НЛБ Банка прва на пазарот го приспособи мобилното банкарство за клиентите со оштетен вид
Живееме во ера на софистицирана технологија, време кога дигитализацијата не само што го достигна својот врв, туку и за време на пандемијата беше неверојатно корисна алатка во борбата за зачувување на јавното здравје.
Таа се покажа како ефикасна алатка, која не само што ги олесни процесите, туку стана широко применлива речиси во секој сегмент од општественото живеење и има капацитет да излезе во пресрет на различни категории луѓе што живеат со предизвици и со лимитирачки физички можности. Нејзините предности ги охрабрија креаторите на новите технологии да размислуваат во насока за развивање на дигиталните услуги до кои ќе имаат пристап еднакво сите категории граѓани, како што се, на пример, граѓаните со оштетен вид, кои немаат можност самостојно да ги извршуваат наједноставните банкарски услуги.
Токму на оваа тема НЛБ Банка, како општествено одговорна компанија, од неодамна ја промовираше, за првпат на пазарот, надградената апликација за мобилно банкарство мКлик приспособена за клиентите со оштетен вид. Со ова значајно надградување на функционалноста таа е сега применлива и достапна за употреба од страна на лицата со оштетен вид.
[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]
Ова е важен чекор во напорите да се подигне и зголеми достапноста на банкарски услуги, но и да се подигне свесноста за создавање решенија за маргинализираните група граѓани. Со цел да создадат апликација скроена според вистинските потребите на оваа група клиенти била остварена и тесна соработка со Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија. Благодарение на корисната повратна информација и несебично споделените искуства и предизвици со кои се соочуваат, како и потребите за нивно надминување, оваа мобилна апликација е веќе достапна и во функција. Се надеваме дека ваквиот тип персонализирани продукти што се насочени кон одредена група граѓани, дополнително ќе им ги олеснат банкарските обврски на нашите клиенти и ќе бидат поттик во напорите за создавање персонализирани продукти.
Токму на оваа тема разговаравме со Жарко Селковски, претседателот на Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија, кој беше директно инволвиран во процесот на надградување на апликацијата.
– Ваквата функционалност е од големо значење, посебно што во моментов претставува прва и единствена на пазарот и е во насока на подигнување на свеста за луѓето со оштетен вид и за предизвиците со кои секојдневно се соочуваат. Да бидете дел од едно општество и притоа да се соочувате со предизвиците како што е оштетениот вид или слепилото е навистина голем предизвик. Тоа што, можеби, на мнозинството им се чини како брза и едноставна процедура, што ја завршуваат во од или додека го чекаат автобусот, нам овие работи ни се многу покомплицирани и во најголем број случаи зависиме од трети лица. Но, работите, навистина, се поместуваат и свеста за луѓето со попреченост се менува. Една од новите алатки што отсега ќе можеме непречено да ги користиме е надградената апликација на НЛБ Банка за мобилно банкарство НЛБ мКлик, која станува функционална и едноставна за користење за луѓето со оштетен вид. Можноста преку говорна програма да ја користиме оваа апликација и да ги извршуваме банкарските процеси е од големо значење и во голема мера го олеснува нашето секојдневие, ни дава избор и чувство на самостојност. Ова е практика што веќе се користи во повисокоразвиените општества сензибилизирани кон луѓето со оштетен вид, а на наше големо задоволство, светските трендови стануваат реалност и кај нас. Навистина ни причинува задоволство кога вакви скромни, но значајни чекори одат во насока на подигнување на свесноста за потребата да добиеме еднакви можности и третман за вршење на секојдневните банкарски обврски.
Обврската да се посети шалтер сега е заменета со мобилниот уред, преку кој можеме рамноправно со другите клиенти на банката да ги плаќаме сметките или да поднесеме барање за кредит – вели Селковски.
Од Банката велат дека благодарение на напредната технологија тие ја препознале потребата да ја надградат постојната НЛБ мКлик апликација за мобилно банкарство и да ја адаптираат за потребите на клиентите што се со оштетен вид.
Се надеваме дека ваквите позитивни примери ќе наидат на соодветен одѕив и во иднина ќе ги охрабрат големите корпорации да продолжат да работат во дослух со нивните клиенти и и понатаму да создаваат продукти скроени за сите граѓани.
[/ihc-hide-content]