ИДНИНАТА НА РАБОТНИТЕ МЕСТА Е ЧОВЕКОЦЕНТРИЧНА
Автоматизацијата, во тандем со економската криза предизвикана од пандемијата на ковид–19, предизвикува двојна главоболка за работниците во светот.
Како што предупредува извештајот за иднината на работните места, изработен од Светскиот економски форум (СЕФ / WEF), како дополнение на актуелните проблеми на работната сила што ги предизвикува изолацијата на голем број светски економии, прифаќањето нови технолошки решенија во компаниите веќе до 2025 година во голема мера ќе ги трансформира задачите, работните места и вештините.
До 2025 година, според СЕФ, времето поминато на тековни задачи во работниот процес ќе биде еднакво меѓу луѓето и машините, a 43 проценти од анкетираните претпријатија планираат да го намалат бројот на вработени поради технолошките промени. Значителен дел од компаниите, исто така, во следните пет години очекуваат да ги променат своите локации, вредносните синџири, како и бројот на вработени поради фактори што немаат врска со технологијата.
Но, бројот на загубени работни места ќе биде надоместен, па и надминат со бројот на работните места на иднината што ќе се создадат допрва. Тоа што загрижува во моментов е што создавањето нови работни места забавува, додека губењето на веќе постојните работни места забрзува.
Во отсуство на проактивни напори, нееднаквоста само може да расте поради двојниот ефект од технологијата и рецесијата поради пандемијата. Работните места во делот на нискоквалификуваните позиции, кои се и најслабоплатени, потоа жените и помладата работна сила, се најсилно погодените категории во досегашната фаза на економска рецесија. Како што вели СЕФ, ако се спореди ефектот на светската финансиска криза од 2008 година врз работниците со пониски квалификации со ефектот од кризата предизвикана од ковид–19, влијанието денес е многу позначајно и сѐ повеќе ја продлабочува постојната нееднаквост.
Консултантската куќа „Мекинси“ како најзагрозени работни места во следниот период ги идентификува продажбата и трговијата, каде што само во Европа се очекува да бидат загубени 5,4 милиони работни места. Следува секторот индустриско производство, со процена на 4,26 милиони загубени работни места, а на трето место е администрацијата и услугите со 3,25 милиони работни места. Најбезбедни ќе бидат вработените во секторот финансии и осигурување, каде што се очекува да бидат укинати „само“ 600 илјади работни места на европскиот континент.
Да се искористи потенцијалот на социјалното претприемаштво
Сите овие наоди упатуваат на заклучок дека без заеднички ангажман на повеќе засегнати страни – државите, компаниите и граѓанскиот сектор – иднината на милиони работници на планетава станува позагрозена отколку што може да замислиме во моментов.
Одговорите на прашањата како да се соочиме со овие предизвици, како да се заштитат најранливите категории работници загрозени од технолошкиот напредок и економскиот ефект предизвикан од пандемијата, беа побарани и на четвртиот Форум на добри компании што се одржа неодамна, за првпат на интернет, во организација на Асоцијацијата за истражување, комуникации и за развој „Паблик“ и на Германското друштво за меѓународна соработка – ГИЗ.
Поголем фокус кон социјалното претприемаштво е еден од начините за надминување на овие проблеми, смета вицепремиерот за економски прашања во македонската влада, Фатмир Битиќи, кој имаше чест да го отвори Форумот.
– Верувам дека светската економија ќе има сериозно поместување кон социјалната економија, каде што центарот на вниманието ќе им припаѓа на општествено одговорните компании, тие што работат за добро на општеството, а кои преку генерирање профит создаваат и можности од голема важност за ранливите групи – истакна Битиќи.
Тој додаде и дека владата, преку националниот совет за одржлив развој, ја потврдила заложбата за спроведување на Агендата 2030 година на Обединетите нации и ја истакнува важноста за стабилна интеграција на целите за одржлив развој во националните стратегиски документи и во локалните планови.
– Го препознаваме големиот потенцијал на социјалното претприемаштво и сме подготвени да го приспособиме нашиот систем за нови идеи и нови начини на создавање бизнис со цел да изградиме инклузивно општество – рече Битиќи.
ИКЕА и „Декатлон“ зборуваат за нови начини на водење бизнис
Една од главните говорници на Форумот, Ен Софи Гунарсон, одговорна за нови партнерства и соработки во шведскиот гигант ИКЕА, зборуваше како партнерствата меѓу иницијативите за социјален бизнис прават општо добро. Таа истакна дека преку овој тип партнерства компанијата создала повеќе од 30.000 работни места и повеќе од 300 различни нови производи на глобално ниво.
– Сакаме да пробуваме нови нешта и да ги пробиваме општествените пречки. Вклучуваме жени од ранливите категории, бегалци и луѓе од другите ранливи категории. Ги прашуваме што знаат да прават најдобро, и потоа разгледуваме какви продукти може да бидат направени според нивните капацитети – објасни Гунарсон.
Таа додаде дека инклузијата и интеграцијата на овие луѓе е многу важна на долг рок затоа што се создаваат стабилни работни места и економијата се движи напред.
-Како голем учесник на пазарот, ние можеме да обезбедиме сѐ што им треба на социјалните претпријатија. Клучот е во соработката. Нашата цел е да создадеме 95.000 работни места до 2030 година. Тоа ќе го постигнеме преку интеграција на овие луѓе, а додадената вредност е што овие производи се рачна изработка – нагласи таа.
Еден од главните говорници на Форумот беше и Чарли Фелгејт, лидерот за иновации и за визија во „Декатлон“, францускиот синџир продавници за спортска опрема, кој апелираше дека е конечно време фокусот да биде ставен на иднината на луѓето и дека проблемите може да се решат само ако сите засегнати страни работат заедно.
– Самите вработени ги носат главните идеи, a мојата работа е да ги слушнам и да ги спроведувам. Кога зборуваме за иднината на работните места, прво разговараме за иднината на луѓето. Проблемите со кои се соочуваме можеме да ги решиме заедно, само заедно! Тоа е единствениот начин – вели Фелгејт.
Тој посочи и дека компанијата вработува врз основа на вредности:
– Тогаш си поинклузивен во регрутирањето. Не сме заинтересирани за модерни универзитети и за скапи дипломи. Многу ни е важна инклузијата, па оттука го цитирам мојот пријател, кој вели: културна разновидност е да бидеш поканет на забава, а инклузија е да бидеш поканет да танцуваш и да се вклучиш во сите разговори.
Инклузивноста како приоритет
Климентина Илијевски, директорката на „Паблик“, ја истакна инклузивноста како приоритет на општеството во развојот по пандемијата. Таа смета дека на пандемијата може да се гледа и како на значителен глобален настан во историјата на неколку генерации, по кој светот има шанса да ја насочи глобалната економија кон сосема нов правец, кој ќе ја прекине практиката што доведе до огромни последици за планетата и за човештвото.
-Во посакуваниот општествен систем, инклузивните работни места, инклузивните претпријатија и инклузивниот пораст се високи приоритети. Во нив порастот нема да се следи само преку домашниот бруто-производ, туку преку сет индикатори, кои истовремено ќе носат информација – кој има бенефит од економскиот пораст, дали порастот е одржлив во однос на ефектите врз животната средина и како тој влијае врз благосостојбата на луѓето – истакна Илијевски.
Интересно е што во зголемувањето на инклузивноста на пазарот на труд може да помогне токму технологијата, која вообичаено е посочувана како еден од виновниците за загрозеноста на работните места. Пример за тоа видовме на самиот Форум, каде што зборуваше израелскиот претприемач Елијав Родман од „My Interview“. Родман сподели дека станува збор за платформа што со помош на вештачката интелигенција помага во процесот на одбирање идеални кандидати за некое работно место фокусирајќи се на личноста на кандидатот, а не на неговата биографија.
– Ако на некоја компанија ѝ стигнат 100 апликации за едно работно место, со традиционалниот метод на спроведување интервју, тој кој аплицирал 99. има многу мали шанси да ја добие работата, иако е, можеби, еден од најквалитетните. Преку нашата платформа алгоритмите овозможуваат никој да не биде пропуштен и сите да добијат еднаква шанса. Ни помагаат да не пропуштиме добар кандидат – објасни Родман.
Небојша Илијевски, контент директорот и модератор на Форумот на добри компании, истакна дека токму „My Interview“ е пример како технологијата, односно вештачката интелигенција, може да помогне во воведувањето на ранливите категории на пазарот за труд.
– Што ќе стави во биографијата една личност со попреченост што долго време е невработена? -праша тој.
Родман одговори дека „Мy Inteview“, меѓу другото, ќе го надмине и тој проблем, на пристрасноста и на субјективноста во процесот на вработување базирана само врз основа на читање на работните биографии на кандидатите.
– Да ја вратиме личноста на луѓето во процесот. Во иднината на работните места нема место за субјективноста! Ако некој има лоша географска позиционираност, или не завршил престижно училиште, одговорниот за регрутирање може да има предрасуди кон тоа, а клучот за да ги надминеме овие работи е да се концентрираме на личноста, а ваквите алатки може да ни помогнат во тоа – истакна Родман.
Претставничката на Меѓународната организација на трудот (МОТ / ILO), Даниела Зампини, на Форумот истакна дека ако сакаме да ја подобриме иднината на работните места, мора да се инвестира во луѓето и во нивните вештини, да се ремоделираат институциите, но и да се подобрува дијалогот меѓу сите страни – бизнисот, институциите, граѓанскиот сектор и самите работници.
– Во минатото, лидерските капацитети, главно, беа поврзани со машки квалитети, а денес работите многу се променија, иако не со брзината со која требаше. Сега се бараат лидерски квалитети поврзани со емоционалната интелигенција и умеења што се, генерално, женски карактеристики, кои ќе ни помогнат подобро да се соочиме со големи предизвици како што е пандемијата – рече Зампини.
Преквалификација и доквалификација
На темата инвестирање во луѓето и во нивните вештини, Светскиот економски форум истакнува загрижувачка тенденција – просторот за преквалификација и за доквалификација на работниците се стеснува во новите околности на пазарот на труд предизвикани од пандемијата. Ова се однесува и на работниците што е поверојатно да останат на своите работни позиции, како и на тие што се изложени на ризик од губење на работата поради порастот на невработеноста предизвикан од рецесијата и не можат да очекуваат допрва обуки и тренинзи на работа. За тие работници што е веројатно да останат на своите позиции, процентот на основни вештини што ќе се променат во следните пет години е 40, додека 50 проценти од сите вработени ќе имаат потреба од преквалификација. Тоа што дава надеж е дека и покрај тековната економска криза, голем дел од работодавците ја препознаваат вредноста на инвестирањето во човечкиот капитал. Анкетираните компании во извештајот на СЕФ, во просек, очекуваат да овозможат преквалификација и доквалификација на 70 проценти од своите вработени до 2025 година. Меѓутоа, ангажманот на вработените во овие обуки оди со побавна стапка, односно само 42 процента од нив ги прифаќаат овие можности за надградба овозможени од работодавците.
СЕФ препорачува јавниот сектор да даде посилна поддршка во процесите на преквалификација и на доквалификација за тие работници што ги загубиле работните места или се изложени на ризик од тоа. Во моментов, само 21 процент од анкетираните претпријатија се изјасниле дека имаат пристап до јавни фондови за поддршка на своите вработени во надградбата.
Јавниот сектор ќе треба да создаде стимулации за инвестирање во работните места на иднината, да обезбеди подобра заштита за луѓето што загубиле работа или се во процес на барање работа, и решително да се зафати со долго одложуваните подобрувања во образовните системи на планетава.
Исто така, СЕФ им препорачува на владите во светот да размислат сериозно за подолгорочните последици по пазарот на труд доколку ја одржат, повлечат или ако делумно ја повлечат силната поддршка што ја даваат во текот на кризата предизвикана од ковид–19 за да се одржат платите и работните места во повеќето светски економии.
Кои работни места се најзагрозени од автоматизацијата?
Настаните од изминатата година драматично го забрзаа темпото на дигиталната трансформација на општеството во целина. Дигитализацијата се чини како нужен и неопходен чекор, а завршувањето на работата побезбедно и поефикасно е само дел од нејзината предност, велат од „Бреинстер“, платформата што помага во усовршување на кариерата. Во Европа, индустрии изложени на најголем ризик за губење работни места како последица од ковид-19 и од автоматизацијата, според анализата на „Мекинси“, се трговија на големо и мало, производство, хотелиерство и угостителство и градежништво.
Меки вештини што ќе бидат најбарани на пазарот за труд до 2025 година
Меките вештини (soft skills) што се значајни во контекстот на работните места на иднината значат способност за управување на самиот себе (self – management), активно учење, флексибилност и толеранција на стрес или издржливост на работникот, велат анализите на Светскиот економски форум. Овие трендови, исто така, ќе бидат предизвик и за самите компании, што значи дека, покрај процесот на автоматизација на работата, паралелно ќе постои и предизвикот за активно учество и следење на трансформациите на работните места, создавање услови за преквалификација, оспособување на работникот и сл.
СЕФ направи и список на меки вештини за кои ќе расте потребата во блиска иднина:
-Аналитичко размислување и иновативност
-Активно учење и стратегија на учење
-Решавање комплексни проблеми
-Критичко размислување и аналитичност
-Креативност и оригиналност
-Лидерство и влијателност
-Употреба на технологија
-Дизајн на технологија
-Флексибилност и отпорност на стрес
-Структурирање идеи
-Емоционална интелигенција
-Лоцирање проблеми
-Убедување и преговарање.
За поголема продуктивност, намалете со тоа „зумување“ везден
Платформата „Зум“, која стана дел од нашето секојдневие од почетокот на пандемијата наваму, влезе и во нашиот вокабулар како посебен збор што означува состанок преку видеоврска, кој понекогаш е и на платформи од други марки – па така, сега се „зумуваме“ едни со други, се каниме на „зум“ или, пак, сме преморени од „зум“. Најново е и „зум прегорување“ – фраза што значи многу повеќе од вообичаениот умор или замаглување пред очите што ни се појавува по честите состаноци преку видеоврска.
Во новата студија што ја споделува интернет-порталот theconversation.com (глобален извор на новости, погледи и анализи од академската и од истражувачката јавност во светот, н.з.) се истакнуваат причините за ова ново професионално „заболување“ и како да се соочиме со сето тоа. Премногу користење „Зум“ може да биде напорно за нашиот ум и тело. А, кога луѓето се ментално преморени, тогаш нивната продуктивност се намалува. Со тек на време, ефектот на секој вработен што е ментално заморен ќе се намалува на тие работни задачи што бараат умствени напори. Исто така, кога сме преморени, нашата работна меморија послабо функционира. Почнуваме сѐ почесто да забораваме, опаѓа квалитетот на нашето внимателно слушање на другите, а снимањето на состаноците одржани на „Зум“со цел подоцна да се преслушаат, уште повеќе нѐ тера да поминуваме часови пред нашите монитори.
Па, така, состаноците на интернет замислени како средство да се завршат работите без средба во живо, може да се претворат токму во средство со кое ќе се намали нашата продуктивност. Претходно споменатата студија открива дека луѓето поминувајќи секојдневно часови на „Зум“ и на сличните платформи, достигнуваат т.н. „невербална поплава“ (non – verbal overload) со премногу контакт со очите. Тоа значи дека ни станува многу потешко да ги испратиме и примиме сите тие невербални сигнали што се губат додека многумина се само главчиња што го исполнуваат екранот.
Во класичните состаноци во живо, невербалната комуникација си тече природно и ние ретко свесно обрнуваме посебно внимание на сопствените гестикулации и на другата невербална комуникација. Ова е една од причините што многу луѓе едвај чекаат да се вратат на работата по старо, со состаноци во живо. За другите, пак, „Зум“ е фина опција, сѐ додека не удри преморот.
Затоа, студијата предлага повеќе да се користи аудиокомуникација, место честите видеосостаноци. Тоа што го знаевме и пред пандемијата како конференциски повик (conference call) без видео е сосема пристојна алтернатива за „зумувањето“. Ако состанокот е само меѓу две личности, тогаш стариот добар телефонски разговор ќе заврши работа. На овој начин, ние веќе не сме во опасност од невербалната поплава, ниту од можност главата да ни пукне од сиот тој контакт со очите. Можеме дури и да се протегнеме малку, да се рашетаме по просторијата, па дури и да си свариме кафе или чај додека зборуваме.
Исто така, кога зборуваме по телефон, во принцип, секој од нас верува дека добива 100 проценти внимание од соговорникот. Истражувачите заклучиле дека само минимален дел од состаноците бараат да се ѕвериме еден во друг заради успешно комуницирање.
Затоа, обидете се да држите некои од состаноците преку телефон. Можеби ќе изгледа чудно од прва и ќе ви треба време да се навикнете, но на крајот вашите состаноци ќе бидат попродуктивни и позадоволителни.