Нуркање во заборавеното: добре дојдовте во земјата на бои, ароми и на вкусови!
Храната во комбинација со планината и со чистиот воздух е потенцијалот што како земја го имаме, но сме го запоставиле. Овде лежи и основата за рурален развој базиран на нашата автентичност
Жаклина Хаџи-Зафирова
Јули 2020 година
Рефлексија од настан на „Зум“
Тема: Руралниот потенцијал – игнорирано богатство
Говорници:
Трајан Димковски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство
Емилија Стојменова Дух, 4P Digital Innovation Hub, Словенија
Јован Божиновски, туризмолог, професионален водич во планина и претседател на ПК „Љуботен“
Стеван Орозовиќ, извршен директор на Националната федерација на фармери
Aлександра Тодоровска, претставничка на Мрежа за рурален развој
Модератор – Небојша Илијевски, консултант за комуникации и за одржлив развој
Место на егзотични морски плажи, плановите за летните одмори годинава се димензионираа во домашните граници. Пандемијата ја смени перспективата, па актуелни станаа нашиот планински, езерски, речен туризам. Како некогаш, повторно станаа важни домашните капацитети и малите места на кои се сеќаваме само од детските денови или од репортажите што сме ги гледале или слушале.
Во една таква клима сѐ повеќе се размислува за локалниот и рурален развој.
Кои се можностите земјава да почне да се развива во тој правец?
Да се размислува повеќе за домашните производи, за националниот туризам, за органското, за сѐ што може да си го понудиме самите на себе и да го развиеме уште повеќе.
Но и кои се предизвиците со кои се среќава земјава во контекст на тоа и во која насока да се трасира локалниот и рурален развој?
На грав во Тетово, на сирење во Берово, на смокви во Дојран
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, зборувајќи на оваа тема на настанот на „Зум“ „Руралниот потенцијал – игноирирано богатство“ појаснува дека во последните шест месеци се донеле два правилника за флексибилност за храна од животинско и од неживотинско производство. Тоа значи дека локални производители ќе можат да нудат производи по традиционални рецепти на клиенти.
– Добар пример се малите семејни винарии. Услов за да биде продавано виното е да се регистрираат. Кај нас имаме 80 винарии, а Словенија има повеќе од 2.000. Иако сме попознати по квалитетно вино, сепак имало и законски пречки. Со сегашните промени ќе се намали притисокот и ќе се овозможи поголем развој. И, секако, ако не се вложат пари, не е доволен само закон. Со формирање на Владата, на 100 мали винарии ќе им се доделат грантови до 10.000 евра. Исто така, и за производителите на неживотински и на животински производи. Додека, со Законот за земјоделско земјиште ќе се овозможи градење мали ресторани или угостителски објекти за до 80 гости и не повисоки од осум метри, вели министерот.
Според него, три зборови се клучни за рурален развој и за туризмот: планина, воздух и храна.
– Тоа е тоа што можеме да го понудиме, вели тој и нагласува дека инфраструктурата мора да се подобрува.
Туризмологот и професионален водич во планина и претседател на Планинарскиот клуб „Љуботен“, Јован Божиновски, надополнува дека западниот, вардарскиот и источниот дел на земјава имаат значаен потенцијал за развивање на планинскиот, винскиот и на комбинираниот туризам, но потребна е конзистентност во квалитетот на понудата.
– Туризмот е поврзан со храната, со подготовката, со органските видови производи, сѐ што Македонија има во изобилство. Но, неопходна е и едукација на локалното население, поддршка од здруженијата што работат во овој домен. За тоа, пак, треба стратегија на ниво на Македонија, која внатрешно би била поделена на различни сектори. Важно е да се едуцираат луѓето за активности што може да ги работат во својот регион, вели Божиновски.
Како што вели извршниот директор на Националната федерација на фармери, Стефан Орозовиќ, првата асоцијација за топонимот Македонија е комбинација од бои, ароми, вкусови, кои нѐ отсликуваат во глобални рамки и носат една автентичност што не може лесно да се најде.
– Дури и за различните краеви на земјава постојат различни асоцијации според храната како тетовски грав, паланечки компир, беровско сирење, мавровско јагне, смоквата во Дојран, калинката во Валандово и сл. И во нашиот фолклор, храната е елемент на нашиот идентитет. Храната што ја произведуваме е значајно богатство на Македонија и потенцијал на кој треба да се фокусираме. Затоа кон земјоделството треба да се однесуваме одговорно и да го управуваме на начин што ќе овозможи одржливост и развој. Една земја е развиена толку колку што ѝ е развиено земјоделството. Тоа е карактеристика на сите економии, вели тој.
Божиновски, пак, додава дека е важно да се работи и на сместувачките капацитети од мали размери, а за тоа е потребна поддршка и од локалната власт, посебно во делот на инфраструктура од секој вид.
– Кога тоа ќе биде обезбедено, можностите за инвестиција се поголеми, нагласува Божиновски.
Локални херои за локален развој
-Човекот секогаш го има најважното место, нагласи на настанот на „Зум“ професорката на Електротехничкиот факултет во Марибор и директорка на Digital Innovation Hub, Емилија Стојменова Дух, која по потекло е Македонка. Таа во Словенија ја предводи иницијативата „Паметни села“ развивајќи ги руралните средини со помош на технологии под мотото „Human centered digital transformation“ од потребите на луѓето во одредена средина. Всушност, на тоа се должи и успехот во развојот на словенечките паметни села.
– Не следете! Доколку нешто функционира добро во Франција и во Холандија, не значи дека ќе функционира и во Македонија. Едноставно, спецификите се различни. Луѓето се различни. Место да следиме, треба да се фокусираме на потенцијалот и на ресурсите што ги имаме дома. Во нашата работа идентификуваме луѓе што се многу добро прифатени во својата средина, кои локалните жители ги знаат и им веруваат. Тоа не е лесен процес, всушност е најтежок дел. Кога сакавме да градиме иницијативи, место ние да ги претставуваме идеите, тоа го прават локалните херои. Тие луѓе се нашата врска со заедницата. Од една страна, имаат добри врски со локалното население, а од друга, знаат точно да го преведат проектот да е разбирлив за населението. Прифаќањето е многу брзо. Бевме изненадени кога претставници на една од технолошки најразвиените земји, Јужна Кореја, дојдоа да видат што е тоа што ние го правиме посебно, споделува Стојменова Дух.
Таа нагласува дека вложување во инфраструктура е неопходно, но е уште побитно да се градат дигиталните вештини на луѓето.
– Европска комисија, на пример, многу вложува во напредни дигитални технологии, а ги заборава овие мали нешта, дигиталните вештини на луѓето. Често луѓето немаат основни дигитални вештини. Ако сакаме да ги задржиме младите, мора да работиме со иновации, да откриваме нови сектори, да ги искористиме луѓето, знаењето и потенцијалот на локалното население, вели таа.
Неопходно е, смета Стојменова Дух, да осигуриме мултигенерациски пристапи. Зашто, дигитализација е супер, но сама по себе не е доволна.
– Луѓето што живеат, на пример, во Јакимово, најдобро знаат што им треба, а ние нашите средства и вештини треба да ги ставиме во нивна функција, појаснува таа.
За да се постигне сето ова, пак, потребно е и промовирање на мерките за засилување на човечкиот потенцијал во руралните области, воспоставување индустриски зони за мали производствени и услужни индустрии или деловни центри, развој на рурални задруги, како и промовирање вмрежување на здруженија и на локалната заедница – за да се изгради руралниот човечки капитал.
Мрежата за рурален развој сподели пример за моделот на соработка меѓу граѓанското општество и локалната самоуправа, со пристап „од долу нагоре“. Александра Тодоровска од мрежата посочи на иницијатива од еден локален земјоделец, кој изразил интерес да конструира интересна градба на својата фарма, а потоа идејата била поддржана од Програмата за развој на рурална економија на ЕУ, LEADER.
На граничното тромеѓе на Австрија, Германија и на Чешка, на природната шумска патека од 2,5 километри, направена е авантуристичка кула висока 40 метри, 5.000 квадрати авантуристичко игралиште со огромна лулашка, градина со јажиња за качување, лизгалка во вид на тунел од 50 метри, но и хотели за сместување од 10 метри.
– Веруваме дека LEADER е одлична алатка што нуди поддршка на руралните области на нивниот пат кон одржлив развој. Во ЕУ се спроведува 30 години. Се спојуваат јавниот, граѓанскиот и бизнис-секторот во еден субјект за да ги идентификуваат приоритетите по региони. Овој пристап ни дава важна лекција за создавање рурални области и за пресудната моќ на локалните жители. Како земја сме во фаза на акредитирање на оваа мерка – нагласи Александра Тодоровска од Мрежата за рурален развој.
Селата без жители со најголем туристички потенцијал
Македонија претставува природен музеј на речиси сите почви што се наоѓаат во Европа, стои во Националната стратегија за земјоделство и за рурален развој за периодот 2014- 2020 година, кој е главен долгорочен стратегиски документ во областа на земјоделството и на руралниот развој. На овој документ се базира поставувањето и спроведувањето на целите, политиката и на мерките за развој на земјоделството и на руралните средини во државава.
Како што се наведува во него, за периодот 2014- 2020 година, според последните статистички податоци од 2013 година, 1.261 илјади хектари или околу 50 проценти од вкупната површината на територијата на државава е категоризирана како земјоделско земјиште од кое две третини се пасишта, а другиот дел е обработлива површина. Во стратегијата се констатира дека според последните процени на населението во 2013 година, неговиот број се зголемил на 2.064.032, но нагорната линија е најкарактеристична за Скопскиот регион, а во речиси сите рурални општини има пад. Младото работоспособно население во годините наназад се иселувало од руралните области поради намалениот квалитет на живот како ограничен пристап до банкарски, поштенски, транспортни, здравствени, образовни, културни и телекомуникациски услуги, а постои и недостиг од планирани инвестиции во социјална инфраструктурата во сите општини. Во документот се нагласува и дека значаен дел на населените места со мала или без постојана популација се места со голем туристички потенцијал, кој за да се искористи, треба да се обезбеди соодветна техничка и социјална инфраструктура.
Локално – зелено – дигитално
Светлана Кузмановска од Секторот за европски прашања вели дека, за разлика од Австрија, каде што има околу 22 отсто органско производство, кај нас тоа е паднато на 2 отсто.
„Потенцијалот е огромен“, вели таа и додава дека треба да се фокусираме на органско и чисто производство, медарство, шумски производи. Според неа, потенцијалот за вработување, исто така, е голем, како и социјалните, културните, еколошките и економските придобивки. Во исто време, како што нагласува таа, треба да се смени перцепцијата за храната, која не треба да се гледа како куповен предмет, туку како вредност и како човеково право, како и што е според Конвенцијата на Обединетите нации.
– Трите димензии (луѓе, планета, профит) на развојот мора да бидат урамнотежени. Не може профитот и пазарот да бидат единствен приоритет, што, исто така, е посочено од многу експертски групи од ОН / ЕУ. Во оваа насока се развива и иницијатива на секој производ, покрај економската цена, да се дадат и влезните и излезните ресурси и отпечатокот на јаглероден диоксид, додава Кузмановска.
Македонија има огромен потенцијал за производство на храна и тоа е наша предност, но, како што нагласува таа, во иднина е важно производот да стигнува директно од земјоделецот до корисникот или преработувачот, а во визијата за рурален развој треба да се вклучат и приоритетите на Европската унија: зелено и дигитално. За зголемување на свесноста за потенцијалот на земјата, односно за храната, Кузмановска сугерира и редовна едукација на граѓаните, воведување предмет во училиштата, земјоделски форуми со деца и со граѓани, како и фокусирањето на универзитети / истражувачки центри на автохтоните сорти што е исклучително битно за отпорноста од климатски промени и бидеоверзитетот.