Oдржлива иднина е можнa само со одговорен бизнис
Пандемијата ја натера светската јавност на поширока дискусија за аспектите на корпоративната општествена одговорност: отпорноста на бизнисот на шокови од овој обем, социјалната сигурност, работничките права, социјалната еднаквост, еколошките трошоци создадени од претпријатијата ја засегаат целата планета. „Добрите“ и „лошите“ последици од бизнис-активностите среде пандемијата сега се рефлектираат на различни начини: продавачите во супермаркетите станаа новите херои, додека засегнатите од индустриското загадување „не сакајќи“ го подобрија своето здравје затоа што многу индустриски капацитети беа затворени. Еден од клучните предизвици на одржливиот развој што се најде под рефлектори среде пандемијата е прашањето на нееднаквоста. Ако климатските промени досега имаа најдиректно влијание на малите земјоделци, чиишто приноси беа десеткувани поради сушите или поплавите, ковид–19 е првата од „природните“ катастрофи што влијае апсолутно врз секој од нас, без оглед на нашата благосостојба. Кризата покажа дека е очајно потребна структурна трансформација на економскиот и општествен глобален систем кон поголема одржливост и отпорност и приспособливост.
И во земјава следиме примери за компании што на различни начини се грижат за заедницата во која работат и опстојуваат – за своите вработени, за животната средина и за многу други аспекти поврзани со економијата и општеството. Донираат опрема на болници, инвентар на училишта, стипендираат млади талентирани, помагаат во градење инфраструктурни објекти, обновуваат или градат нови духовни храмови, спонзорираат спортски настани и клубови итн. И најчесто поради овие активности се вели дека деловните субјекти што ги практикуваат се општествено одговорни.
Критична точка за долгорочен опстанок на компаниите
Но, корпоративната општествена одговорност (КОО во натамошниот текст) веќе одамна со својата суштина и значење излезе од рамките на класичната филантропија (донирањето), формата преку која, всушност, беше препознавана и формално верификувана во своите почетоци. Денес, КОО е многу покомплексна категорија.
Дискусиите за тоа што значи КОО за претпријатијата се префрлаат од зоната на репутацискиот менаџмент кон поголемо, фундаментално значење за бизнис-моделот, дури егзистенцијално. Мноштво научни студии покажаа дека екосистемот на сервиси што ги поддржува сите економски активности сега ја достигнува критичната точка и наскоро нема да биде во можност да го издржи денешниот, страшно динамичен начин на функционирање на претпријатијата. Затоа, КОО не е само опција, туку и критична точка за долгорочниот опстанок на приватниот сектор.
Ако компанијата донира, не значи дека е општествено одговорна
Граѓанската организација „Конект“ повеќе од една деценија е посветена на зголемување на свесноста за КОО и за помагање на претпријатијата да спроведат општествено одговорни стратегии и практика во своите бизнис-модели. Директорката на „Конект“, Никица Кусиникова, вели дека во националната економија веќе е оформено и едно јадро на компании што имаат изградено свесност за одговорноста кон одржливиот развој и ја интегрираат КОО во своите стратегии.
– Драго ни е што гледаме зголемен интерес и вклучување на компаниите во наши иницијативи на теми за кои до пред неколку години воопшто не се зборуваше, како на пример бизнисот и човековите права, улогата на компаниите во спречувањето на корупцијата и сл. Сепак, ако ја погледнеме вкупната корпоративна култура и економија, има простор за значително подобрување за да постигнеме поголема критична маса на одговорен бизнис, која ќе придвижи суштински одржлив развој – вели Кусиникова.
Таа објаснува кои се најголемите митови или заблуди што тие како организација се обидуваат да ги разбијат и да им ги предочат на компаниите и на јавноста:
Поистоветување на донации и на филантропија со општествена одговорност
Филантропијата е само еден сегмент од општествената одговорност. Многу поважно прашање со кое се занимава КОО е на кој начин компанијата го генерира профитот. Дали го прави тоа на сметка на загадување, преку лажен маркетинг, преку злоупотреба на вработените, преку поткуп на тендер или, пак, во секоја своја бизнис-одлука се стреми да го намали на минимум негативното влијание врз општеството и животната средина, а да го зголеми позитивниот ефект врз одржливиот развој? Тоа е прашањето водилка на компаниите посветени на КОО.
Општествено одговорна компанија, не значи компанија совршена во сите аспекти на работењето
Слушаме за одредени компании дека се декларираат како општествено одговорни, а, од друга страна, не ги третирале најдобро вработените или го загадувале воздухот и слично. КОО е процес на осознавање, созревање и континуирано подобрување на планирањето и на водењето бизнис во насока на одговорност и одржлив развој. Во сите компании и организации се случуваат пропусти и негативни влијанија. Компанијата ја покажува својата вистинска општествена одговорност кога ќе воспостави механизми што ќе ги идентификуваат маните, а кога ќе се случи негативно влијание, компанијата ќе реагира, коригира и ќе се погрижи да не се повтори таа негативна практика.
Транспарентност и отчет како клуч
Транспарентноста и отчетот се клучни за доброто корпоративно управување и за КОО. За жал, кај нас компаниите многу се плашат да прозборуваат во јавност за своите предизвици од аспект на општествена одговорност и сакаат да се прикажат само во најдобра светлина. Корпоративните комуникации од аспект на КОО не подразбираат само односи со јавноста за тоа каква добрина направила компанијата, туку и што планирала, а не успеала да направи, и со какви предизвици се соочила. Во своите деловни извештаи или извештаите за КОО и одржливост, компанијата задолжително треба да вклучи цели што сака да постигне во сите сегменти на КОО на краток, среден и на долг рок, и потоа тоа да го следи и отворено да го сподели со јавноста и со засегнатите страни. Ниедна компанија нема неограничени ресурси за одеднаш да направи чуда. Важно е да комуницира каде сака да стигне и да покаже вистинска посветеност дека секоја година оди чекор понапред. Така ќе ја засили и довербата во јавноста.
Три подрачја, во кое сме ние?
Универзитетскиот професор од Економскиот факултет – Скопје, Стојан Дебарлиев, посочува дека во домашниот контекст на општествена одговорност сѐ уште не се забележливи компании што го промениле својот бизнис-модел за во нивните мисии и бизнис-стратегии да пристапат целосно интегрирано и инкорпорирано кон адресирање на најконкретните општествени или еколошки предизвици.
Тој споделува дека активностите на КОО се поделени во три подрачја: фокусирање на филантропија, подобрување на оперативната ефикасност и трансформација на бизнис-моделот. Појаснува дека во првото подрачје, филантропските активности вклучуваат донации на пари или опрема за различни ентитети, вклучување во локални иницијативи на заедницата и поддршка преку волонтерска работа на вработени. Во второто, активностите се спроведуваат во рамките на постојните бизнис-модели за да обезбедат општествени или еколошки придобивки така што ги поддржуваат оперативните процеси низ синџирот на вредноста, често подобрувајќи ја ефикасноста и ефективноста, како, на пример, иницијативи за одржливост што ги намалуваат употребата на ресурсите и отпадот, инвестиции во човечки ресурси за подобрување на работните услови, здравствена заштита, едукација, кои треба да го зголемат задоволството од работата и продуктивноста во работењето. Дебарлиев појаснува дека дури кај третото подрачје, компаниите создаваат нови форми на деловно работење наменети за решавање на општествените или еколошки предизвици.
– Прехранбени компании како „Нестле“, „Унилевер“ и „Данон“ се репозиционираа како компании за нутриционизам и здрава храна. Така, „Данон“ ги продаде бизнис-единиците за пиво, месо и за сирење фокусирајќи се на здрави млечни производи и вода, како и за храна за бебиња и медицинска нутритивна исхрана – објаснува Дебарлиев, чиешто потесно поле на експертиза и на интерес е доброто корпоративно управување и во тие рамки и КОО.
Како оваа „школска“ поделба на сферите на КОО се рефлектира во македонската корпоративна реалност? Ако се разгледаат корпоративните веб-страници, на пример на банките и на телекомуникациските оператори, можат да се забележат многубројни активности на општествена одговорност, но, главно, фокусирани кон филантропски активности. Иако овие активности се преземаат со добри намери, како што вели Дебарлиев, сепак тие се однесуваат на првото подрачје, со најнизок импакт и дострел на влијание на остварените бенефити за општественото и за природното опкружување.
– Забележуваме и позитивна општествено одговорна практика, која покрај ова подрачје, го опфаќа и тоа за унапредување на оперативната ефикасност, во кое гледаме компании што имаат позитивна практика во областите однос кон вработените, етичко управување, односи на пазарот (кон снабдувачите, купувачите , потрошувачите и конкурентите), однос кон животната средина, вложување во заедницата (образование, здравство, култура). Сепак, иако станува збор за исклучителна практика, таа се реализира од лидерски и пионерски компании во овие подрачја, кои претставуваат мал процент од вкупниот број компании, но кои можат да служат како одлични примери поставувајќи позитивна практика и стандарди за реализација на општествено одговорни активности од кои другите компании, кои дејствуваат во слични дејности, можат да учат – смета професорот Дебарлиев.
Отсуството на принципите на КОО во компаниската ДНК носи големи ризици
Кусиникова посочува дека во денешната глобална економија сѐ повеќе се зголемува притисокот и очекувањата од компаниите да ги менаџираат своите влијанија врз животната средина и општеството.
– Во Европа веќе постои законска обврска за нефинансиско известување за големите компании. Инвеститорите, пак, ја земаат предвид КОО при донесувањето одлуки за тоа во кои компании ќе инвестираат, компаниите се соочуваат со тужби и со губење бизнис поради неодговорно однесување, кршење на човековите права и коруптивно дејствување. Тие очекувања се пренесуваат и на македонските компании преку нивните странски деловни партнери, меѓународните финансиски пазари, финансиските институции како Светска банка, ЕБОР итн. Ако сакаме како општество да имаме одржлива иднина, неопходно е да ги поттикнеме и компаниите да се вклучат и да го градат бизнисот на принципите на КОО – вели Кусиникова.
Споделува дека, за да станете снабдувач на некоја голема европска компанија, мора задолжително да покажете што правите од аспект на општествената одговорност.
– Минатата година и во јавноста беше споделено дека на една текстилна компанија од Велес ѝ беше раскинат договорот од страна на германскиот партнер поради непочитувањето на човековите права на работниците. Компаниите што не ги вградуваат принципите на КОО во своето работење ризикуваат да изгубат бизнис (без воопшто да ги споменуваме и можните санкции). Затоа, иако на краток рок на компаниите им се чини како дополнителен трошок, на среден и долг рок, само одговорниот бизнис е успешен и одржлив бизнис – истакнува Кусиникова.
Претпријатија како клучни играчи што ги менуваат правилата за сите нас
„Гејмчејнџерс“ e платформа во која членуваат повеќе од 250 компании од целиот свет, кои се декларираат како предводници на новата ера во бизнисот, каде што профитот како единствена цел се напушта како застарен концепт и почнува да важи новата парадигма –бизнис насочен кон целта за правење општо добро. Меѓу компаниите се многу познати глобални корпорации како „Фејсбук“, „Гугл“, „Тесла“, „Унилевер“, но и помалку познати имиња од најразлични бизнис-сектори.
На веб-сајтот на платформата се опфатени профили на сите членки, како и нивната општествено одговорна практика што е составен дел од сеопфатните стратегии за одржлив развој на овие компании. Издвојуваме само неколку интересни примери на општествено одговорна практика од членките на „Гејмчејнџерс“.
Хотелскиот синџир што го измисли „рециклирањето“ на пешкирите
„Скандик“ е најголемиот хотелски синџир во скандинавските земји, кој стана светски познат по ревносното спроведување на стратегијата за одржлив развој. Уште пред речиси три децении, решиле да бидат лидер во одржливиот развој во глобалната хотелска индустрија. Токму еден од вработените на „Скандик“ дошол до идејата на хотелските гости да им се предложи да ги закачат своите пешкири доколку сакаат повторно да ги употребат, а во спротивно, да ги остават на подот, со цел да се заштеди вода, да се употребува помалку прашок за перење и сл. Потоа оваа практика стана вообичаена во хотелите низ цел свет. Во 1996 година „Скандик“ почнал да известува за влијанието на бизнисот врз животната средина. Ја исфрла од употреба пластичната амбалажа за еднократна употреба, а компанијата е посветена да ги направи хотелските објекти пристапни за сите. Нивната денешна визија е „Скандик“ да биде најодржливото место на планетава каде што може да се сретнете со други, да јадете и да спиете надвор од дома.
Редуцирај ги загубите на вода и ќе има за сите
„Мија“ е меѓународна компанија специјализирана за технолошки решенија за менаџирање водни ресурси. Верува дека во светот има доволно вода за сите и дека човештвото треба да ја подобри ефикасноста во менаџирањето на водните системи во големите урбани средини. Успеала да најде начин како да се извади максимум од секој литар вода, се специјализирала за намалување на загубите на вода. Технологијата за подобрување на водоводните системи и намалување на загубите на вода веќе постои во светот, само е потребна експертиза за да се изведат стратегиски, економични проекти и се потребни и флексибилни финансиски модели за да стартуваат.
Како да го направиш осигурувањето достапно за некој што живее со 250 денари дневно?
„Микроеншур“ си постави амбициозна цел да ги убеди најсиромашните граѓани на планетава дека може да си дозволат, но и да си купат осигурување. Со план до 2020 година да овозможи пристап на повеќе од 30 милиони семејства со низок приход во Африка и во Азија до осигурителни продукти, дојде до резултат: намален број семејства што тонат во безизлезна сиромаштија како последица на ненадејни несреќни настани.
„Микроеншур“ им исплаќа осигурителни штети на своите клиенти од сиромашното население за најмногу 72 часа, што е побрзо од просечното време на исплата во развиениот свет. Им помага на луѓето да пријават штета јавувајќи им се на тие што покажуваат голем пад во месечното користење на мобилниот телефон, што го употребуваат како клучен индикатор, кој често е знак за болест, или смрт. Овие повикувачки центри им помагаат на луѓето да пријават штета, што, инаку, не би било сторено.
24/7 психолошка поддршка за вработените и за членови на нивните семејства
„Риколоџи“ е компанија специјализирана во наоѓање нови начини за процесирање и повторна употреба на тоа што некогаш се сметало за отпад. Нејзината мисија значи фундаментално скршнување од традиционалниот начин на управување на отпадот – надвор од депониите. Компанијата се труди да издвои од отпадот колку што е можно повеќе материјали за рециклирање, кои потоа ќе може да се искористат за создавање нови производи. Нејзина значајна цел е трансформирање на органскиот отпад во корисни додатоци за почвата, богати со хранливи материи или, пак, во енергија. Особено важен дел е и воспоставувањето 24-часовна програма за психолошка поддршка на своите вработени и на членови на нивните семејства, седум дена во неделата. Тие, доколку имаат некаков проблем, може да се јават на психолози со лиценца, кои ќе им помогнат со сослушување, совет, но и со кризно интервенирање доколку има потреба.
Банкари со поинакво сфаќање на благосостојбата
„Венсити“ e финансиска кооператива, која има визија за поинакво размислување околу богатството редефинирајќи го просперитетот како нешто што можеме да го постигнеме само ако сме опкружени и поврзани во жива, здрава заедница, која е одржлива на долг рок. Визијата на „Венсити“ е да се задоволат долгорочните потреби на нејзините членови – содружници и нивните заедници. Успехот го мери според тоа колку придонесува за благосостојбата на своите членови и на нивната заедница – не само финансиската благосостојба, туку и социјалната и еколошка благосостојба. Потписник е на Принципите за одговорно инвестирање на ООН. Нејзиното темелно истражување на компаниите во кои вложува вклучува процена на тоа каков импакт има секоја од нив врз животната средина, заедницата, како и врз сопствените вработени.
Извор: gamechangers.co