Вештачка интелигенција – бауч или можност?
илустрација: Мартина Талевска
„Запаметете ги моите зборови, вештачката интелигенција е многу поопасна од нуклеарните централи “, екстремен е контроверзниот иноватор и претприемач Илон Маск, кој зборува за вештачката интелигенција. „Луѓето треба да бидат загрижени поради заканата што ја носи вештачката интелигенција“, вели и еден од најбогатите и највлијателни луѓе, Бил Гејтс. Ако обајцата важат за луѓе на кои темата за вештачката интелигенција им е блиска, дали е оправдана загриженоста што постои во врска со ова прашање?
Луѓето често ја опишуваат вештачката интелигенција како последниот изум што човештвото некогаш ќе го направи. Очигледна е опасноста што постои – неетичка употреба на оваа технологија, за што треба да се зборува погласно.
На почетокот сме на нова технолошка револуција. Доминантен е стравот дека дигитализацијата и новите технолошки откритија ќе ги одземат нашите работни места. Многумина млади го забележуваат влијанието што вештачката интелигенција, заедно со машинското учење, го врши врз сликата на вработувањата. Но, не е сè толку сиво, овие нови откритија се позитивни откритија, откритија за восхит!
Според извештајот на Светскиот економски форум, се очекува 75 милиони работни места да бидат преземени од вештачката интелигенција, роботика и автоматизација во следните три години! Сепак, вештачката интелигенција носи и нови можности и улоги, кои не постоеле во минатото. Всушност, истиот извештај укажува дека вештачката интелигенција ќе поттикне нето-пораст на нови работни места, што резултира со нови 133 милиони работни места во следните неколку години. Тоа се речиси 60 милиони повеќе работни места, отколку што ќе бидат изгубени. Тоа значи дека оваа нова технологија што ја носи денешнината нема да ги одземе работните места, туку радикално ќе ги промени.
Колективен одговор на коренитата промена
Јас, како средношколка на која ѝ претстојат големи одлуки, верувам дека при донесувањето одлуки би требало да ги земам предвид и влијанијата што ги има напредната технологија врз oгромен опсег на професионална кариера. Како млади луѓе мора да сме свесни дека работните места драстично ќе се видоизменат и сè поголем фокус ќе се стави на неизбежната дигитализација. За неколку години, најважна карактеристика што ќе ја бараат работодавците ќе биде токму способноста вработените да се адаптираат на новите техники и на брзите измени. Овие промени со себе ќе им донесат и нова одговорност на лицата што бараат работа – да се запознаат со дигиталните алатки и да ги знаат технолошките новини.
Како и за секое малигно откритие, и со ова ќе мора колективно да ги надминеме штетните последици и импликации. Една од нив е и коренита промена на работните места со која, несомнено, ќе има и промена во општеството бидејќи луѓето престануваат да работат во одредени професии, а им се потребни извори на приход. Клучен дел од ова се иницијативи за вештини и квалификации. Компании како ИБМ работат со креатори на политика, академски институции и обучувачи за да им помогнат на студентите и на работниците да здобијат нови вештини што ќе се појават во економијата со можност за вештачка интелигенција. Бидејќи вештачката интелигенција навлегува во нашиот секојдневен живот, ќе бидат откриени енормен број нови начини на работа. Така, таа ги зголемува работните места, место да ги елиминира. Отворање работни места во помалку развиените земји, зближување на инвеститорите и на малите претпријатија, без оглед на локацијата.
Големите промени со себе носат и тешки транзиции. Па, така, иако сликата за вработувањата, сигурно, ќе се промени, јас како млад човек верувам дека, сепак, може да биде на подобро.
(Авторката е средношколка)