Вистинската трансформација почнува од луѓето
ЈОВАН ДЕСПОТОВСКИ,
ДИРЕКТОРОТ НА ФОНДОТ ЗА ИНОВАЦИИ И ТЕХНОЛОШКИ РАЗВОЈ
Остануваме фокусирани на
деловната заедница,
но и на социјалното претприемаштво.
Зошто? Бидејќи, по дефиниција,
се најдинамичните и најотворени
сегменти од општеството.
Така, целиме да создадеме
критична маса луѓе, организации,
економски оператори што ги
разбираат јазикот и потребите на 21 век
фотографија: Томислав Георгиев
Фондот за иновации и технолошки развој има цел да биде реален мотор на општествената трансформација, базирана на иновации, на отворен ум, на реални придобивки, на солидарност и на човечност, вели нејзиниот прв човек, Јован Деспотовски.
Во изминатите три години повеќе од 2.000 домашни компании му пристапиле на Фондот, со изработени инвестициски планови за поддршка, од кои 450 биле успешни. Кај другите, вели Деспотовски, се прават чекори за поттикнување – да се обидат повторно и повторно.
– Градиме култура на „неоткажување“, на упорност, дециден е Деспотовски.
Успесите, предизвиците и визијата на Фондот за иновации и технолошки развој, врзани за развојот на нашето општество се причина за интервју со неговиот лидер.
Колку преку својата визија, проследена со мерки, поддршка и заложби, Фондот за иновации и технолошки развој успева да му вдахне современа функционалност на нашето општеството во сите сегменти од живеењето? Дали за овие пет години се исполнети очекувањата и прогнозите поставени од стартот?
Без да поставите цел само ќе се вртите во место и нема да стасате никаде. Лично, во секоја работа што ја работам, гледам предизвик. Така беше и пред три години, кога го прифатив ангажманот во Фондот. Си поставив неколку цели, меѓу кои една од поважните беше фокусот на поддршката од државата да се помести од странските кон домашните компании. Да се направи една рамнотежа, која дотогаш воопшто ја немаше. Рамнотежа што гарантира дека нема да се претвориме во современа економска „колонија“ на големи странски компании, туку развојот ќе го базираме на сопствениот успех. Седнавме на маса со сите соодветни фактори, меѓу кои и бизнис-заедницата и стопанските комори и работевме на промена на условите и на создавање инструменти по мера на македонската економија – сe отворивме кон бизнисот.
Во овие пет години успеавме да урнеме повеќе стереотипи и да го смениме начинот на кој се размислува за развој на домашната економија и претприемаштво. Ако до пред неколку години темата иновации беше нешто апстрактно и непознато, сега сѐ повеќе се зборува за иновативни проекти на домашни компании што остваруваат успех, не само овде, туку и на меѓународни пазари. Тоа што лично ме радува е што успеавме да го разбудиме креативниот и иновативен потенцијал во општеството и да докажеме дека овде има исклучително умни, креативни, иновативни, но и храбри луѓе што решија да се вложат во сопствен развој, а со тоа и во развој на економијата. Место луѓе, конечно, почнавме да „извезуваме“ успешни бизнис-приказни. И не, не го кажувам ова напамет, туку врз база на многубројни вакви компании од портфолиото на ФИТР. Секако дека овој успех не доаѓа сам од себе!
Ако наследивме инвестиции од само 0,8 милиони евра и 36 поддржани компании, сега, три години подоцна, веќе зборуваме за инвестициско портфолио од 70 милиони евра и повеќе од 450 поддржани домашни компании. Кај овие компании регистрираме 71процент пораст на добивка, 11проценти пораст на приходи и повеќе од 10 проценти пораст во број на вработени. Ова покажува дека со вистински пристап и мерки, резултатите доаѓаат сами. Ние, оваа влада, покажавме како може една институција да функционира по современ терк. Наша задача е ова да стане практика и да се преслика во што поголем број други институции.
Дали сме задоволни и дали постигнавме многу? Да. Дали секогаш може уште повеќе и уште подобро – без сомнение. Но, овие резултати и бројки нè тераат да гледаме напред со реални планови за зголемување на средствата и со инвестиции во домашните претпријатија.
Дали интенцијата за општествена трансформација исклучиво (треба да) се потпира само на унапредување на дигитализацијата?
Не. Дигитализацијата е само еден од процесите што поттикнува трансформација. Реалната трансформација се случува кај луѓето. Во навиките, сфаќањата, размислувањето и однесувањето. Да, дигитализацијата ќе донесе полесен пристап до јавни услуги и ќе ја намали потребата од „висење во ред“ пред шалтер. Ама, избор е на граѓанинот дали ќе се „закачи“ на интернет и ќе плати сметка преку интернет или, сепак, ќе се реши да стои пред корисничкиот центар на ЕВН во ГТЦ и да плати лично. Затоа, во нашата програма воведовме посебен Фонд за млади умови, во кој веќе трета година по ред работиме со ученици од основно и од средно училиште за развивање критичко и креативно размислување. Да ги поттикнеме младите да го отворат својот ум, да размислуваат надвор од кутијата, да ги предизвикаат авторитетите на денешнината. Често велам дека децата не смеат да бидат замолчувани кога прашуваат. Никако не смеат да бидат казнувани ако кажат „не“. Токму „комоцијата“ во кажување „не“ на авторитети ги движи работите напред. Само така ќе може да се најде начин што е подобар од овој на кој сме навикнати. Така се движи, така се трансформира општеството.
Со ваков пристап во трансформацијата на општеството, дигитализацијата може да се искористи во цел нејзин потенцијал. На пример, менувањето на навиките и на очекувањата подразбира дека луѓето ќе сфатат дека шалтерскиот работник е платен од јавни пари да издаде потврда, документ итн. и дека нема апсолутно никаква потреба да се „почести“ со кафе, бонбониера или што и да е. Со дигитализацијата, контактот, а со тоа и ризикот ќе се сведе на минимум. Така, двата процеса ќе овозможат реално искоренување на ваквата, би рекол „поситна“ корупција од општеството, која, несомнено, води кон пошироко „разбирање“, а со тоа и прифаќање на корупцијата на секое ниво.
На какви предизвици наидовте во годините зад нас? Што е тоа што со гордост можете да го одвоите како некакво тектонско, сериозно поместување и промена? Но, и што е наша константна болка што го забавува општествениот пораст?
Денес Фондот е препознаен модел на успешно работење во регионот. Светскиот економски форум, во една своја неодамнешна студија, даде препорака за државите од регионот да градат институции на примерот на македонскиот Фонд за иновации и технолошки развој. Тоа е големо признание и за Фондот и за Македонија. Фондот денес е државна институција по мера на приватниот сектор, на економијата. Ние не доделуваме средства по партиска, роднинска или не знам каква друга врска. Нема ручеци со директорот за да „лапнеме“ пари. Системот е целосно отворен за сите. Критериумите се знаат однапред, резултатите се објавуваат веднаш. Фондот е прва и засега единствена државна институција што воведе протокол за процена на ризик од политички изложени лица. Во практика, фирмата мора однапред да декларира каква било поврзаност со политичар и се прави објективна процена од Транспаренси интернешнл. Во изминатите три години повеќе од 2.000 домашни компании ни пристапиле со изработени инвестициски планови за поддршка, 450 од нив биле успешни. Другите се обидуваме да ги поттикнеме да се обидат повторно и повторно. Градиме култура на „неоткажување“, на упорност. Сите зборуваме и им се восхитуваме на Германците поради тоа што знаат да играат фудбал до 94. минута. Таквата упорност и истрајност е присутна и во бизнисот. Затоа Германија со децении е водечка економска сила во Европа и една од водечките во светот. Нашата цел е ваквата култура да се развива и кај нас.
Сериозна промена е и мерењето на ефектите, на резултатите од парите што ги даваме. Втора година по ред правиме анализи на работењето на компаниите што се финансираат. И тоа за периодот пред и по потпишувањето на договорот. За овие анализи покажа интерес и Европската комисија. Анализите, меѓу другото, треба да покажат дали и колку ефекти се постигнати и дали, можеби, треба да се приспособуваат пристапот, секторите и начинот на поддршка. Не е доволно само да се каже дека се потрошени парите. Доаѓа време во кое државата треба да се однесува како вистински домаќин, инвеститор и да измери правилно каде ќе има најголеми ефекти за секој вложен денар. И не само финансиски, туку и пошироко. Ама да измери и да донесе вистински одлуки за парите што ѝ се доверени од граѓаните.
Пандемијата се покажа како лакмус дека ни е потребна нова економија. Што ќе биде клучно за нејзиното ресоздавање и каде тука најмногу го гледате импактот на ФИТР?
Како би го оцениле деловниот екосистем кај нас и, воопшто, порастот на македонските компании?
Британскиот државник Винстон Черчил еднаш рекол – да не дозволиме „добрата“ криза да остане неискористена.
Да, реално, пандемијата и последиците од неа ги чувствуваат не само македонските компании и Фондот, туку, за жал, од неа се погодени поголем број граѓани. Многу микро и мали бизниси се соочени со згаснување, поради што поддршката од државата се покажа како навремена и клучна. Но, многу е важно и во вакви услови да размислувате за денот потоа и како од оваа криза да излеземе посилни.
Затоа со нашиот партнер, Светската банка, но и во консултација со бизнис-заедницата и со стопанските комори седнавме и создадовме инструмент со кој на компаниите ќе им понудиме решение за полесно соочување со последиците од кризата. Резултатот – за само 30 дена добивме повеќе од 2.000 домашни компании што покажаа интерес за мерката. Еден дел веќе и поднесоа предлог-проекти и, според анализите, само во првиот циклус ќе бидат искористени речиси 90 проценти од предвидените средства. Ова е потврда дека сме создале мерка според потребите на тие на кои им е најпотребна – компаниите. Изменетите околности налагаат веќе за следниот циклус да работиме на новини во програмата, со кои веќе излеговме пред компаниите. Во тек е широка консултација со компаниите, преку коморите, но и директно, за следниот циклус финансиска поддршка за економско заздравување. Повеќе од 200 компании веќе дадоа свој придонес, односно предлози за создавање на новите услови, а очекувам уште поголем број во следните денови.
Една од улогите на ФИТР е да создаде одговорен, модерен, инклузивен, економски успешен и, пред сѐ, стабилен изглед на нашиот систем (институции, бизнис-заедница, граѓански сектор), кој сѐ уште, за жал, како да каска во поглед на некои трендови карактеристични за Европа и за светот.
Кои се идните планови? Во каква насока се движат? Што се наоѓа на врвот на приоритетите за периодот пред нас? Дали Македонија може да биде сериозен извор / расадник на иновации и на претприемачки идеи?
Задачите што ги набројувате не се „товар“ и одговорност само на ФИТР, туку на сите институции. Но, ние не бегаме од предизвикот. Напротив. Ако успеваме да ја наметнеме темата иновација во сите сектори, па и во јавниот, тогаш имаме отворен простор за работа и за резултати. Понекогаш навистина разочарува, да не кажам фрустрира помислата дека два милиона луѓе (сѐ уште) не може да си ја организираат државата и живеењето по терк што ќе одговара за сите. И дека на секој обид за радикална промена имате „гравитациски“ сили што влечат надолу.
Затоа и почнавме со иницијативата Фонд за млади умови. За да го менуваме системот од неговата основа, од најмладите. Потоа, остануваме фокусирани на деловната заедница, но и на социјалното претприемаштво. Зошто? Бидејќи по дефиниција се најдинамичните и најотворени сегменти од општеството. Така, целиме да создадеме критична маса луѓе, организации, економски оператори што ги разбираат јазикот и потребите на 21 век. Тоа не се луѓе што знаат да користат интернет, социјални медиуми или да говорат англиски јазик. Тоа не е доволно. Зборуваме за отворен ум, за процеси без пречки и сопки, за здрав натпревар кон подобро, а не кон дното. Затоа, наш приоритет во периодот што следува е овие процеси да ги продолжиме и дополнително да ги интензивираме. Фондот да биде реален мотор на општествената трансформација, базирана на иновации, на отворен ум, на реални придобивки, на солидарност и на човечност.
Иницијативата за основање старап-село во Македонија е дел од поширокиот пакет. Да создадеме еден физички простор, во кој ќе се шират овие идеи до точка на вриење, по што ќе ги „ослободиме“ во општеството, во економијата. Прва цел ни се младите луѓе од земјата. Тука ќе можат да живеат и да работат на своите идеи, на својот иден бизнис. Во следна фаза, заедно со создавањето на регионалниот Фонд за иновации со седиште во Скопје, ќе се обидеме да привлечеме млади луѓе од регионот. За да може од тука, од Македонија да се рашират овие процеси и на целиот Западен Балкан. Можеби амбициозна цел, но вреди да се обидеме. Како што ќе каже Џ.Рокфелер: секоја можност е обврска.
Социјалните претприемачи се тивки револуционери што носат промени во општеството
Повиците на ФИТР, како Креатон, О2 предизвик и Сите сити се едни од првите чекори за поддршка на социјалните иновации. Дали ФИТР ја препознава важноста да се финансираат социјалните иновации и како тие отскокнуваат од традиционалните претпријатија?
Да, дефинитивно ја препознавме важноста на социјалните иновации. Можеби не се секогаш мерливи преку финансиски ефекти, но имаат своја вредност и значење за општеството и за економијата. Најчесто социјалните проблеми како сиромаштија, работни места, образование, животната средина се одговорност на државата, но тие се комплексни и за соочувањето со нив е потребна брза реакција и иновативен пристап. Институциите, пак, по својата природа ги немаат овие карактеристики што се препознатливи за претприемачите.
Тоа што нѐ прави поинакви е дека брзо реагираме на предизвиците со кои се соочува нашето општество. Така со јавниот повик Креатон побаравме решенија за соочување со последиците од ковид-19 и за само 72 часа пристигнаа дури 546 идеи за проекти. Поддржавме дел од нив и тие веќе даваат конкретни резултати.
Избраното решение на повикот „Оброк за сите“ што го реализиравме заедно со Министерството за труд и социјална политика нуди решение за една исклучително ранлива категорија лица. Со овој иновативен пристап за мобилизирање храна од пазарните вишоци и ефикасна дистрибуција ќе се доставува храна до поголем број лица што имаат потреба од ваква помош. Истовремено, во реализација на проектот беа вклучени и лица со посебни потреби, што му дава посебна додадена вредност. И преку другите свои инструменти Фондот веќе поддржува повеќе од 50 проекти поврзани со социјално претприемаштво.
За нас социјалните претприемачи се тивки револуционери што носат промени во општеството. Да не се сфати погрешно. И тие се бизнис што работи за профит, но успехот се мери не по остварената добивка, туку според тоа како го променил светот и каков бенефит има за општеството и за заедницата.
Вложувањето во млади луѓе – влог во здраво јадро на идни претприемачи
*Која е агендата на ФИТР во однос на социјалните претпријатија? Тие влегуваат во програмата за 2020 година. Кога може да се очекуваат првите активности и конкретни мерки? И кога може да го очекуваме првиот социјален финансиски инструмент?
Фондот веќе неколку години преку партнерство со УНИЦЕФ работи на поддршка на социјално претприемаштво наменето за младите. Преку програмата Апшифт, која има цел да ги поттикне младите луѓе преку развој на претприемачки решенија да одговорат на предизвиците во нивната заедница, веќе трета година по ред се поддржуваат конкретни проекти на млади што се од доменот на социјално претприемаштво. Вложувањето во нив е и влог во едно здраво јадро на идни претприемачи за кои сум убеден дека повеќекратно ќе му вратат на општеството и ќе бидат наши партнери за развој на земјата и на економијата во годините што доаѓаат.
Истовремено, досегашната практика на соработка со меѓународни партнери и со домашни институции, а особено со Министерството за труд и социјална политика покажуваат дека кохезивен пристап и добра координација меѓу институциите резултира со конкретни решенија и резултати.
Постои реална можност идните програми на Фондот да ја опфатат Стратегијата за социјални претпријатија на Министерството за труд и социјална политика и да бидат создадени програми што ќе ги опфатат социјалните претпријатија, а некои опции се веќе во фаза на разгледување.