Пандемијата отвори врати кон заборавените можности
Локалните потенцијали како одговор на локалните предизвици
На долг рок пандемијата може да ги промени шемите на производство и на консумација, во однос на работните услови да го зголеми фокусот на работа од дома, но, од друга страна, отвора и нови начини за развој на руралните средини, што е едно од потенцијалните решенија за клучните глобални предизвици како климатските промени и постигнувањето одржливост
Се менуваат потрошувачките навики, се зголемува потребата од основни добра, а се намалува побарувачката на луксузни производи. Во исто време, многу луѓе ги загубија своите работни места, а во некои сектори се појави недостиг од работна сила поради неможноста сезонските работници да се движат меѓу земјите. Италија се соочи со недостиг од 250.000 работници во земјоделството поради рестриктивните мерки и забрана за движење, а во Шпанија, која извезува две третини од своите земјоделски производи во земјите на ЕУ, недостигаат 75.000 – 80.000 лица што сезонски би се вклучиле во бербата.
На долг рок пандемијата може да ги промени шемите на производство и на консумација, во однос на работните услови да го зголеми фокусот на работа од дома, но, од друга страна, отвора и нови начини за развој на руралните средини, што е едно од потенцијалните решенија за клучните глобални предизвици како климатските промени и постигнувањето одржливост. Всушност, кризата предизвикана од ковид-19 може да се гледа како можност за дигитализација на руралните средини, а со тоа и зголемување на нивната атрактивност и за граѓаните и за приватниот сектор. Јазот во пристапот до дигитални услуги за време на пандемијата го отвори прашањето дали пристапот до квалитетен интернет е основната алка за рамномерен и одржлив развој.
Земјоделството, производството на храна и туризмот – сектори со најголеми можности
За да ги ублажиме ефектите од тековната криза, станува неопходност да се фокусираме на локалните потенцијали и ресурси.
Индикативната стратегија на Европската комисија за Балканот (2014-2020), најголемите потенцијали за развој на земјава ги идентификува во земјоделскиот сектор, во производството на храна и во развој на туризмот, пред сѐ поради пристапот до земја, човечки капитал, локацијата и климатските услови, кои можат да ги задоволуваат домашните, регионалните и европските пазари. Дури 90 проценти од територијата на државава е рурална, а во неа живеат само 42,2 процента од населението. Голем дел од селата се целосно напуштени (151 населено место нема регистрирана популација според пописот од 2002 година), а во 633 места живеат по помалку од 100 жители.
Популацијата што живее во руралните области ужива понизок квалитет на живот од таа во урбаните средини. Пристапот до услуги (банкарски, поштенски, транспортни, здравствени, образовни, културни, телекомуникациски) е ограничен, земјоделските површини не се поврзани со електрична енергија, која е потребна за воведување модерни системи, автоматизација и компјутеризација, а квалитетот на физичката и на социјалната инфраструктура во руралните области во изминатиот период е влошен поради недоволното инвестирање во нив.
Во моментов, руралната економија, главо, е претставена од малите претпријатија (вклучително и микропретпријатијата), кои својата економска активност ја фокусираат само на локалните / регионалните пазари. Од друга страна, речиси сите претпријатија од примарното земјоделско производство се лоцирани претежно во руралните региони.
Во однос на туризмот, пак, локалното население недоволно ги препознава можностите за развој, кои туристичката индустрија му ги нуди како вработување, приход, подобрување на општата инфраструктура и привлекување инвестиции.
Руралните средини можат да бидат привлечни места за живеење и за работа
Како да ги искористиме локалните капацитети и ресурси, истовремено унапредувајќи ги благосостојбата и животниот стандард на населението и решавајќи ги идентификуваните предизвици како сиромаштија, глад, невработеност и климатски промени?
Институционалната поставеност во Македонија ја налага потребата од соработка и заедничко дејствување на многубројни засегнати страни како Министерството за локална самоуправа (програми за рамномерен и регионален развој), Министерството за економија (програми за развој на туризам), Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и на руралниот развој, Владата (програми за одржлив развој и за рурален развој), Фондот за иновации и технолошки развој (програма за развој на иновации во руралните средини).
Координирани инвестиции меѓу јавниот и приватниот сектор, како и донаторската заедница, заедно со диверзификација на руралната економија, можат целосно да ја променат сликата во руралниот дел од земјава, а селата да станат привлечни места за живеење и за работа.
Кризата предизвикана од ковид-19 целосно ги менува перспективата и перцепцијата за руралниот развој. Таа ја забрза употребата на дигиталните алатки и на глобално ниво и кај нас. Мерките за социјално дистанцирање поттикнаа развој на нова работна практика, далечинско учење и развој на е-услуги. Ова е особено важно во руралните области каде што растојанието и времето на патување имаат тенденција да бидат подолги. Со други зборови, на семејствата им беше овозможено да живеат рурално, а повторно да ги завршуваат своите работни активности. Во исто време, мерките за социјално дистанцирање сè повеќе ја зголемуваат атрактивноста на руралните средини.
Од друга страна, пак, кризата поради ковид-19 може да го поттикне порастот на нови фирми и работни места што нудат дигитални решенија и поврзување на градовите и на руралните области. Инвестициските пакети во социјални иновации за поттикнување рурален развој стануваат неопходност за земјава.
Никогаш како сега не сме биле свртени кон препознавање и уживање во природните богатства што ги имаме. Планините, водопадите, реките, езерата, храната што ја имаме дома станаа забележливи и препознаени. Ги менуваме и навиките за купување, при што им даваме предност на локалните добра, на производите од мал локален бизнис и од примарни производители. Природните ресурси со кои располагаме во иднина можат да бидат уживање и за странските туристи, а руралниот туризам се наѕира како нов сектор, кој има капацитет да ги регенерира сиромашните и помалку развиени области.
Оваа криза им нуди на руралните заедници можност да ги мобилизираат и засилат своите локални мрежи и кооперативни структури за да се соочат со економскиот шок. Руралните области имаат тенденција да имаат корист од вмрежувањето и од самоорганизирањето за да се приспособат на структурните промени, а локалните иницијативи што се појавија привремено за решавање на непосредните економски и социјални ефекти на пандемијата може да бидат корисни механизми за долгорочно промовирање благосостојба и кохезија во руралните заедници.
Одржлива, зелена и дигитална обнова на Европа
И на ниво на ЕУ се забележува зачеток на нов дискурс во дебатата за развојот на руралната политика. Руралните заедници стануваат клучен инструмент во транзицијата кон зелени и инклузивни општества, како и во остварувањето на глобалните цели за одржлив развој и европскиот зелен договор, со што се обезбедува директен одговор на климатските промени и загубата на биодиверзитетот.
Станува сè појасно дека потенцијалот на руралните делови не е целосно искористен и преку досегашната политика развивана на ниво на ЕУ, но и на ниво на земјите-членки. Потврда за овој развој е централизацијата на населението во урбаните средини, централизацијата на услугите, кои не обезбедуваат пристап до основни услуги за населението во руралните средини. Оттука произлегува и клучниот предизвик за политиката на ЕУ, каков дизајн на политика и мерки се потребни за да се искористи потенцијалот на руралните средини.
Од друга страна, очекувањата за глобалната економија се намалување на 5,2 проценти во 2020 година, што е приближно трипати повеќе од глобалната финансиска криза во 2008 – 2009 година. Според Светка банка, во најразвиените економии како Обединетите нации и еврозоната, се очекува домашниот бруто-производ да биде – 6,1 процент и 9,1 процент соодветно, додека, пак, повеќе од 90 проценти од пазарите и од економијата во развој се очекува да се соочат со намалување на приходот по жител, што ќе води кон милиони граѓани повторно да западнат во сиромаштија.
Во комуникацијата на Европската комисија за развиениот финансиски инструмент како одговор на кризата, Инструментот за техничка поддршка за обнова и за зголемување на отпорноста обезбедува поддршка во транзицијата кон климатски неутрална и зелена економија. Комисијата ја препознава потребата од одржлива, зелена и дигитална обнова на Европа, притоа истакнувајќи ја и важноста за обезбедување поддршка за најранливите граѓани.
(Авторката е истражувачка во Асоцијацијата за истражување, комуникации и за развој „Паблик“)