Волонтерската работа не е само чистење и ковање шајки!
Волонтерската работа е приказна за искуство што никогаш никој не може да го замени или да го земе.
За жал, не е претставено како секојдневна типична работа. Не дека не е признаена од општеството, ама сѐ уште не е целосно нормализирана кај нас, со оглед на тоа дека се работи без финансиска поддршка. Во секој случај, финансиската ситуација не може да се мери со здобиените вредности и искуства. Затоа, со изборот на помагање на другите, се постигнува исполнување кај себе, што е позитивно влијание врз менталното здравје. Наоѓањето време или мотивација често ја надминува нашата посветеност да направиме нешто добро. Заемна приказна за помагање на другите, воедно и сопствена желба за учество во создавање на некаква креативна приказна, која од метла прераснала во најубавиот фестивал во текот на годината, кино под ѕвезди.
Преку „Македокс“ ја пронајдов љубовта кон документаристиката
Мојата приказна почнува во 2016 година. Со „Македокс“ првпат се запознав на Патувачкото кино во Дојран, како дел од програмата на „Д Фестивал“. Почнав со волонтерска работа истата година во август. Се пријавив, немав ни идеја за каков тип работа станува збор. Сѐ уште се сеќавам на првото влегување во Куршумли ан, состојбата во која беше оставен и идејата за тоа како треба да изгледа просторот во рок од четири-пет дена. Магијата почнува со запознавањето на сите други волонтери и на екипата на фестивалот. Работата е секогаш многу полесна со добро друштво, добра екипа, која најчесто е со многу сличен поглед на свет како тебе.
Во текот на тие неколку дена се здобива искуство во многу области, што претходно ненамерно биле пропуштени, зборувам за себе, иако мислам дека сите досегашни волонтери би се согласиле со мене. Под волонтерска работа не се подразбира само чистење и ковање на шајки, туку и средување целосно на просторот, сценографија, уредување платна што сме ги изработиле сами, фотографии, многу образовни работилници за време на подготовките. За време на фестивалот, пак, местење столчиња, свеќи, лотуси, светилки, чил-зона, просторот зад сцената.
Различна е сатисфакцијата по успешно завршен фестивалски ден, па и заслуженото гледање филм на крајот на денот. Благодарение на „Македокс“, ја пронајдов љубовта кон документаристиката, чепкање во туѓиот начин на живот, осознавање нови места, професии, луѓе, приказни што се вистински и треба да бидат споделени со светот на филмско платно. Убаво временски посветено време, кое става поголем акцент на љубовта, првичниот порив за нешто што сакаш да го правиш.
Снимањето филм – најголем предизвик
Во 2018 година се приклучив во нивната школа за документарен филм Доконикулци. Еден од најголемите бенефити од волонтерската работа е што сè повеќе се запознаваш себеси, откриваш некои страни што никогаш не би помислил дека се, можеби, твојот пат.
Јас имав можност да снимам свој документарен филм. Се запознав целосно со процесот од идеја, до развивање. Постојано трагајќи кон поентата на приказната, запознавање со целиот технички дел од снимањето, камера, монтажа. Менторите, односно сите што се дел од создавањето на приказната на „Македокс“, несебично ни го пренесуваа знаењето на сите нас што сме биле дел од неа, како волонтери, или дел од школата за документарен филм. Снимањето на филмот беше најголемиот предизвик што сум го поминала досега. Запознавање со ликовите, срамежливоста пред камера и како да ја извадиш вистинската приказна од нив беше добра психолошка вежба, начинот на комуникација, гестикулација, полесен пристап до луѓето, како и тоа тие да се чувствуваат слободно со тебе.
Да се вратам на почетокот, почнав со волонтерска работа на „Македокс“, се вљубив во заедницата, фестивалот. Три години подоцна, ја имав првата премиера на филм на истиот тој фестивал, кој за мене претставува прва љубов, прво дете.
Правете ги нештата од љубов, а не од привилегија
Во кое било време да се наоѓаш, која било доба на живеењето, посебно во ова време сега, кога живееме во време на пандемија и на карантини, нешто со кое се немаме соочено досега, размисли за тоа што сакаш да го правиш и што мислиш дека ќе те направи среќен и исполнет на крајот на денот.
Без разлика дали е тоа волонтерска работа на некој културен настан или помагање на лицата на кои им е најпотребна твојата помош. Покрај сѐ, ти несебично го посветуваш времето на нешто поголемо од сам себе.
Се обидувам да мотивирам повеќе луѓе да се стремат кон тоа. Младите луѓе треба сѐ повеќе да бидат ангажирани во тој сегмент. Според моето мислење, нивната перспектива треба да биде насочена кон тоа да ги прават работите од љубов, а не од привилегија. Секој млад човек во својот живот има потреба од работна сигурност или работно искуство, кое може да се здобие на различни начини, со работа во кафуле, делење летоци, волонтерска работа на фестивал. Се разбира дека работата што ја бараме треба да е во согласност со нашите морални карактеристики, љубов, почит, соработка, емпатија. Токму тоа што „Македокс“ претставуваше за мене и сѐ уште претставува – едно големо семејство што создава магија во вистинска смисла на зборот.
(Авторката е дел од Фестивалот за креативен документарен филм, „Македокс“)