Манџа од дезинформации за комерцијални и политички интереси
Замислете сушен предел на кој се обидуваат да опстојат две племиња. Ако едното племе открие нов извор со вода, ова сознание се претвора во негова компетитивна предност за преживување на тој терен. Оваа важна информација племенскиот поглавар не само што има интерес да ја чува во тајност од другото племе, туку, ако е итар, можеби ќе сака и да „протече“ некоја мапа со лажна информација за тоа дека водата е зад онаа планина (иако е токму на спротивната страна), особено кога второто племе ќе се посомнева дека постои друг извор.
[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]
Оваа толку очигледна конкурентска војна дури и денес имаме предизвик да ја препознаеме во најразлични облици и кај широк спектар актери во различни сфери. Aко јас како ентитет или индивидуа сум во некоја компетитивна игра и ако имам определени информации за реалноста на полето во кое играм (во фармацијата, на пример), тогаш таа информација станува извор на стратегиска компетитивна предност во однос на другите актери во тоа поле. Логично, јас имам огромен мотив да ја сочувам информацијата до која сум дошол, а можеби имам и мотив да ги дезинформирам другите играчи во мојата сфера.
Блефирањето во покерот, получекорот на Роналдо на десно и носењето на топката на лева страна во фудбалот или протекување на лажната мапа за рудникот во кој е најдена златната жичка во време на населувањето на Америка… Oвие примери се само сликовит приказ за тоа дека таму каде што постои ривалски ризик од добивање стратегиска компетитивна предност базирана на информацијата, постои мотив за ширење дезинформации.
Во времето на исклучителен развој на технологијата и на софтверските алатки што знаат кога и каде ручаме, колку калории сме внеле и која политичка партија ja преферираме, стануваме исклучително подложни на влијанија. Со капитализмот базиран на набљудување (survialance capitalism) во кој компаниите и други ентитети се борат за нашите податоци за полесно да можат да ги манипулираат нашите одлуки, технолошкиот прогрес само го зголемува капацитетот за генерирање дезинформации. Алгоритмите чепкаат низ базите на податоци што безгрижно сме ги оставиле зад себе на интернет и од нив вадат статистика за нашиот емотивен и когнитивен профил. Во согласност со ова, новите технологии ја имаат магичната способност да ни сервираат (дез)информации што лесно ќе ги голтнеме и без многу размислување ќе ги проследиме понатаму преку магичното копче – сподели (Share). Технологиите се толку софистицирани што лесно ги приспособуваат лажните вести и пропагандата до демографските групи, па дури и до индивидуални профили на луѓе, со прецизност во претпоставките која информација кому ќе му влијае за да го вознемири или да му се чини како реалност и покрај тоа што е спротивна на вистината.
Како што се нагласува во еден од текстовите во овој број на „Лице в лице“: „сите ние како поединци сакаме да веруваме во приказни, во нашите соништа за поубав живот. Нашата психолошка природа има потреба да верува во нешто што не е реално. Лажните вести будат побрзо и повеќе емоции од вистинитите вести. Лажните вести побрзо се шират и споделуваат“.
„Фејсбук“, „Гугл“ и другите гиганти го имаат застрашувачкиот капацитет да инфилтрираат верувања и вредности изложувајќи нè на информациите што се застрашувачки за определен профил граѓани, имаат моќ да создадат различен вид зависност или да создадат и придвижат групна динамика од различен вид како Black life matters, Fridays for future, но, исто така, и некои други, помалку афирмативни.
Кога во корелација со ова ќе ги ставиме и огромниот број ентитети што добиваат сè поголема (технолошка) моќ да ги шират, станува јасен огромниот јаз што е направен меѓу обичниот човек што се обидува да направи разбирлива приказна од информациите што му се сервирани за да може да функционира како социолошко битие и огромните платформи како „Фејсбук“ и „Гугл“, кои имаат поинаква агенда.
Оваа огромна асиметрија на намери и моќ носи една јасна порака. Никој не ја знае вистината за најважните работи со јасност што ќе дозволи соодветно правење избор. Овие факти е исклучително важно да ги разбереме кога се обидуваме да ја разбереме моментната географија и екологија на информацијата денес.
Оттаму, јасен е и апелот од Агенцијата за аудио и аудиовизуелно медиумски услуги дека е неопходно да ја развиваме критичната свест, која подразбира свест за комерцијалниот и политички интерес што стои зад содржините на кои сме изложени.
Овој број на „Лице в лице“ е посветен на свеста за заканата што ни доаѓа од забавните и оттаму, навидум, пријателски содржини на кои секој ден се изложуваме. Закани што нè покануваат да го активираме алармот на свесниот граѓанин што се грижи за својата „дигитална добросостојба“, тој што знае да ги користи и да ги владее новите технологии за тие да не завладеат со него, а со тоа и со иднината на општеството и на планетата.
[/ihc-hide-content]