Волонтерската работа е брусилка за идни животни предизвици
Тереза Кузманоска
Aко некој пред неколку месеци ме прашаше да го изнесам своето мислење за важноста на волонтерската работа, најверојатно вкупното гледиште ќе беше насочено кон тоа што ти, како волонтер, придонесуваш со својата активност во соодветната област во која работиш.
Денес, по моето прво искуство како волонтер во областа на јавното здравство при соочувањето со пандемијата со вирусот сарс-ков 2, мојата дефиниција за волонтерска работа е драстично променета, секако, на позитивен начин.
Иако, кога се зборува за волонтер, се мисли на лице што дава услуги, знаења и вештини во корист на другите, без притоа да има учество на директен личен интерес, не би требало да се изостави огромниот број придобивки што доаѓаат како награда за ваквата работа. Ако првично, при моето пријавување како волонтер бев водена од мојот докторски инстинкт да се помогне на човек кога има потреба од помош, споредувајќи го со рефлекс на човекот кога се брани од опасност, сега, сигурно би се насочила и кон тоа што би можела да извлечам позитивно од целата активност, што, пак, ќе доведе до пораст на мојата личност, секако, не заборавајќи го првичниот мотив.
Излегување од сопствената комфорна зона
Од нас, студентите, како пасивни учесници во здравствениот систем во текот на нашите студии, одеднаш се побара да се акумулираат нашите дотогашни здобиени вештини и активно да излеземе на бојно поле со непријателот, кој е, навистина, во голема предност. Во тој момент ни оддалеку не бевме свесни колку нашата моментна работа ќе има влијание врз нашето градење како личности и како идни лекари. Обично, кога луѓето се пријавуваат за волонтерска работа, ги понесуваат со себе веќе добро тренираните способности и вештини, со кои сметаат дека се компатибилни за таа работа. Но, не се секогаш подготвени да бидат подложени на тестирање и на моделирање. Моето прво искуство го покажа токму тоа. Почувствував како наеднаш излегувам од сопствената комфорна зона и сум изложена на тестирање на мојата еластичност и пластичност. Како координатор на 25 студенти, ангажирани во работата на Центарот за јавно здравје во Скопје, за првпат беше тестирана мојата способност за лидерство и тоа за организација за која немав никакво искуство.
Освен тоа, работата како координатор ги стави на испит моите организациски способности, работа во група и управување на сопственото време. Сето тоа не го забележав сѐ до крајот на мојот ангажман. Тогаш сфатив колку многу придобивки носи со себе волонтерската работа. Дополнително, нашата работа бараше овозможување координација меѓу нас колегите – менторите епидемиолози, сите студенти, системот „Мој термин“, матичните лекари, другите институции вклучени во борбата со пандемијата, што, пак, од своја страна, подразбираше секојдневна комуникација со луѓе со различни ставови, идеи, начин на работа, карактер, индивидуалност, со цел решавање еден проблем – пациент позитивен на сарс-ков 2 вирусот. Притоа, при секоја нова ангажираност доаѓавме со одреден сет способности повторно и повторно тестирани за нивната компетентност.
Најдобар начин за да се пронајдете себеси е да се изгубите во служба на другите
Уште при првото волонтерско работење, пред очите ми беа истакнати личните силни страни, но и слабости, за кои морав да направам стратегии за да ги подобрам, за да одговорам соодветно на задачата. За жал, овие работи не се учат од книга и во школо и со нив се соочува секое лице кога ќе стапи на сцената на возрасните барајќи соодветно работно место. Особено важно за мене, моментно како студент и иден лекар што ќе треба да се исправи одговорно пред своите обврски, е здобивањето самодоверба и градење карактер на лекар. За една година ќе треба да ја добиеме довербата на нашите пациенти, кои моментно на нас гледаат како на неискусни деца. Работата како волонтери ни овозможи комуникација со пациентите еден на еден, што дотогаш не сме ја искусиле, насочување и приспособување на нашата работа на нивните потреби, со цел успешно решавање на проблемот и добивање благодарен пациент. Сепак, сите знаеме колку е важно да бидеме прифатени од средината такви какви што сме, во конкретниов пример, како млади лекари подготвени за својата задача, со цел да изградиме комплетна физички и психички здрава личност. Па така, здобивањето на овие способности преку волонтерска работа, доколку тоа ни е овозможено, е навистина голема придобивка за која треба сериозно да се размисли. Работата како волонтери за младите лица функционира како брусилка. Од каменот прави сјаен дијамант, способен да зрачи со сопствената грациозност во натамошните предизвици. Или, како што рекол Махатма Ганди: Најдобар начин да се пронајдете себеси, е да се изгубите во служба на другите.
Не престанувајте да работите на себе и во корист на другите, кога е возможно
Меѓутоа, ако нашата енергија ја насочиме кон давање за да добиеме нешто за возврат, овој свет би станал страшен за живеење. Затоа, би се вратила на вистинската вредност на волонтерската работа – кохезија на сопствените знаења, вештини и услуги и нивно применување во одредена област, со што би имале позитивно влијание на заедницата и на другите луѓе. Подобро речено, волонтерската работа ни овозможува да ѝ возвратиме на заедницата за сѐ што ни овозможува, односно ни дава начин да ја изразиме нашата благодарност преку служење во нејзина корист.
Мојата порака до читателите на „Лице в лице“, кои работат на својот развој, би била никогаш да не престанат да работат на себе, да го работат тоа што го сакаат и да работат во корист на другите, секогаш кога е тоа возможно. Секогаш кога алчноста ќе исплива на површина и ќе ве одврати од вашите мотиви, не препуштајте се на нејзините канџи, спротивставете се и обидете се да ја пренасочите кон алчност за правење добри дела, алчност за лично градење и личен развој. На крајот, секоја работа и труд се вреднува, без разлика дали тоа ќе биде материјално или не.
(Авторката е студентка на Медицинскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиj“ – Скопје )