Чувството кога си на терен и им пркосиш на надворешните временски услови, но знаеш дека некому си му потребен и во тој моментот треба да останеш истраен, искрено, јавува мал страв и несигурност во тебе... Но, по завршената работа, задоволството и благодарноста те обземаат од глава до петици. Токму во тие моменти те опфаќа серотонински бран и одново добиваш потсетник зошто вреди да си волонтер. Насмевката и благодарноста на тие на кои им помагаме се реткост на овој свет, нематеријални и бесценети
Да се биде дел од промената, да се прави добро дело со љубов и притоа да не се очекува ништо за возврат, но, сепак, како награда да се добие насмевка и благодарност од тој на кој сте му помогнале – е најблагодарното чувство што може да се доживее.
Аристотел, пред повеќе од два милениума, рекол дека во самата есенција на доблесниот живот е да се биде добар и да се помага.
Денес гледаме дека тоа што нѐ чини граѓанско општество е токму способноста да почувствуваме емпатија за другите и да им помогнеме, независно дали се поинакви од нас. Токму таа моќ да се препознаваме себеси во другиот ни дозволила да се развиеме во суштества што умеат да дадат љубов бидејќи разбираат дека секој мал гест придонесува кон глобалното добро. Малиот чекор на добро дело, на некој може да му е цел свет.
[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]
Приказни со многу љубов, труд и посветеност
Почетоците на моето волонтерско работење и, воедно, мојата пасија, ми се врежани со членувањето во мојата матична општинска организација на Црвен крст во Гази Баба. Во 2013 година почнав како дел од екипата за прва помош преку моето основно училиште. Продолжив со членувањето во Клубот на млади и почнав со учество во проекти што носеа општествено добро. Собирни акции, пакување пакетчиња, купување намирници на тие лица што не се во состојба да излезат од дома, дистрибуција на хуманитарни пакети, крводарителски акции, симулациски вежби, вакцинални пунктови, кампови со другите волонтери, давање прва помош. Сите формални и неформални дружби се дел од мојата приказна со Црвен крст. Се гордеам со сите завршени задачи и обврски, во кои вложив љубов, труд и посветеност.
Тврдам дека членувањето во Црвениот крст ми помогна во развојот и остварувањето како личност, но и ми даде перспектива за проблемите со кои се соочуваат помалку среќните, со што истовремено станав благодарна за својата среќа.
Едно поголемо дело, кое ме прави горда, е заедничката работа со волонтерите кога ја изработивме апликацијата „Гласен повик за помош“, која е наменета за сите тие на кои им е потребна помош, а немаат гласовна можност да се изразат. Со апликацијата, до примачот се испраќа е-пошта, СМС и локација на мапа каде се наоѓа лицето на кое му е потребна помош. Целта ни беше да постои апликација што ќе биде лесна и брза за употреба и со еден чекор да се испрати порака за помош и моментната локација.
1001 одговор зошто вреди да се биде волонтер!
Последниве три години сум дел и во Тимот за спасување на планина при Црвен крст на Град Скопје. Самото членување во овој тим носи поголема одговорност и за мене, но, и за тие на кои им е потребна помош. Во мене ќе остане врежан комплиментот што дојде од една девојка што случајно се најде во целата ситуација каде што јас укажував прва помош на повредено лице со дислоцирано колено по шумска патека на Водно. „Браво за волонтерката, која има 45 килограми и успеа да ја менаџира целата ситуација со повици и да укаже прва помош“, рече таа.
Чувството кога си на терен и им пркосиш на надворешните временски услови, но знаеш дека некому си му потребен, и во тој моментот треба да останеш истраен, искрено, јавува мал страв и несигурност во тебе… Но, по завршената работа, задоволството и благодарноста те обземаат од глава до петици. Токму во тие моменти те опфаќа серотонински бран и одново добиваш потсетник зошто вреди да си волонтер. Насмевката и благодарноста на тие на кои им помагаме се реткост на овој свет, нематеријални и бесценети.
Постојаната мотивираност доаѓа сама по себе со секој ден поминат со низа акивности со кои никогаш не ти станува здодевно, никогаш не ти престанува чувството за волонтерска работа. Напротив. Целиш кон што поголемо дејствување како волонтер што на себе носи униформа од Црвен крст.
На прашањето со што се здобив изминативе години работејќи како волонтер и што ми донесе сето тоа, имам 1001 одговор. Прво, се учи и се согледува една страна од животот, која не може да се види од училишната клупа, се осознава нова животна филозофија, контакти, комуникација, нови познанства, допир со различни лични приказни, работа во тим, искуство, навика за работа, работа на себе за подобрување на своите способности… а добиените насмевки и прегратки од задоволните лица се незаменливи. Сето ова чини големо богатство. Пријателствата што се здобиваат се пријателства што траат цел живот. Тие се блиски по ставови и размислувања, со исти вредности. Но, кога е време за работа се работи, кога е време за дружба, се дружи.
Ајде во најголемите животни бури – да го подадеме чадорот на хуманоста
Еден од најдобрите подароци што можеш да го дадеш некому е твоето внимание и грижа. Винстон Черчил рекол дека живееме според тоа што го добиваме, но го градиме животот според тоа што го даваме. Луѓето, можеби, ќе го заборават зборот што сте им го кажале, но никогаш нема да ја заборават подадената рака, тогаш кога им била потребна, кога им било тешко, кога нешто не можеле да направат сами. Важно е сите да бидеме солидарни и таа солидарност да ја покажуваме кон целата заедница. Волонтерството е едно моќно општествено движење, кое носи промени за општественото добро. Важно е ние, младите, не само да ги кажуваме и нагласуваме проблемите што нѐ опкружуваат, туку да работиме на нив, да дејствуваме и да ги решаваме.
Секој волонтер, кој е дел од фамилијарното дрво наречено Црвен крст, носи во себе општествена одговорност. Одговорност за здравствени и за социјално-хуманитарни програми, за подготвеност и одговор при катастрофи, за крводарителство, за дисеминација, за подобро утре. Секој од нас ги има во себе хуманоста, непристрасноста, неутралноста, независноста, единството, универзалноста и доброволната служба.
Како волонтери во Црвениот крст веруваме дека промената почнува од секој од нас и дека во секој од нас лежи можност за подобро, похумано и посолидарно утре. Ајде да бидеме дел од таа промена, ајде да бидеме дел од Црвениот крст. Ајде да помагаме таму каде што сме потребни, во најголемите животни бури – да го подадеме чадорот на хуманоста.
(Авторката е волонтерка во Црвениот крст на Град Скопје)
[/ihc-hide-content]