, а со тоа и на државата.
 – Традицијата се наследува приспособувајќи се на новото време. Производството на храна треба и да се надградува. Да се најде симбиоза на некогашниот, сегашниот аграр и на идниот, современиот. Земјоделецот од иднината, исто така, треба да фати чекор со потребите на потрошувачот, не само домашен, туку и на тој на странските трпези. Но, и максимално да се искористат компаративните предности на македонското поднебје,  во разновидното производството на храна, од кое производителот ќе заработи – заклучуваат нашите сточари.
Според Васка Мојсовска, претседателката на Националната федерација на фармери, земјоделецот треба да биде почитуван и ценет, а не изигран и манипулиран. Имаме погрешна перцепција за земјоделството, вели таа. Мора да се има едукација за да има ефекти и добра заработка.
– Има сѐ помалку земјоделци и помалку храна. Тоа треба да запре. Земјоделецот од иднината треба да биде:  силен, достоинствен, почитуван и вреднуван. А тоа не се постигнува ако со земјоделство се занимаваме од хоби – вели Мојсовска.
Илчо Даскаловски е производител на кравјо сирење од селото Мало Коњари. Од земјоделството, вели, може да се живее пристојно во Македонија, но постои еден проблем:
– Посебно кај младото население, постои стереотип дека земјоделеците се постари лица, дека тие се неедуцирани. Време е да се урнат тие стереотипи зашто без млади и едуцирани земјоделци, не можеме да имаме прогресивна иднина во овој сектор.

Пласманот – горчлив проблем за многу земјоделци

Голем предизвик за земјоделците се откупните дистрибутивни центри, вели првата жена на Националната федерација на фармери. Затоа што решавањето на пласманот, пред сѐ, носи сигурност.

– Законот за земјоделство и за рурален развој, односно договорното производство мора доследно да се спроведува. Да се направат стабилни договори, да се знае цената, која ќе биде соодветна со квалитетот. Тоа е првиот услов. Вториот, државата да вложи во системите за наводнување, кои во одделни региони  се распаѓаат. И трето, да се реши прашањето за недостиг од работна рака, односно статусот на сезонските работници. Важно е да се унапредат и мерките за регистрираните земјоделци, а потоа веќе крајно време е да се спроведе стратегија за соочување со климатските промени и  да се  подобрат условите за живеење на село, да бидат исти со тие во градот. Само така производителот ќе го добие своето достоинство и животот што го заслужува- вели Мојсовска.

Лилjана Jоноски од Рурална коалициjа, смета дека е неопходно да се воспостават стабилни синџири на производство и на дистрибуција на органска храна, од производителот до консументот, вклучувајќи ги и градинките и образовните институции, со што од најрана возраст би се едуцирале децата од каде и каква храна треба да консумираат.
– Потребно е да се искористат и придобивките од современиот начин на живеење за да се обезбеди пласманот – горчлив проблем за многу земјоделци. Пристап до дигитални алатки за достапност на производите од руралните средини до потрошувачите- вели таа.

Организацијата за социјални иновации „Арно“ веќе шест години го реализира националниот натпревар „Зелени идеи“, при што финансиски се поддржуваат идеи и претпријатија што вклучуваат локални ресурси, промоција на традицијата, иновации, како и одржливост на животната и рурална средина. Една таква е и идејата за колибарење во Малешевијата, за која Душица Крстеска, нејзина носителка, вели дека нивната заложба не застанува само на тоа, туку дека прават напори и за туристичка промоција на специјалитетите од овој крај, со што се прави обид да се реши проблемот со пласманот.
 – На овој начин на продажба, од куќен праг, се продава беровското сирење, малешевското јагне, слаткото од капини, аронија, боровинка, сѐ што е природно и важно за нашето здравјe- со гордост нагласува поранешната скопјанка, а сега горда беровчанка.

На ова се надоврзува и Мирјана Димитров, чијашто идеја за група на Фејсбук за зелено пазарче, продажба на ориз преку интернет, лично од производител до купувач, во кочанскиот крај, им ги расипа сметките на препродавачите или т.н диви купувачи.

Потребен  е хуманистички пристап во производството на храна

Хуманистичкиот пристап е еден од начините за промена на свеста кај производителот, потрошувачот, со заедничка цел да имаме здрава нација и сигурен пласман на домашниот и на странскиот пазар. Во ЕУ веќе неколку години постојат агроеколошки мерки со кои се нагласува влијанието на земјоделството врз природата. Во нашата земја сѐ уште се на листата на чекање. Одржливото земјоделство и органското земјоделство се приоритет за сѐ поголем број европски земјоделци, кои живеат и работат со оваа филозофија. Но, и повеќе заработуваат бидејќи потрошувачите плаќаат за 20 до 80 проценти повисока цена за органската храна. Кај нас сликата е поинаква и покрај извесен пораст во почетокот. Сега површините со сертификат опфаќаат 0,60 проценти од вкупно обработливите, а во сточарството тој процент е четири.

За жал, органското производство е сѐ уште далечна визија, ретко каде е реалност и покрај неговата  сѐ поголема потреба.

– Потребна е едукација на земјоделците, дали конвенционалното е доволно и дали е можно со органското да се добие посигурен пласман и поголем профит. Сега се наоѓаме во сива зона. Сѐ повеќе е потребен хуманистички пристап во производството на храна. Таа не треба да биде штетна за природата, производителот и за потрошувачот- вели Цветанка Колева од Здружението на органски производители „Биовита“, која и сама е органски пчелар и искрен љубител на природата.

Задругарството решава проблеми

Земјоделците здружени преку задруги, здруженија или кооперативи ја зголемуваат својата моќ во преговорите со откупувачите за пласманот, за цените или за набавка на поевтини  репроматеријали. Здружени, заедно се посилни, поуспешни, а во постојните 48 задруги веќе размислуваат и за реализација на заеднички инвестиции, кои, за жал, сѐ уште се само како најава. Постои интерес за задругарството, но потребна е и промена на менталниот склоп, зацврстување на довербата и охрабрување кај земјоделците.

– Нашата задруга постојано напредува. Освен за пласманот, се грижиме и за подобрување на производството. Веќе 14 години во рамки на здружението работи лабораторија, каде што членовите и задругарите ги користат услугите за испитување на почвата, квалитетот на јаболкото. Благодарение, пак, на осумте автоматски агрометеоролошки станици, намалено е третирањето со пестициди, а се задржува квалитетот на јаболкото. Младите, иако многумина од нив се иселија, се сѐ позаинтересирани да останат да ги работат овие прекрасни овошни насади. И токму преку задругите ја гледаат својата сигурност. Нашата цел е изградба на заеднички дистрибутивен центар и погон за преработка на јаболкото – вели Фросина Ѓоргиевска, членка на Земјоделската задруга „Крани“ и членка на Управниот одбор на задругата „Бест оф Преспа“.

Од социјалци до земјоделци – можност или утопија?

Сѐ помалку може да се најдат сезонски работници за берба или, воопшто, за работа во земјоделството. Ниту платата од 500 евра не ги привлекува невработените да чуваат овци или да работат во земјоделско стопанство. За многумина е поедноставно да земаат социјална помош, иако се работоспособни. Како да се реши ова прашање?
Споделените предлози на средбата на интернет „Земјоделецот од иднината“ велат дека не е потребно да им се укинува социјалната помош, ако работат сезонски. Напротив. За нив државата треба да обезбеди куќа, земја и механизација, да им  даде неповратна помош за почеток на производството, под услов наредните пет години да не ги напуштаат селото и земјоделството и да покажат резултати. Односно, по тој  период, тие веќе да можат да егзистираат од земјоделството и да престанат да добиваат социјална помош, велат учесниците.
Секако, нагласуваат дека е потребна и нивна едукација, соодветна механизација, машини и опрема, (или преку специјални програми  во сточарството да добијат соодветен број животни што  треба да ги зачуваат во тој период), а помош да имаат и од  советодавно лице од Агенцијата за потикнување рурален развој и земјоделство и од други институции, кои ќе го следат нивниот  развој.

Да се вратиме на село и да го доближиме до граѓаните

Да ги вратиме младите на село, односно да ги задржиме, по завршувањето на средно или на високо образование, да не ни одат во големите градови, најчесто Скопје, или во странство. Да им дадеме шанса за живот. Како?

– Неминовност е мотивирање на населението за диверзификација во руралните средини, надополнување на производството на храна со дополнителни дејности. Понатаму, заживување на старите занаети, гастрономијата, локалните специјалитети, поточно преработка по стари рецепти. Едноставно, заживување на традицијата,инвестиции во зелен бизнис, доделување стипендии за учениците од руралните средини- вели Ирена Андреевска од Меѓународен центар за уметност и за одржлив развој „Арт поинт – Гумно“, од село Слоештица, Демир Хисар.
За да се доближи, пак, селото до градот предлага враќање на програмата „Настава во природа“, отварање ЗОО фарми и кампови за едукативни обуки на теми од аграрот.
– Особено сега се увиде значењето на домашното производство на храна и престојот во природа и на село. Тој момент мора стратегиски да се развива и надополнува – нагласува Андреевска.

Субвенциите треба да бидат придружени со резултати

Државата секоја година за Националната програма за финансиска помош во земјоделството и во руралниот развој одвојува по околу 150 милиони евра од буџетот – добро познатите субвенции и програмата 50 / 50 отсто, за што производителите се незадоволни, а имаат и сугестии.
Потребата од насочување на субвенциите кон развој со конкретни резултати е неопходна.

– Овчарството го наследив. Се трудам да обезбедам егзистенција, треба да се вложиш целосно, се работи 365 дена. Решив да не го продавам млекото, туку да произведувам повеќе видови  сирења и кашкавал. Субвенциите треба да се даваат само на тие што имаат резултати. Така ќе има поголем развој во аграрот – вели младиот фармер Игор Поповски од Дихово. Годишно во Програмата за директни плаќања аплицираат околу 100. 000 производители. Но, бројот на тие, чијашто професија е земјоделството, е едвај половина. Иако регистрираните земјоделци добиваат 20 проценти повисоки субвенции и таа разлика најчесто ја чекаат подолго, велат, мора да се направи промена. За да има развој во земјоделството и поголем профит производители тетреба да покажат и добри резултати: поголеми приноси, подобар квалитет, поголема продукција, и нивното производство да биде пазарно ориентирано. Но, и да се одредат услови и критериуми за да може да се добијат субвенциите, и не само 20 проценти, тие може да бидат повисоки, и 50 проценти. Неопходно е да постои рангирање во висината на субвенциите во зависност од начинот и од ориентацијата на производство на храна.



Напишете коментар