Публиката на трибините е играч повеќе, кој дава мотив или е тест за емоциите што можат да нè однесат на другата страна од позитивните вредности и да се претворат во говор на омраза кон противникот? Истражувавме како и зошто се стега обрачот таму каде што треба да се шири позитивна енергија Фотографии: Кристина Затуровска
Eдно езеро, два града и две спротивставени навивачки групи – „Паткари“, струшката и „Рибари“, охридската. Иако во своите навивачки песни ги величаат својот град и тим, а меѓу себе знаат да си разменат погрдни зборови, според нив, тоа е дел од навивањето. Навивачите во овој регион знаат да ја искористат и својата смисла за хумор: „Рибари“ ја веат паролата „Зш стружани идет во Охрид со кола? За да видет колку им трошит градска.“
Стружани, пак, се поетични, па важно им е да користат рима. „За да ги достигнете нашите ракометни дела, вас ќе ви треба деценија цела.“ „Од нашите пароли глава ве боли, ние че ви бидиме вечни идоли“, порачуваат „Паткари“.
[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]
И едните и другите гордо се држат до речиси идентичниот дијалект. Сепак, кога се кршат копјата на навивачки терен, неретко го среќаваме и говорот на омраза, кој воопшто не е шегаџиски.Двете навивачки групи ги сочинуваат луѓе од различни возрасни групи, страсни љубители на ракометот и верни гледачи на познатите езерски дербија меѓу ракометните клубови Струга и Охрид. Знаат да изгорат во желбата да покажат чиј тим е подобар, но секогаш се враќаат на позитивниот спортски дух.
Двете навивачки групи не го негираат ривалството. Велат, тоа мора да постои. Тврдат дека не ја преминуваат границата и секогаш се однесуваат во рамки на навивачкиот кодекс.
– Провокации и пароли отсекогаш имало и ќе има и од наша и од нивна страна. Страстите не можат никогаш да се смират. Всушност, страста и љубовта кон Струга и „Паткари“ е тоа што ние сакаме да го пренесеме на идните генерации. Колку и да ни се ривали, во редовите на „Рибари“ имаме другари, пријатели, роднински врски. Можеби на трибина сме ривали и „непријатели“, но надвор од неа, пред сè, сите сме луѓе – вели Мартин Гоџо од навивачката група „Паткари“ од Струга.
Навивачите споделуваат дека ривалството меѓу Струга и Охрид постои и во општественото живеење: охриѓани езерото си го сметаат за свое, па, велат, ако се избира главен град меѓу овие два, тогаш тоа, дефинитивно, е градот под заштита на УНЕСКО.
Стружани, пак, сметаат дека самите се многу потопли и погостопримливи од охриѓани. Слични ривалства има и меѓу други градови – скопјани се шегуваат со битолчани дека Битола нема аеродром, но битолчани возвраќаат дека во Скопје нема скопјани, а битолските чупиња се авиони, па нема потреба од аеродром во Битола.
Мартин Дојчин од навивачката група „Рибари“ од Охрид објасни дека силното спортско ривалството е наследено и постои од самото нивно основање.
– Од наша страна, ривалството оди до мера да докажеме дека нашата група е неколку скалила над нивната група во секое поле. И тоа сме го докажале безброј пати, но јас имам и пријатели од „Паткари“. Секогаш ќе застанеме заедно кога се работи за теми што ги засегаат двете групи – вели тој.
Двајцата навивачи нагласуваат дека надвор од спортските трибини редовно имаат и обединувачки активности. Во период на новогодишните празници, тие заеднички организираат хуманитарни акции. Тогаш, токму хуманоста е нишката што ги обединува.
Стружанец – омилен играч кај двете навивачки групи
Важна ракометна фигура меѓу ракометните клубови „Струга“ и „Охрид“ е големиот струшки талент Бобан Блажески, кој игра на позиција десно крило. Tој е еден од омилените ликови и на двете навивачки групи. Роден стружанец, кој кариерата ја почна во Струга, а последниве пет години играше за Охрид. Сега повторно е во редовите на клубот на градот покрај Црн Дрим.
– Во РК Охрид никогаш не се почувствував како странец. Со атмосферата што ја прават „Рибари“ во полна сала, многу беше лесно да се игра и да се победува. Професионалноста на еден спортист се состои во тоа што, кога ќе потпише договор со кој било клуб, игра како за свој град. Се вратив во РК Струга и сега „Паткари“ се мојот ветер в грб – вели Блажески.
Појаснува дека е во одлични односи и со двете навивачки групи.
– Нагласувам дека треба да има спортска страст и навивање, но не смее да има омраза и гнев, во здравиот спортски дух нема место за толку негативни емоции. Секогаш наоѓам време да разговарам со навивачи, без разлика од која навивачка група се, и секогаш им укажувам дека евентуален говор на омраза не може да донесе ништо добро, напротив, може само да му наштети на клубот и на спортот воопшто – изјави Блажески.
Да негуваме вредности со збор и со дело
На темата говор на омраза во спортот, исклучително е важна и улогата на тренерите. Тие се залагаат за развивање позитивен спортски дух и кај играчите и кај публиката. Дали, освен на трибини, има говор на омраза и меѓу играчите?
– Многу ретко се случува говор на омраза меѓу играчи. Тоа е, обично, кај помладите селекции, кога децата сè уште немаат изградено сопствен став. Јас и моите колеги настојуваме да бидеме правични и дисциплинирани затоа што спортистите учат од нас. Инсистирам на формирање вистински вредности со збор и со дело – вели Владимир Ѓоровиќ, тренерот на женскиот кошаркарски клуб Струга 2009 и селектор на сениорската кошаркарска репрезентација на Македонија.
Ѓоровиќ посочува дека е потребно дејствување и кај публиката и предлага таа да биде вклучена во одредени спортски активности пред самите натпревари: да се организираат заеднички наградни игри, да се делат летоци со позитивни спортски пораки.
Посочувајќи на институционалните напори за да се искорени говорот на омраза во спортот, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски, посочи дека Агенцијата во 2019 година, во соработка со ресорното Министерство за внатрешни работи, спровела едукативна кампања што вклучувала спотови што се емитувале на спортските терени. Тој информира дека кампањата ја спровеле за да се намали говорот на омраза, кој понатаму прераснува во насилство на спортските терени, пред натпреварите, за време и по завршување на натпреварите.
– Агенцијата организирала и семинар со навивачките групи, спровела поединечни средби со водачите на навивачките групи, но, веројатно, проблемот е сеопфатен и треба да се решава системски во соработка со сите засегнати страни – посочува Мојсоски.
Медиумите – поука или долевање масло на огнот
Истражувајќи на оваа тема, се обидовме да го адресираме и влијанието на медиумите во решавањето на предизвиците со ширењето говор на омраза во спортот. Дали известувањето за инциденти од страна на навивачки групи во медиумите има влијание да го подобри однесувањето?
– Одговорот е 50 / 50. Некогаш може да се извлечат поуки и да се надминат проблемите, односно да го подобрат однесувањето. Но, известувањето за инциденти од ваков тип со навивачки групи може да има полоши последици, односно инцидентите да продолжат, место да бидат прекинати. Сепак, доколку се случи инцидент со навивачки групи или на спортските терени, тој треба да биде регистриран, а виновниците да бидат пронајдени и соодветно казнети – изјави спортскиот новинар Марјан Ников.
Оваа содржина е поддржана преку регионалната програма „Отпор кон дезинформации и говор на омраза: акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, што се спроведува со поддршка од Европската унија, од страна на партнерските организации од регионот: СЕЕНПМ, Македонски институт за медиуми, Албански медиумски институт, Медијацентар, Косово 2.0, Црногорски институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировен институт и Бианет.
Содржините во текстот се единствена одговорност на авторот и на уличното списание за одржлив развој „Лице в лице“ и во никој случај не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Европската унија.
[/ihc-hide-content]