Реоткривање на татковината: планина од можности
Ја реоткриваме, се одушевуваме на својата земја и заклучуваме дека сме затрупале и сме направиле невидлива една огромна планина од можности и сме запустиле многубројни предели полни со потенцијал во кои реално и нема услови за живот зашто не ни биле приоритет, а не сме ја препознавале ниту потребата од нив.
Приказна 1 – Пред неколку години го запознав Георг – специјалист за рурален развој. На наша покана дојде во Струга. Си замина со полни очи и душа природа доловена преку Вишни, Јабланица, Горна Белица и вчудоневиден од запоставеноста на пределите, од селата без луѓе и од неконтролираното сечење на шумите. „Во Австрија особено вложуваме во инфраструктурата и во задржувањето на локалните жители во планинските предели нудејќи им можности за развој на сопствени социјални претпријатија зашто на градот му се потребни планинските села – и на семејствата, и на училиштата“ – нагласи на настанот на кој го поканивме да зборува за настава во природа на фарми, за семејни одмори во вили каде што храната ја собираш од градина и самиот ја приготвуваш и се приклучуваш на тури за запознавање со планината.
Приказна 2 – „Не е целта да имаш суров производ в рака и да му го продадеш на прекупец за мали пари, туку да најдеш начин да го преработиш суровото“. Вака ја почна својата приказна социјална претприемачка од Мароко, лани на настан во Барселона посветен на социјалната економија. Опишуваше изолирано сиромашно село од кое, и покрај изобилство на органски арган, суровина за високоценетото скапо масло, младите се иселувале. Денес, селото почнало да го менува својот лик.Откако собирачите на арган се здружиле и си обезбедиле машини за производство на масло, развиле успешно социјално претпријатие, кое во исто време инвестира и во развој на селото. Приказната е релативно нова, но со потенцијал да се развива кон паметно село со современа инфраструктура и брз интернет и услови привлечни за младиот човек.
Приказна 3 – Пред извесно време на „Фејсбук“ ми прелета приказна за Давид, кој ги напуштил градот и археологијата и станал козар. Начинот на кој зборува за сточарството, за своите кози и за планината, посветеноста и визијата за развојот на својот микробизнис, кој му нуди пријатен вкус и спокоен сон (нешто што градот одамна не ни го дава), ставот дека преку својата работа создава пријатели што одблиску го запознаваат производството на млеко и на млечни производи, а не муштерии, ми влеа верба дека има надеж и дека во иднина сè повеќе ќе зборуваме за миграција од град в село, за одржлив начин на живеење и за сплотеност со природата.
Приказниве погоре се огледало на овој број на „Лице в лице“. Низ него нашите соработници го отворат сезамот со ризницата можности скриени длабоко на планините, езерата, реките, селата, водопадите….
Разговаравме одблиску со луѓето што живеат од сточарство и од рурален туризам, со луѓе што го оставиле „нормалното“ и влегле во нешто сосема друго. Со луѓе што се фокусирале на најдоброто од Македонија.
Стануваме поумни и посвесни и, конечно, забележавме дека цвеќето по кое одевме да го купиме во маркет вирее околу нашите нозе. Македонија е земја на суровини. Земја на билки. Земја на планини и на спокој. Земја на почва што може да вдоми стотици растителни видови. Земја на сонце и на води… Земја на бои, миризби и на вкусови…
И личи дека токму сега е времето овие потенцијали да ни станат приоритет заедно со знаењето и со мудроста на луѓето што живеат рурално. Природните потенцијали и луѓето посветени на нив се стожерот на руралниот развој, но, пред сè, мораме да овозможиме услови за одржливо земјоделство и сигурен пласман на производите. Следејќи ја аналогијата од приказната од почетокот,токму тој момент може да биде основа за подем заедно со отстранувањето на декадентните, најчесто политички и корпутивно мотивирани дејствувања како пренамена на земјоделско земјиште во градежно, субвенции за парцели на кои никој не стапнал.
А, пред сè, треба да го надминеме стереотипот што е земјоделец / сточар. Новиот земјоделец не е запустен, осамен слуга на урбаната лакомост, кој едвај преживува, туку е образован и информиран, насочен кон технологија и одржливост. Тој става акцент на подобрување на инфраструктурата, но бара и да не биде веќе истиснуван од пазарот во услови на безмилосна конкуренција на крупниот капитал и индустријата, која водена од идејата за профит, храната ја третира само како трговска стока што е закана за одржливиот развој.
Свртувајќи се кон локалниот потенцијал, ќе можеме да ги користиме попаметно компаративните предности на земјава, вклучително обновливите извори на енергија, и да создаваме мали претпријатија, кои постојат во локалните средини. И, секако, да ги поддржуваме малите услуги и производство купувајќи храна што не го пропатувала светот пред да стигне до нашата чинија. Локално и зелено! И дигитално – активно користејќи ги придобивките на дигиталната технологија.
Во исто време, верувам дека нашите деца сè повеќе ќе споделуваат искуства од повеќедневна настава во природа во руралните предели, од посети на фарми и на агрокампови, а и дека на сè повеќе луѓе, економијата базирана назнаење ќе им овозможува да работат од каде било каде што постои стабилен и брз интернет, што значи и овозможување да живеат и работат во природен амбиент, на планина, во село. Ова личи како остварување на сонот на многумина, а е сон што реално можеме да го живееме.