Кога децата не се гледаат и не играат – го губат социјалниот момент на делење!
Мирослав Пендароски
Менталното здравје е само една од компонентите на вкупното здравје и да се зборува за него како за одделен ентитет што вештачки се апстрахира од вкупниот систем е како да се обидете да ги издвоите водородот, азотот и кислородот од воздухот. Тоа не би било воздух, нели, туку само одделни елементи што си имаат своја посебна функционалност, но само заедно го даваат неопходниот елемент на сè живо – воздухот!
Помина времето кога на менталното здравје се гледаше како дихотомија и опонент на т.н. физичко здравје. Тие дихотомни, двојствени и сепаратни погледи кон менталното здравје се напуштаат и им го отстапуваат местото на многу похолистички системи на перципирање на толку сложен феномен како што е поимот ментално здравје.
Менталното здравје е позитивистичка конструкција создавана и одржувана низ постојана работа на себе, а со чијашто помош човекот може единствено да го почувствува животот. Само преку овој аспект на здравјето луѓето го доживуваат сопствениот живот и се свесни за него. Бубрегот, срцето, главата и црниот дроб не чувствуваат емоции и немаат свест и говор. Само душата, ако е во благосостојба, умее да погледне дека, сепак, вреди да се живее.
Дали физичкото дистанцирање значи и социјално отуѓување?
Mенталното здравје на децата е посебна приказна затоа што и популацијата е посебна. Тие се идните генерации, кои на свои плеќи ќе го носат и постмодерниот концепт за менталното здравје затоа што ние не можеме да очекуваме тие да размислуваат исто како нас. Тие се тие што ќе пишуваат за здравјето тогаш кога нас одамна ќе нѐ има напуштено нашето здравје, а и нашиот живот.
Ако погледнеме на менталното здравје, не само холистички, туку и како на нешто што се создава, одржува и унапредува сиот живот, доаѓаме до неопходноста од согледување на тековните процеси и нивното влијание врз детската психа и особено врз нивната добра состојба , која е поспецифичен назив за менталното здравје како генерализирана целовитост.
Во време на социјално дистанцирање се случуваат некои социо-културни и психо-социјални феномени, кои не се забележуваат на прв поглед, а особено не нивните силни негативни влијанија врз здравјето на децата и особено врз нивното ментално здравје. На пример, парадигмата што последнава година некој се обидува да ни ја продаде, а во која јас лично и професионално не верувам, е чудната флоскула дека физичката дистанца не означува и социјална дистанца. Мислам дека ако се навратиме на вкупното сфаќање на здравјето со сите негови компоненти (физичко, социјално, ментално, спиритуално), ќе разбереме дека тие се неодвоиви. Ако се врзани садови, како е тогаш можно физичкото дистанцирање да не го афектира прво вкупното здравје, а потоа и менталното. Да, физичката дистанца значи и социјална дистанца, барем во одамна еволуциски и природно познатата форма на комуникација меѓу луѓето – физичката, непосредната, директната…
Ако е тоа така, тогаш дистанцирањето во физичка смисла кај децата секако дека означува и социјално дистанцирање. Со тоа што не се едни со(до) други во просторно-временската димензија, тие го губат основниот супстрат на своето заедништво и своето социјално битисување. Значи, кога не се гледаат, слушаат, допираат, играат, тепаат, бркаат и што и да е друго како елемент на физичкиот контакт, тие автоматски го губат социјалниот момент на делење и на заемно дејствување. Ако, од друга страна, го погледнеме социјалното и физичкото дистанцирање од аспект на т.н. нова реалност (исто така, сомнително скован назив за нешто толку ново за да стане природно и толку непознато за да му веруваме!) тогаш, можеби во еден дел можеме да се согласиме дека физичката дистанца не означува и социјална алиенација, оттуѓување, но само поради виртуелниот аспект на комуникација што само делумно е овозможена со дигиталниот начин на општење меѓу луѓето. Сепак, колку и да веруваме дека физичкиот контакт не е неопходен за генерално да се зачува единствено комуникациската компонента на социјалното општење, на крај на краиштата ги губиме од вид другите важни компоненти на социјализацијата – емоционалниот развој, еволуцијата во когнитивниот свет на децата, културолошките поврзувања итн…
Виртуелното задоволува само еден аспект од сложениот систем на развој
Некој со право ќе рече: „Па, да, децата и вака учат, децата и вака се поврзани“ и сл. Да, ама како? Да, ама што, всушност, значи тоа, освен само лажно, нецелосно и наказно социјално битисување и тоа баш кај популацијата што сѐ уште не ги разбира ни апстрактните операции, а не, пак, виртуелната реалност. Да, ама тоа ќе го уништи сето психомоторно и контактибилно сознание на децата за функцијата на нивните органи и ткива. Да, ама тоа ќе значи дека тие уште пред да се запознаат ќе мислат дека веќе се знаат, исто како што и вие, драги читатели, само погрешно верувате дека го познавате човекот на улица само затоа што се сетивте дека ви е пријател на социјалните мрежи… Опасно е толку лесно да се препуштиме (а, за жал, тоа се случува!) на виртуелното затоа што задоволува само еден аспект од толку сложен систем на социјално-емоционално-когнитивниот развој… Каде се другите компоненти? Ги нема, се занемаруваат и се профанизира еден некоректен и едностран начин на комуникација при кој децата го губат поимот за допир, вкус, мирис, поглед, емоција, движење (некои од нив не знаат ни правилно да трчаат!) и просто физичко постоење со другиот.
За да стане нешто еволуциски оправдано треба да го помине долгиот, макотрпен и непредвидлив пат на човековата адаптација, не е доволно само да сме занесени од технолошките изуми и да останеме затворени во своите соби губејќи го дури и здравиот начин на говорење и на постоење во природната околина, а ние сме тоа, деца на природата!
Да, социјалната и физичката дистанца многу влијаат и допрва ќе влијаат врз менталното здравје на нашите најмили – децата! И, пред да дојдете во ситуација да забележите дека вашето дете само отсутно се ѕвери во екранот наш насушен и губи зборови од својот јазик и црвени крвни зрнца од својата крв, уште сега дејствувајте и покажете му дека светот е надвор од прозорецот за да не биде на крајот компјутерскиот „Виндоус“ единствениот негов светоглед кон околината и другите луѓе!(Авторот е универзитетски професор, психолог, психотерапевт)