Трансформација на свеста е услов за успешни образовни реформи
ИНТЕРВЈУ СО МАРТИН ГАЛЕВСКИ, ДОКТОРАНД НА ДЕПАРТМАНОТ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ ОКСФОРД ВО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА
Фотографии: Томислав Георгиев
Дали македонското образование е жртва на политика? Заробеник на интереси, место столб на потребите на учениците? Дали е пинг-понг топка за политикантски расправии, место есенцијален општествен актер за создавање генерации со вредности, подготвени да го направат светот подобро место за живеење на сите граѓани?
Реформи. Млаки, а најавени радикално. Радикални, а најавени тивко. Еднаш избрзани, другпат задоцнети. Никогаш навреме, во доволна доза и со вистински цели.
Каде потфрламе? Има ли виновник, виновници сме сите или сѐ е резултат на системскиот, често ноншалантен, стихиен однос?
Многу прашања, ретко одговори.
За ова издание на „Лице в лице“, на оваа жешка тема, особено важна среде една глобална криза предизвикана од пандемијата, која црта нови контури на лицето на образованието, наш соговорник е Мартин Галевски, докторанд на Департманот за образование на Универзитетот Оксфорд во Велика Британија. Работи како консултант за образование во рамки на канцеларијата на Светска Банка во Северна Македонија и Србија. Не разговаравме за историја, за географија, музичко, ликовно, за сексуалното образование во основно… Одиме чекор понатаму. Зборуваме за суштинските елементи на поставување темелна визија и проекција на одржлив и квалитетен образовен систем. Таков, што ќе овозможи услови за развој на дивергентното мислење и за унапредување на вештините на 21 век, важни за сестран развој на децата, и, истовремено, што ќе подготви одговорни граѓани, кои ќе создаваат силно општество според многу параметри.
1. Македонскиот образовен процес долго време е тема на критика, особено ако се земат предвид резултатите од меѓународните истражувања кај учениците. Едногласноста дека му е неопходна промена беше заеднички предзнак за многу засегнати страни. Но, неодамнешната најава за нови реформи во основното образование не наиде на добар одѕив. Како би го објасниле ова? Дали секој новитет го дочекуваме со скепсa (a оддалеку му се восхитуваме, како што е примерот со скандинавското образование)? Дали, пак, причината е што постои став во фелата дека во овие најави има повеќе политика, отколку експертиза?
– Сосема е нормално кога се случуваат значајни системски промени да се појават различни гледишта за претставените реформски чекори. Треба да се каже дека различните ставови ја заживуваат и збогатуваат дебатата, а понатаму овозможуваат подобра реализација на реформите. Јас би бил повеќе загрижен доколку сите фактори размислуваат исто за работите, феномен што е често присутен во недемократски општества. Оттука, се надевам дека и во иднина ќе бидеме сведоци на вака живи дебати кога е во прашање образованието како еден од најважните, ако не и најважен, општествен сегмент. Во развиените земји е веќе одамна воспоставено како принцип дека само преку отворени дискусии што ќе ги извадат на површина различните гледишта, може да се дојде до подобрување на сите сегменти од живеењето, вклучувајќи го тука и образованието.
Тоа што треба да го разбереме е дека реформите се секогаш болен процес бидејќи подразбираат промена на нашето однесување. Често кога се повикуваме на искуствата од скандинавските или други развиени земји, најчесто како критика на тоа што се случува кај нас, како да забораваме дека и таму воведувањето на реформите е тежок и макотрпен процес, кој е подложен на отпор или критика. Треба да отстапиме од романтизирањето дека таму работите течат како подмачкани. Лично сум учествувал во неколку реформски процеси во земјите од Западна Европа и знам дека и таму предизвиците се составен дел од реформите.
Секако, еден дел од негативните или, пак, порезервирани ставови кон образовните реформите се поттикнати од претходните искуства на ова поле. Ако се осврнеме на минатото кај нас, ќе видиме дека не изостануваат примери на реформи што се со краток животен циклус или, пак, не ги покажале посакуваните ефекти. Причините за тоа зошто реформите не успеваат се различни и многубројни. Тука би одвоил две генерални причини. Првата е поврзана со тоа што се нарекува фати-пушти реформи, кои најчесто не успеваат не затоа што, откако ќе бидат спроведени, даваат незадоволителни резултати, туку затоа што речиси никогаш не ја поминуваат фазата на спроведување. Втората причина е поврзана со механизмите за планирање и за спроведување на реформите – дали се одвоени доволно средства за нив, дали се соодветни на образовниот контекст и дали има доволно т.н. агенти на промена, кои се подготвени лично да се вложат во промената.
Тоа што, можеби, е несреќен почеток за предложената концепција за основно образование е дека целата реформа уште од самиот почеток беше ставена во контекст на пошироките општествено-политички случувања, кои нѐ засегаат како држава во моментов, а не се на ниту еден начин поврзани со самата цел на концепцијата, без разлика дали таа ќе биде оцената позитивно или негативно. За жал, дел од изнесените информации во јавноста за концепцијата беа неточно презентирани и првично ги засенија конструктивните коментари и забелешки. Но верувам дека како што се продлабочува дебатата, вистинските прашања полека ќе избијат на површина.
2. Како би ја дефинирале новата предлог-концепција на образовниот процес? Дали е ветувачка, во поглед на реосмислување на образовен систем на иднината, и што би можеле да одвоите како нејзина силна страна, а што како неизвесност на ниво на експеримент? Што ќе смени новиот образовен концепт – кај учениците, кај наставниците, во општествениот контекст?
– Прво треба да се запрашаме дали ни е потребна реформа на образовниот процес. Конкретно ќе кажам: да, потребна ни е. Тоа е нешто што со години ни го покажуваат многубројни истражувања од областа, без разлика за кој степен на образование зборуваме. Земете ги истражувањата EGRA, EGMA, TIMSS и PIRLS за основно, или пак PISA за средно, сите тие, без исклучок, покажуваат дека постигнувањата на нашите деца се многу зад тие на нивните врсници во повеќето земји во светот, не затоа што имаат некаков природен дефицит, туку токму поради образовниот систем во кои растат. Одбегнување да се соочиме со оваа состојба и неповолните резултати што нашите ученици ги постигнуваат може само дополнително да ја влоши ситуацијата, особено сега кога кризата предизвикана од ковид-19 се заканува уште повеќе да ја зголеми нееднаквоста во однос на пристапот до учење и квалитетот на наставата.
Имајќи ги овие работи предвид, на реформите во основното образование гледам како на исклучително важен елемент бидејќи темелот на образованието се гради на самиот почеток од животот на детето. Дури би рекол дека еднакво е важна интервенција во годините на раниот детски развој и предучилишното образование. За среќа, веќе неколку години ваквата интервенција е во тек и ме радува што властите сè повеќе ја разбираат потребата од инвестирање и во овој степен на образование. Според многубројни современи истражувања, на првите години од развојот на детето се гледа како на најважни за оформување на личноста. Тоа што се случува во овој период има далекосежни последици врз детето многу години подоцна. Како за илустрација, податоците од тестот PISA покажуваат дека децата што посетувале квалитетни програми за рано учење постигнуваат повисоки резултати при учење на 15-годишна возраст. Едноставно кажано, што се случува со детето на пет или 10-годишна возраст ни кажува многу за тоа што веројатно ќе му се случи на 15 или 20-годишна возраст. Ова е уште еден јасен показател зошто е важно реформите да почнат од темелот за подоцна да може тула по тула да стигнеме до последната ќерамида.
Поконкретно, во однос на концепцијата за која ме прашавте, иако сѐ уште е во фаза на развој и допрецизирање, мислам дека нејзината основна предност е што воведува современ пристап на учење, кој во себе инкорпорира мултидисциплинарен поглед на материјата што се изучува. Ваквиот пристап е веќе одамна прифатен како норма во голем број земји, прво во високото образование, а во последниве две декади сè повеќе и во средното и во основното образование. Тоа што истражувањата со сигурност го покажуваат е дека капацитетот за учење и за разбирање на материјата кај учениците значително се зголемува кога врската меѓу различните содржини што се обработуваат е синергетска. Ова е уште поверојатно да биде случајот и во иднина кога решавањето на општествените проблеми со кои се соочува човекот ќе бараат познавања од различни дисциплини. Всушност, тоа се случува и во моментов. Речиси сите важни откритија во науката се резултат на интердисциплинарни истражувања. Земете го како пример секвенционирањето на човечкиот геном. Техниките потребни за ова импресивно достигнување вклучуваа колективни напори од многу области, вклучувајќи физика, хемија, биологија и компјутерски науки. Може да ја земеме како пример и сегашната криза со ковид-19, чиишто импликации може да се разберат како пресек на повеќе области, меѓу кои и здравството, економијата, социологијата, психологијата и ред други.
Во однос на ризиците, на концепцијата за основно образование, како и сите други реформи, треба да ѝ се пристапи внимателно. Од клучно значење ќе биде самата идеја и придобивките да стигнат до што повеќе фактори, особено да биде прифатена од наставниците, кои треба да бидат нејзиниот двигател во секојдневието. Од овој аспект ќе биде особено важно на наставниот кадар да му се овозможи континуирана професионална поддршка, да може да се здобие со подобри вештини, методи, техники и стратегии на предавање. Таквата поддршка треба колку што е можно повеќе да биде индивидуализирана со цел да се извлече најдоброто од секој поединец – а притоа најдобрите да бидат наградени за својот труд и да им се овозможи да напредуваат во својата кариера. Всушност, реформата ќе биде успешна само ако е возможна трансформација на свеста, а за да се случи тоа е потребно наставниците да бидат мотивирани и да може да ја препознаат целта на нивниот труд.
Многупати досега, за жал, фокусот на реформите во образованието се сведувале на зголемување на платите. Не велам дека тоа е неважен дел, особено ако се има предвид дека платите на просветните работници се навистина ниски, но би било наивно да мислиме дека тоа само по себе ќе нè доведе до подобар квалитет. Тоа што ми се допаѓа во однос на предлог-концепцијата е дека подобрувањето на системот не се сведува само на повисоки плати, туку ја гледа и пошироката слика за тоа како да се подобри средината за работа на наставниците. Ако ги погледнеме многубројните светски истражувањата што го мерат задоволството на наставниците ќе видиме дека платите не наоѓаат место во клучните фактори што тие самите ги идентификуваат како најважни. Како многу поважни тие ги сметаат слободата во училницата, можноста за личен и професионален развој и општествената позиција на нивната професија.
3. Што значи една ваква трансформација во образованието во поглед на големата слика? Што треба да се очекува во периодот додека трае? Како најбезболно да се одвива? Пропуштаме ли некој актер што е клучен во еден ваков процес, а не го вклучуваме доволно?
-Македонскиот образовен систем и пред кризата предизвикана од ковид-19 беше систем со голем број мани, а кризата уште повеќе ги нагласи. Кризата е добар потсетник за тоа дека мора да постои континуитет во вложувањето. Во поглед на големата слика, реформата треба да биде почеток на еден ваков процес, кој ќе го позиционира образованието како една од клучните области за одржлив развој на државата. Нешто што е многу важно е како ќе се одрази реформата на постигнувањата на ранливите групи ученици. Лично за мене, успехот на концепцијата ќе биде најголем доколку го намали длабокиот образовен јаз што постои во моментов. Без исклучок, досегашните истражувања ни укажуваат дека постои значителен расчекор во постигнувањето на тестовите за писменост и за наука меѓу децата од различните етникуми, меѓу децата од богати и од сиромашни семејства, меѓу тие кои живеат во село и во град и низа други социо-демографски критериуми. Во тој поглед, долгорочно гледано, мора да направиме сѐ што можеме за да ги подобриме можностите за успех на ранливите групи деца. Тоа е, пред сè, наша етичка обврска како општество, но и економски најисплатлива инвестиција.
4. Каква би била штетата ако не се реализираат реформи што ќе го променат образовниот процес со цел да создаваме генерации, чиишто вештини и знаења ќе биде компатибилни со новото време? Но, и каква би била штетата ако ни се случат недоволно добро осмислени реформи?
-Штетата може да биде еднакво голема од недостигот на реформи, но, и од реформи што не се доволно добро осмислени. Но тоа не значи дека треба да престанеме да размислуваме за тоа како да го засилиме системот и кој сет мерки ни се потребни за да може да го подобриме квалитетот на образованието. Кога се размислува за реформите, треба да се имаат предвид неколку работи. Прво, да се избегне искушението да се одвиваат премногу реформски чекори истовремено, или, пак, во рамките на една реформа да се решаваат премногу реформски цели. Второ, важно е да постои одреден степен на приспособливост во дизајнирањето и во спроведувањето на реформите. Реформската политика што не остава простор за приспособување е, во суштина, лоша политика. Впрочем, една од најважните работи на кои нè научи кризата предизвикана од ковид-19 е дека на крутите образовни системи многу потешко им одеше процесот на адаптација од тие што имаат воспоставено механизми за приспособување. И трето, реформите бараат отвореност, посветеност и истрајност, добра координација меѓу различните фактори, и критериуми за отчет и за мерливост на резултатите.
5. Земјите со успешен образовен систем не ги подготвуваат децата само за репродукција на знаење, туку многу повеќе за критичко размислување и за креативна употреба на веќе наученото, покрај акцентирањето на социјалните и емоционални вештини, како и приспособливост и активно учење. Според вас, каде може да се лоцира најголемиот предизвик во македонскиот образовен процес? Во структурата на програмите, во начинот на обучување на наставничкиот кадар, во бавноста на следење или применување успешни образовни модели и трендови, во врзаните раце на наставниците во поглед на креативноста во пристапот?
-Одговорот за тоа каде може да се лоцира најголемиот предизвик со кој се соочува нашиот образовен процес не е едноставен затоа што постојат повеќе предизвици – застарен системи на финансирање, недостиг од механизми за мерење на квалитет и институционална култура на квалитет, низок степен на мобилност на кадарот и, според мене, најважно, недоволно грижа за ранливите групи ученици. Клучно е да се нагласи и дека образованието е систем на врзани садови. Проблеми во една област може да доведат до проблеми во низа други области. Оттука, треба да се дејствува во повеќе сегменти одеднаш, притоа да се препознае како реформирање на една компонента има потенцијал да влијае позитивно или негативно и на другите. Но, тоа не значи дека на сите елементи може да им се посвети подеднакво внимание. Иако тоа во теорија звучи како најдобрата можна опција, во практика се покажува дека секоја реформа подразбира давање приоритет ако се има на ум дека се спроведува со ограничени ресурси. Успешните реформи се тие што го препознаваат ова.