Сеопфатно сексуално образование достапно за сите
„Сака многу да се гушка… Сака да има и девојка еден ден“, „Едноставно, почнува да си ги допира интимните делови и јас не знам како да постапам. Некогаш знае и да се соблече во јавност“, „Се појави првата менструација…“, „Се појави првиот влажен сон.“
Ова се само дел од изјавите и сведоштвата на родители, старатели и на професионалци со кои тимот за иновации на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) работеше во изминатиот период. Темата е жешка, за неа сѐ повеќе се говори во јавноста и во професионалните кругови, но има уште многу да се каже и да се направи за сеопфатното сексуално образование (ССО) кај лицата со попреченост, со акцент на децата и на младите од аутистичниот спектар на нарушување. Секој проблем има и соодветно решение. Токму такво решение е персонaлизирана дигитална веб-платформа за ССО кај децата и кај младите од аутистичен спектар на нарушување. Пред тоа, да се вратиме неколку чекори наназад.
Висок процент родители се согласуваат нивните деца да изучуваат теми од сексуалното образование
Официјалната дефиниција за ССО, од Интернационалниот технички водич за сексуално образование на УНЕСКО, гласи: „Сеопфатно сексуално образование претставува процес базиран на наставни програми што имаат цел учење на когнитивните, емоционалните, физичките и на социјалните аспекти на сексуалноста. Целта е децата и младите да здобијат знаења, вештини, ставови и вредности што ќе ги поттикнат да го разберат нивното здравје, благосостојба и достоинство, да развијат соодветни социјални и љубовни врски, да размислат како нивните одлуки влијаат врз нивната благосостојба и врз благосостојбата на другите, да ги разберат и заштитат нивните права низ текот на нивниот живот“.
Овој тип образование опфаќа неколку главни тематски области, кои понатаму влијаат на вкупниот раст и развој на личноста: врски, вредности, права, култура и сексуалност, потоа род, насилство и безбедносни аспекти, вештини за здравје и за благосостојба, човеково тело и развој, сексуалност и сексуално однесување и сексуално и репродуктивно здравје.
Во нашата држава до неодамна сексуалното образование не се изучуваше како посебен предмет во училиштата. Оваа ситуација полека се менува имајќи предвид дека се планира во дел од основните и во средните училишта да се воведе пилот-програма за ССО, која ја изработи Бирото за образование и развој во соработка со УНФПА, граѓанскиот сектор и со група стручњаци од оваа област. Тоа што радува и што е за поздравување е дека исклучително висок процент родители (од 82 проценти до 96 проценти), според едно истражување на здружението на граѓани ХЕРА, се согласуваат дека младите треба да изучуваат теми што се дел од ова образование. Значи потребите се тука, исто како и можните решенија и модалитети. Ситуацијата станува малку покомплексна кога ја разгледуваме проблематиката низ призмата на лицата со попреченост, особено низ призмата на децата и на младите од аутистичниот спектар на нарушување.
Преку дигитална платформа – до одговори на прашањата за сексуалното и репродуктивно здравје
Идејата водилка на големото семејство на Обединети нации, па и на УНФПА е дека никој не смее да биде изоставен, дека, едноставно, нема ние и вие, туку дека сите сме еднакви, со еднакви права и обврски. Па така и лицата со нетипичен развој, меѓу кои и лицата од аутистичниот спектар на нарушување имаат еднакви сексуални и репродуктивни права, кои се, всушност, човекови права поврзани со сексуалниот и репродуктивен живот. Од исклучителна важност е кога ги дизајнираме можните алатки тоа да го правиме заеднички со сите важни фактори: родители, старатели, професионалци, институциите и најважно – децата и младите лица.
На национално и на регионално ниво нема решенија што ги задоволуваат во целост потребите на лицата со попреченост, со акцент на лицата од аутистичниот спектар, во однос на сексуалното образование и развој. Така, тимот за иновации на УНФПА од април 2019 година почна да развива и тестира дигитално решение (веб-платформа) за ССО кај деца и кај млади од аутистичен спектар на нарушување. Решението има цел да ги научи децата и младите луѓе за сѐ што е поврзано со нивното сексуално и репродуктивно здравје, приспособено на потребите и на развојната фаза во која се наоѓа детето / младиот човек. Решението ќе им помогне на родителите, старателите и на професионалците полесно да работат и да ги советуваат младите за темите што се дел од ваквиот тип образование. Најважно е дека ќе им помогне да разберат што сè им се случува со телото на емоционално и на физичко ниво. Дополнително, ќе придонесе да се избегнат можните форми на анксиозност, депресија, агресија, изолација и несоодветно сексуално однесување – појави што може да настанат ако не се адресираат благовремено нивните сексуални потреби.
Алатката што ја тестираме е дигитална веб-платформа со персонализирани приказни за сексуално образование, составена од повеќе од 650 црно-бели илустрации, кои лицата од спектарот можат да ги употребуваат и лесно да ги разберат. Решението е веќе тестирано во недигиталниот свет и се базира на докажан и изработен магистерски труд. Тоа што се наоѓа пред нас е создавање на првиот дигитален прототип и негово тестирање.
Лицата со попреченост имаат потреба и право за пристап до соодветни и приспособени информации и алатки за сексуално и за репродуктивно здравје. Наша задача е да ги овозможиме сите услови за ова да биде реалност. Само на тој начин ќе изградиме подобар свет и подобро општество во кое, навистина, секоја индивидуа ќе живее во благосостојба и ќе има здрав и исполнет живот.
(Teкстот го подготви тимот за иновации на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА)