Социјален ментор – новата интересна професија
Регионов ги доби првите 10 ментори за социјална интеграција (социјални ментори), откако поминаа повеќемесечна програма, која дава значителен придонес кон создавање поинклузивен пазар на трудот. Главна задача на социјалните ментори е насочување на лицата што тешко можат да се вработат и нивна подготовка при влезот на пазарот на труд. Социјалниот ментор се фокусира кон потенцијалите за вработување на лицето и неговата работна интеграција на отворениот пазар на труд или на посредниот пазар на труд (работното подготвување во социјални претпријатија).
Првата генерација социјални ментори во Македонија, Косово, Албанија, Србија и во Босна и Херцеговина беше обучена од страна на Асоцијацијата за истражување, комуникации и за развој „Паблик“, која работи според верификувана програма оформена во согласност со потребите на групите што тешко можат да се вработат во земјава и во регионот, со поддршка на Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ). Едукативната програма и методологијата за социјално менторство произлезе од потребата за изработка на оперативен протокол за активација, мотивирање и за задржување на работа на овие лица на отворениот пазар за труд.
Социјалните ментори со засилени професионални капацитети се веќе активни на терен во рамки на своите матични организации, а на Форумот на добри компании, кој се одржа на 15 и на 16 април преку интернет, новоздобиеното знаење и пристап го опишаа како голема промена во начинот на работа со ранливи луѓе.
– Тоа што ми недостигаше во мојата работа, сега го имам. Имам алатки и имам структуриран пристап со чијашто помош знам дека значително ќе го подобрам влегувањето и останувањето на пазарот на труд на лицата што тешко можат да се вработат. Ова за мене беше едно од најзначајните професионални искуства, добив многу преку програмата за социјалното менторство – објасни Јелена Станковиќ од Србија, една од десетте социјални менторки, кои изминатиов период се обучуваа за обезбедување на оваа услуга.
Социјалната менторка Арлинда Заими од Косово, пак, нагласи дека тие се агенти на промената:
– Силно верувам дека пристапот на социјалното менторство ќе биде начин да се направи мост меѓу програмите за социјална инклузија и вработувањето, како и меѓу центрите за социјална работа и агенциите за вработување.