Сè уште заглавени во стереотипи на авторитетни татковци и мајки-домаќинки
Во просек, секое трето, а во многу средини и секое второ момче на 15 години во Македонија го дели мислењето дека девојчињата треба да се насочат да бидат добри мајки и сопруги, место да тераат кариера, односно дека таткото треба да има поголем авторитет од мајката во семејството, (табела 1). Колку што е заедницата потрадиционална, толку е девојчето помалку еднакво и пообесправено во остварување на своите права и можности за учење и за развој, под изговорот на грижа и заштита. Притоа ни момчињата не се во поповолна позиција.
На прашања поврзани со ставовите за улогата на мажот и на жената во семејството, како и за нивните амбиции и права, висока е пропорцијата на ученици на 15 години што застапуваат и/или прифаќаат традиционални норми и уверувања.
Учениците се свесни за нееднаквоста, но лесно ја прифаќаат
Уште позагрижувачки е тоа што со поддржување на родовите вредности расте преваленцијата на дискриминирачки уверувања и меѓу самите девојчиња, директни жртви на родовата нееднаквост, кои во чекор ги следат своите врсници, момчињата од традиционалната албанска етничка заедница во Македонија (табела 1).
Во непосредните разговори со овие млади, по повод ваквите наоди, учениците се свесни за нееднаквоста и сметаат дека е неправедна, но состојбите ги толкуваат со краен дефетизам и лесно прифаќање на статус квото. Нивните коментари дека „тоа е така“, секогаш било така и не можело да се промени, се главниот аргумент како одговор на овие состојби.
Ова се само дел од наодите што ги носи социолошката студија за однесувањата поврзани со здравјето на децата од Северна Македонија (Health Behavior in School Aged Children Study, www.hbsc.org) (која се спроведува секоја четврта година, на национален примерок ученици од 11, 13 и од 15 години), која е единствена од овој вид што се занимава со здравствени теми поврзани со животниот стил на младите во раната адолесценција, со сеопфатен пристап кон здравјето и со еднаков интерес за контекстот / економски, развоен, социјален, културен, етнички итн./ во кој младите растат, учат и живеат. Наодите од истата студија покажуваат дека традиционалните норми во родовите улоги и очекувања имаат големо влијание врз однесувањата на младите и начинот како се изразуваат и претставуваат себеси и како се позиционираат во врсничката група, и пред другите.
Родовите теми се важни за детското ментално здравје и добросостојба
За родови еднаквости говориме кога жените, мажите и сите други што не припаѓаат на оваа дихотомија ги уживаат истите права и можности во сите области и сегменти на општеството вклучувајќи ги економското, политичкото и професионалното учество, како и учеството во донесувањето одлуки во сопствениот живот. За родови еднаквости зборуваме и кога различните однесувања, аспирации и потреби на човекот се еднакво вреднувани и уважувани, независно од неговата родова припадност, родов идентитет или сексуална ориентација.
Родовата нееднаквост се јавува кога разликите во статусот, (не)моќта и престижот што ги уживаат мажот или жената во семејството, групата, колективот и заедницата, се должат само на нивната родова припадност, родов идентитет или сексуална ориентација Нашиот истражувачки интерес е насочен кон унапредување на родовите еднаквости меѓу младите и за тоа како се тие поврзани со нивното (ментално) здравје и добросостојба.
Гледајќи на здравјето како на целина од физичко, ментално, социјално и духовно здравје, и како на ресурс и квалитет на животот, наспроти медицинскиот модел, кој на здравјето гледа како на отсуство на болест, споменатата студија овозможува здобивање увиди и следење на најзначајниот, критичен период во развојот на децата – раната адолесценција. Во тој контекст, родовите прашања заземаат клучно место во разбирањето на улогата на децата во заедницата, во уживањето на нивните права и можности за еднакво учество во сопствениот развој и добросостојба. Од друга страна, со грижатаза менталното здравје, како индикатор на детската човековата добросостојба, мора да се почне од најрана возраст. Менталното здравје вклучува продуктивна работа, добро чувство за себе, поврзаност со другите и успешно соочување со секојдневните стресови на животот, што е тесно поврзано со грижата за човековите и детските права. Децата со добро ментално здравје имаат развиено позитивни социјални вештини, лесно се снаоѓаат во нови ситуации и се ефикасни во соочувањето со проблемите, соодветни на нивната возраст.
Родово чувствителни средини, најдобар амбиент за учење и развој
Родово чувствителните средини не ги препознаваат децата според пол, род, или кое било друго родово обележје. Тие создаваат атмосфера на безбеден и оптимален развој за секое дете, независно од каде доаѓа, како се идентификува и што носи со себе. Таквиот развоен амбиент го ослободува контактот на детето со самото себе, го олеснува неговото самоприфаќање и овозможува негово автентично поврзување со другите и со заедницата. Најклучните развојни предизвици на процесот на социјализација во врсничката група, училиштето и со другите, децата ги разрешуваат многу полесно во родово чувствителни средини. Меѓу другото, тоа им помага и да научат да живеат во светот на различностите со толеранција и со чувство на праведност и на еднаквост како етаблирана вредност и норма, во нивното однесување.
Прашањето, како од оваа визија кон која се стремиме, и имаме обврска да се стремиме, да тргнеме напред и да ја оствариме? За тоа ни е потребна евиденција со истражувачки наоди што се потпираат на гласот на децата, како референтна точка, од каде да почнеме.
Тоа каде и како живеат нашите деца, колку ги препознаваме и како ги адресираме овие прашања денес во Македонија е поврзано со многу фактори, кои се разликуваат од една до друга средина.
Нашето истражување кажува дека 42 проценти од децата во Северна Македонија живеат во ниско имотни семејства. Мнозинството од нив во традиционална заедница, со култура и со норми на строго детерминирани родови улоги и очекувања, што создава амбиент за длабока родови нееднаквости и дискриминација, на чекор до насилства. Поради неказнивоста на насилствата, многу деца и млади се принудени да живеат во атмосфера на нетолеранција на различностите и на родова дискриминација, во секоја средина во која учат и растат: семејството, училиштето и заедницата. Тоа е сеуште доминантниот животен амбиент што тие го имаат и што најпрво треба да се менува.
Родовите еднаквости се тема со која образованието мора да почне да се занимава сериозно и системски бидејќи таа е во основата на најголемиот број насилства, партнерски, семејни и во заедницата.
Засега, образованието е пасивно и нема добар одговор на овие прашања. Место да направи сериозен исчекор во надминување на родовите нееднаквости, тоа само ги пресликува и негува традиционалните родови поделби и ограничувања, без свест за далекосежните последици на таквата политика и практики по добросостојбата и перспективите на младите. При што еднакво страдаат момчињата, како и девојчињата, на родово својствен начин.
Меѓуродови нееднаквости во социјалната поддршка
Девојчињата, од традиционалните семејства живеат поповлечено, поретко излегуваат (табела 2), се дружат со мал број пријателки, за кои силно се врзуваат и многу често се разочаруваат, додека момчињата излегуваат почесто, се држат до поголеми групи, во кои знаат да бидат и малтретирани, но тоа ретко кога го признаваат, а уште помалку го пријавуваат (табела 3). Ставовите дека „така се расте“, не им помагаат во градењето на самодовербата, напротив, само ја засилуваат ранливоста, но и бесчувствителноста и отсуството на емпатија за другиот. За разлика од нив, девојчињата постојано и најчесто страдаат од поради озборувања.
Меѓуродови нееднаквости во менталното здравје
Психосоматските тегоби, како главоболката, нервозата, (анксиозноста) и раздразливоста се најчести реакции на девојчињата на родовите нееднаквости меѓу младите. Менталното здравје е нивното поле на „бунт“ и страдање. Зачестеноста на психосоматски проблеми расте со возраста кај сите групи испитаници, со највисок распон, од двојно (кај нервозата) до трипати повеќе (кај раздразливоста) кај девојчињата од двете етнички заедници во Северна Македонија (табела 4).
Малото учество и слабиот интерес за нивниот глас ги става девојчињата во понеповолна положба од момчињата во соочување со стресот. Преплавеноста со проблеми, за кои немаат решение, и чувството дека не можат да ги контролираат работите во својот живот се почесто присутни меѓу девојчињата, во сите возрасни групи, со пораст на немоќта, со возраста (табела 5).
Ваквите состојби, оставени на „времето лекува сè“, водат кон сѐ почести периоди на нерасположенија, и депресивни чувства на тага и на безнадежност, секој ден, во траење од две недели, кај голем број млади на 15 години. Секое второ девојче, и секое трето или четврто момче на 15 години се соочуваат со овие психички состојби (табела 6). Сличен е трендот, со нешто помала зачестеност и кај останатите групи деца.
Меѓуродови нееднаквости во ризичните однесувања
За разлика од девојчињата, кои се посклони кон акумулација на незадоволствата во себе изразувајќи ја својата немоќ да одговорат на предизвиците на својот развој, момчињата се свртуваат кон ризичните однесувања – пиењето, психотропните супстанци, раните сексуални искуства и насилството, како испробани и родово усвоени решенија за справување со анксиозноста.
Лесно достапен, алкохолот во македонското семејство е првиот избор за смирување на напнатоста меѓу младите. Тој се консумира слободно, со уживање и со одобрение на возрасните, од кои мнозинството го сметаат за тест на зрелоста. Така 59 проценти од момчињата и 40 проценти од девојчињата од македонската етничка заедница, на 15 години, ќе изјават дека пиеле алкохол (повеќе од една голтка) најмалку еднаш или повеќепати, во последниот месец (табела 7). Пијанството, пак, еднаш, два или повеќепати во животот, го искусиле 41 процент од македонските момчиња и 28 проценти од девојчињата, на истата возраст. Родовите стереотипи дека така се расте не се многу поинакви од толкувањата на другите ризични однесувања, како малтретирањето во училиште и насилствата.
Меѓуродови нееднаквости и во сексуалните искуства на младите
Раните сексуални искуства меѓу младите на 15-годишна возраст од Македонија се тема за која не се разговара и нема каде да се разговара. Северна Македонија се јавува како една меѓу неколкуте земји (од 48 земји на студијата) со највисоки меѓуродови разлики во сексуалните искуства на младите (табела 8).
И тука резултатите потврдуваат дека културата, родовите норми и улоги силно влијаат врз однесувањата на младите и врз нивното доживување на себе, поврзано со сексуалноста. Момчињата (38 проценти) од Северна Македонија, на 15 години пријавуваат и до 10 пати повеќе сексуални искуства од нивните врснички (4 проценти), во просек. Ваквата меѓуродова диспропорција е типична за традиционалната родова култура што ја делиме со повеќе земји од соседството како што се Албанија и Бугарија, а во заштита на т.н. „мачо култура“. Уште повпечатливо е што оваа состојба на пријавени сексуални искуства на младите е тренд што не се менува во последните 16 години.
Раното стапување на македонските адолесценти во сексуални односи е потврда за нивната изложеност на бројни ризици, не само по нивното сексуално и репродуктивно здравје, туку и по нивното социјално и ментално здравје. Ниската култура, незнаењето и отсуството на вистински ресурси за младите на планот на сексуалноста и на родовите прашања, вклучувајќи го и децениското одбивање на системот да воведе сеопфатно сексуално образование во училиштата, веќе 16 години нѐ држат на позицијата на ризично „статус кво“. Децата од Македонија не знаат доволно, немаат соодветни извори на информации, и проблемите ги решаваат по пат на обиди и грешки, кои често не можат да се коригираат.
(Авторката е главен истражувач на ХБСЦМ за Северна Македонија, Центар за психосоцијална и кризна акција – Малинска, Скопје – www.cpca.mk)
*наоди од Студијата за однесувања поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст (HBSCМ, 2018, https://hbscmacedonia.wordpress.com)