За квалитетно општество се потребни луѓе што мислат
Заедно со слободата на говорот, слободата на мислата е еден од основните постулати на демократијата. Еден од неславните трендови на денешнината е токму тоа што просечниот човек сѐ помалку ја користи оваа слобода и сѐ помалку размислува. Се претвора во несвесен консумент на сето тоа што му се пласира.
Слободата на мислата може да се гледа како поседување суверена контрола на човекот врз своите мисли, ставови, идеи и емоции. Таа е основа на човековото достоинство, па оттука е и клучна за градењето на човековиот идентитет и на неговите индивидуалистички вредности како единка. Претставува едно речиси интимно право на човекот, кој континуирано восприема информации, податоци, размислувања, кои кај него поттикнуваат одредени чувства и емоции (револт, одобрување, загрозеност, задоволство), а врз основа на нив, тој гради сопствен суд за нивна оцена, зазема ставови, размислува.
[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]
Клучното прашање што се поставува, во однос на содржината на слободата на мислата, излегува од крутата, формалистичка рамка кај правото и правните науки, чијшто одговор мора да го побараме во политичките науки и во филозофијата.
Слобода на мислата значи ослободеност од стегите
Слободата на мислата, во својата основа е, просто, слобода или, подобро, ослободеност. Таа подразбира ослободеност на човековите мисловни капацитети од стегите на власта, општеството, медиумите и на другите луѓе. Ја врзуваме со природата на човекот како разумно суштество. Со други зборови, слободата на мислата, значи човекот како единка да биде слободен да може самиот да расудува, да размислува и да изгради сопствен суд и став за актуелните прашања. Слободата на мислата е олицетворение на автономијата на човекот, а оттука и главна сила што го детерминира неговото општествено поведение.
Прифаќаме доминантни ставови како што ни се сервираат
Но зошто целата расправа за слободата на мислата? Обичниот човек сѐ помалку ја остварува оваа своја слобода. Брзото живеење, достапноста на информациите, популизмот, пропагандата, лажните вести и модерните трендови тукуречи ја заробија човековата мисла. Живееме во ера, во која луѓето сѐ помалку размислуваат со сопствениот мисловен капацитет. Ги прифаќаат доминантните ставови така како што им се сервираат, без правилно да расудуваат или воопшто да расудуваат. Човекот на 21 век како да подзаборавил на својата разумна природа, величена уште од антиката, а како сѐ повеќе да дејствува непромислено и несвесно. Тоа се забележува низ секојдневните политички случувања: образованието, медиумската писменост, изборите, граѓанската иницијатива, а уште повеќе отсуството на секаква јавна дебата во однос на значајните општествени прашања. Тоа што е неопходно за да се изгради квалитетно општество засновано на здрави постулати се луѓе што мислат. Тоа значи да престанеме слепо да ги прифаќаме тезите што се наметнуваат од политичката, социјалната или економската елита само поради нејзината позиција на моќ. Значи и да градиме медиумска писменост, да се бориме против популизмот… Да не заборавиме дека слободата на мислата ни е загарантирана. Да бидеме вистински разумни и автономни општествени битија.
Мислата – како движење на човековото постоење
Низ историска и филозофска призма, слободата на мислата се согледува низ концептот на слободна волја. Тој ги опфаќа манифестните форми на дејствување, но и тие што се случуваат внатрешно: контролата над расудувањето. Почнувајќи од античка Грција, Платон во „Четвртата книга на Републиката“ говори за т.н. трипартитност на човекот пласирајќи ја тезата дека човековата душа има три дела: чувствен, волев и разумен; при што токму разумниот треба преку капацитетот на човекот да мисли, да го движи целото негово постоење. Аристотел во „Никомаховата етика“, ги карактеризира луѓето како разумни суштества што може да мислат и, врз основа на тој внатрешен капацитет, да расудуваат.
Движејќи се со брзина од неколку векови, може да се прелета низ средниот век, каде што во тезите на Тома Аквински, свети Августин и нивните современици, слободата на мислата е врзана во религиозните и догматските стеги за да се стигне до модерната филозофија каде што ги среќаваме главните заговорници на слободата на мислата и слободата воопшто: Лок, Волтер, Декарт и Мил. Џон Лок во „Есејот за човековиот разум“ ја утврдува тезата дека не постои можност повисокиот авторитет да го натера човека да верува или размислува на одреден начин бидејќи човековата совест и свест нема да го дозволат тоа. Рене Декарт, пак, човековата слобода ја гледа токму низ призмата на слободата на мислата и слободата на волјата, човекот го прави слободен токму мислата, размислувањето, капацитетот да се заземе и да се изрази одреден став. Оттука и неговото Cogito ergo sum (Мислам, значи постојам) најдиректно го врзува човековото постоење во физичка, но и епистемолошка смисла токму со размислувањето, со мислата.
Клучна и за модерните политички процеси и системи
Речиси не постои устав во светот, кој не посветува член или барем став на слободата на мислата издигнувајќи ја како уставно начело и основа на внатредржавното уредување. Покрај тоа, таа е дел и од безброј меѓународни акти. Така, слободата на мислата е од особена важност за модерните политички процеси и системи. Членот 16(1) на нашиот Устав гласи:
„Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.“
Од друга страна, Универзалната декларација за човековите права, во членот 19 утврдува:
„Секој има право на слобода на мислење и изразување. Ова право ја вклучува и слободата да се застапува одредено мислење без никакво вмешување и да се бараат, да се примаат и да се даваат информации и идеи преку медиумите и без оглед на границите“.
Членот 10(1) на Европската конвенција за човековите права гласи:
„Секој човек има правo на слобода на изразување. Ова правo ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите...“
Слободата на мислата се среќава и во Меѓународниот пакт за граѓански и политички права (член 19), Повелбата за фундаменталните права на Европската унија (член 11), и во многу други резолуции, конвенции и други видови акти што го градат меѓународното право за правата на човекот, но и односот кон слободата на мислата воопшто.
(Авторката е студент на правни и политички науки)
[/ihc-hide-content]