Воведник

Манџа од дезинформации за комерцијални и политички интереси

Klimentina Ilijevski Климентина Илијевски
Klimentina Ilijevski Климентина Илијевски
Климентина Илијевски

За­мис­ле­те сушен предел на кој се обидуваат да опстојат две племиња. Ако едното племе открие нов извор со вода, ова сознание се претвора во негова компетитивна предност за преживување на тој терен. Оваа важна информација племенскиот поглавар не само што има интерес да ја чува во тај­ност од другото племе, туку, ако е итар, можеби ќе сака и да „протече“ некоја мапа со лажна ин­фор­ма­ци­ја за тоа дека водата е зад онаа планина (иако е токму на спротивната страна), особено ко­га второто племе ќе се посомнева дека постои друг извор.

[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]

Оваа толку очигледна конкурентска војна дури и денес имаме предизвик да ја препознаеме во нај­раз­лич­ни облици и кај широк спектар актери во различни сфери. Aко јас како ентитет или ин­ди­ви­дуа сум во некоја компетитивна игра и ако имам определени информации за реалноста на по­ле­то во кое играм (во фармацијата, на пример), тогаш таа информација станува извор на стра­те­ги­ска компетитивна предност во однос на другите актери во тоа поле. Логично, јас имам огромен мо­тив да ја сочувам информацијата до која сум дошол, а можеби имам и мотив да ги де­зин­фор­ми­рам другите играчи во мојата сфера.

Бле­фи­ра­ње­то во покерот, получекорот на Роналдо на десно и носењето на топката на лева страна во фудбалот или протекување на лажната мапа за рудникот во кој е најдена златната жичка во вре­ме на населувањето на Америка… Oвие примери се само сликовит приказ за тоа дека таму ка­де што постои ривалски ризик од добивање стратегиска компетитивна предност базирана на ин­фор­ма­ци­ја­та, постои мотив за ширење дезинформации.

Во времето на исклучителен развој на технологијата и на софтверските алатки што знаат кога и каде ру­ча­ме, колку калории сме внеле и која политичка партија ja преферираме, стануваме иск­лу­чи­тел­но подложни на влијанија. Со капитализмот базиран на набљудување (survialance capitalism) во кој ком­па­ни­и­те и други ентитети се борат за нашите податоци за полесно да можат да ги ма­ни­пу­ли­ра­ат нашите одлуки, технолошкиот прогрес само го зголемува капацитетот за генерирање де­зин­фор­ма­ции. Алгоритмите чепкаат низ базите на податоци што безгрижно сме ги оставиле зад себе на ин­тер­нет и од нив вадат статистика за нашиот емотивен и когнитивен профил. Во согласност со ова, новите технологии ја имаат магичната способност да ни сервираат (дез)информации што лес­но ќе ги голтнеме и без многу размислување ќе ги проследиме понатаму преку магичното копче – спо­де­ли (Share). Технологиите се толку софистицирани што лесно ги приспособуваат лажните ве­сти и пропагандата до демографските групи, па дури и до индивидуални профили на луѓе, со пре­циз­ност во претпоставките која информација кому ќе му влијае за да го вознемири или да му се чи­ни како реалност и покрај тоа што е спротивна на вистината.

Ка­ко што се нагласува во еден од текстовите во овој број на „Лице в лице“: „сите ние како по­е­дин­ци сакаме да веруваме во приказни, во нашите соништа за поубав живот. Нашата психолошка при­ро­да има потреба да верува во нешто што не е реално. Лажните вести будат побрзо и повеќе емо­ции од вистинитите вести. Лажните вести побрзо се шират и споделуваат“.

„Фејс­бук“, „Гугл“ и другите гиганти го имаат застрашувачкиот капацитет да инфилтрираат ве­ру­ва­ња и вредности изложувајќи нè на информациите што се застрашувачки за определен профил гра­ѓа­ни, имаат моќ да создадат различен вид зависност или да создадат и придвижат групна ди­на­ми­ка од различен вид како Black life matters, Fridays for future, но, исто така, и некои други, помалку афир­ма­тив­ни.

Ко­га во корелација со ова ќе ги ставиме и огромниот број ентитети што добиваат сè поголема (тех­но­ло­шка) моќ да ги шират, станува јасен огромниот јаз што е направен меѓу обичниот човек што се обидува да направи разбирлива приказна од информациите што му се сервирани за да може да функционира како социолошко битие и огромните платформи како „Фејсбук“ и „Гугл“, кои има­ат поинаква агенда.

Оваа огромна асиметрија на намери и моќ носи една јасна порака. Никој не ја знае вистината за нај­важ­ни­те работи со јасност што ќе дозволи соодветно правење избор. Овие факти е иск­лу­чи­тел­но важно да ги разбереме кога се обидуваме да ја разбереме моментната географија и екологија на информацијата денес.

От­та­му, јасен е и апелот од Агенцијата за аудио и аудиовизуелно медиумски услуги дека е не­оп­ход­но да ја развиваме критичната свест, која подразбира свест за комерцијалниот и политички ин­те­рес што стои зад содржините на кои сме изложени.

Овој број на „Лице в лице“ е посветен на свеста за заканата што ни доаѓа од забавните и от­та­му, навидум,  пријателски содржини на кои секој ден се изложуваме. Закани што нè покануваат да го активираме алармот на свесниот граѓанин што се грижи за својата „дигитална добросостојба“, тој што знае да ги користи и да ги владее новите технологии за тие да не завладеат со него, а со тоа и со иднината на општеството и на планетата.

[/ihc-hide-content]

Напишете коментар