Ако едно општество е перманентно под стрес, притисок, неизвесност, тоа ќе активира емоционални обрасци кај граѓаните што постојано се во ситуација да се соочуваат со кризни и неизвесни ситуации. Колку што повеќе трае кризата, толку повеќе се исцрпува снагата за соочување на граѓаните. Ова е основа за појава на болест, и ментална и физичка
Кој е одговорен за нашето ментално здравје? До каде е нашата лична одговорност, а од каде се протега општествената? Колку начинот на организирање на општеството, општествените промени, влијаат на добрата состојба и на менталното здравје на поединецот?
Како политиката влијае на менталното здравје на граѓаните?
Човековото здравје е одраз на односот со светот
Габор Мате, еден од најеминентните лекари на денешнината, кој работи на полето на ментално здравје, вели:
„Модерната здравствена парадигма во практика го одделува телото од умот и ја одделува индивидуата од околината во која живее. Доколку забележиме дека во моментов владее епидемија на астма во Северна Америка, тоа е во голема мера резултат на зголемениот стрес во општеството. Се работи за културолошка манифестација“.
Тврди дека самата природа на системот во кој луѓето го живеат својот живот е значаен извор на болест:
„Сега постојат очигледни фактори како загадување на животната средина, токсини, а потоа, се разбира, постојат социјални одредници за здравјето како: влијанието на сиромаштијата, нееднаквоста, влијанието на историјата и континуираниот расизам“.
Тоа на што укажува е дека луѓето кои страдаат од ментални нарушувања, како што се депресија, анксиозност и посттрауматски стрес можат да станат жртви на ментални заболувања поради многу фактори, вклучувајќи ја нивната околина, нивното физичко здравје, биолошката структура и нивната генетика. Но, исто така, современата наука секојдневно докажува дека и телесните болести се резултат на начинот на организирање на општеството и на квалитетот на животот.
Вообичаената медицинска практика во голема мера ја игнорира улогата на емоциите во физиолошкото функционирање на човечкиот организам. Сепак, научните докази, во голема мера, покажуваат дека емоционалните искуства на луѓето имаат големо влијание врз здравјето и појавата на болестите.
И бидејќи емоционалните модели се одговор на психолошката и социјална средина, болеста кај поединецот укажува и за трансгенерациските обрасци на соочување со животните околности и општествениот контекст на личноста.
Современата психологија потврдува дека луѓето со хронични физички заболувања од секаков вид – од малигни заболувања или автоимуни состојби како што се ревматоиден артритис или улцерозен колитис, состојби како што се егзема и псоријаза и невролошки нарушувања како што се мултиплекс склероза, Паркинсонова болест, па дури и деменција – се карактеризираат со одредени емоционални обрасци на соочување со животните околности.
Многу често, воспитниот модел поттикнува потиснување негативни емоции, наметнато чувство за должност, улога и одговорност, непотребна грижа за емоционалните потреби на другите игнорирајќи ги сопствените и верување, повторно несвесно, дека некој е одговорен за тоа како се чувствуваат другите луѓе и дека никогаш не смее да ги разочара другите. Многу луѓе веруваат дека мора постојано да ја докажуваат и оправдуваат својата достојност, да потврдуваат дека се „доволно добри“.
Луѓето се биопсихосоцијални суштества, чиешто здравје или болест го одразува односот со светот во кој живееме – вклучувајќи ги сите варијабли на семејството, општеството, полот и родот, политичкиот статус и природата од која сме дел.
Поделената одговорност меѓу личноста и општествената организација
Од една страна, личноста не може да е одговорна за своето потекло, генетика и семејните услови, односот што постои меѓу родителите, но е одговорна за следење на своето ментално здравје, сопствениот пораст и развој, функционалноста, нивото на изложеност на стрес и сл. Тука спаѓа и одговорноста за изборот да се побара помош и третман, доколку има потреба од тоа.
Најдобра превенција на менталното здравје е работење на себеспознавањето, самодовербата, релациите во општеството и реализација на потенцијалите што ги поседува личноста.
За жал, нашето воспитување во семејството и образованието многу малку нѐ обучуваат да развиваме вештини за личен развој и стратегии за соочување со преплавувачки емоции или здрави обрасци на однесување и грижа за себе. Личноста е одговорна за грижата за сопственото ментално здравје и за барањето помош доколку се случуваат некакви промени. Важно е да се посвети внимание на какви било промени во однесувањето на личноста. Секоја промена во однесувањето е показател дека може да се случува нешто со менталното здравје. Колку што порано се побара помош, толку се поголеми шансите за надминување на состојбата.
Често е присутна стигмата на ментална болест, или нивните најблиски / членови на семејството се плашат од обележаноста поврзана со нарушувањето затоа што не се подготвени да се соочат со последиците. Сепак, важно е да се сфати дека не се сами.
Кога општеството е во криза и индивидуата е во криза
Одговорноста на општеството, системот, како е организиран, создаден, како функционира и има капацитети да ги следи и задоволува потребите на индивидуата – е основниот критериум за здравје на неговите граѓани. Доколку едно општество е перманентно под стрес, притисок, неизвесност, тоа, секако, ќе активира емоционални обрасци кај граѓаните, кои постојано се во ситуација да се соочуваат со кризни и неизвесни ситуации. Колку што повеќе трае кризата во едно општество, толку повеќе силите за соочување на граѓаните се исцрпуваат. Ова е основа за појава на болест, и ментална и физичка.
Ваквите граѓани, исцрпени и со истрошени механизми за справување, го создаваат и одржуваат системот и општествените организации. Дали можат да создаваат и одржуваат здрав систем кога и самите се пред предизвикот на исцрпеност на сопствената ментална сила? Секако дека не. Така, нефункционални граѓани (ќе) одржуваат нефункционален општествен систем.
Улогата на политичарите за менталното здравје на граѓаните
Пред десетина години владата на Велика Британија во јавноста настапи со слоганот „Нема здравје, без ментално здравје“. Значи, некои политичари почнуваат да ја препознаваат вредноста на психолошка благосостојба на граѓаните, исто колку и на физичкото здравје. Секако, сите ние, како граѓани, преземаме одговорност за нашата благосостојба и ментално здравје, но психолошкото влијание на нашата работна и социјална средина е добро познато и политичарите што го игнорираат овој важен аспект од здравјето во својата политика ризикуваат да ја загрозат конкурентноста на нивната нација.
Добрата состојба и менталното здравје на граѓаните се изразува преку чувството на среќа и на задоволство од животот. Изминатава деценија се зголемува свеста за важноста на среќата и на задоволството од животот, како кај поединците во едно општество (граѓаните), така и кај креаторите на политиката. Комисијата Стиглиц-Сен-Фитуси се занимава со анализа на квалитетот на животот на граѓаните и на влијанието на социо-економските и политички аспекти врз задоволството од животот на граѓаните. Во својот извештај, оваа комисија истакна дека начинот на кој поединецот перципира колку добро му оди животот треба да се земе предвид заедно со другите забележливи објективни индикатори за економска и социјална благосостојба. Субјективната благосостојба не е само „внатрешно“, туку е и „надворешно / општествено“ важна за поединците. Зголемената субјективна добросостојба се покажа дека води до голем број подобри животни резултати, како што се подобра здравствена состојба, позадоволителни социјални односи, поголема продуктивност и зголемени образовни постигнувања.
Конечно, и политичарите се дел од граѓаните. И нивното ментално здравје е значајно. На нашиве простори изминатите децении бевме сведоци на присуство на политичари со широка лепеза на проблематични обрасци на однесување.
Правото на глас е интегрална димензија на квалитетот на животот, се наведува во извештајот на Комисијата Стиглиц-Сен-Фитуси. Способноста да се учествува како граѓанин, да го дадеш својот глас и влијание во обликувањето на политиката, да се спротивставуваш без страв и да зборуваш против тоа што го сметаш за погрешно, е суштинска слобода. Гласот на граѓанинот може да обезбеди корекција на јавната политика: одговорност на службениците и на јавните институции, но и да генерира патокази за развој во одредени области. Гласот на граѓанинот, исто така, го намалува потенцијалот за конфликти и ги зголемува изгледите за градење консензус за клучните државни прашања, за економска ефикасност, социјална еднаквост и инклузивност во јавниот живот.
Затоа, значајно е при избор на политичари да следиме колку самите политички лидери и партии донесуваат одлуки во согласност со потребите на граѓаните, кои методи на политичко дејствување ги користат, на кои начини водат преговори, колку во политичките програми ги препознаваат потребите за ментално здравје на граѓаните и колку се реални понудите што ги предлагаат во своите програми за оваа тема.
(Авторката е психолог)