Лице в лице интервју

Спортот е на страна на физичкиот развој на децата

Време на читање: 4 минути
Кај нас најголем проблем е инфраструктурата, немањето доволно терени, затоплени сали. Многу родители не ги пуштаат своите деца да тренираат или спортуваат во студена сала или каде што нема гардероби

„До­ста со мобилниот, излези малку надвор потрчај!“
„Оваа младина е постојано пред монитор. Не се како нас, кога сме трчале и играле цел ден пред зграда“.
Че­сто ги слушаме овие изјави од родители и од повозрасни луѓе. Јасна е загриженоста за здрав­је­то на децата и редовно сме бомбардирани со податоци дека прекумерната упо­тре­ба на технологијата носи стапица во поглед на развојот, физичкото и ментално здравје, осо­бе­но кај помалите лица. Податоци на Светската здравствена организација посочуваат де­ка преваленцијата на деца и на адолесценти со зголемена телесна тежина и дебелина на возраст од пет до 19 години е зголемена од четири проценти во 1975 година, до 18 про­цен­ти во 2016 година. Имајќи предвид дека физичката активност има значително вли­ја­ние врз вкупното здравје и може да спречи низа болести што доаѓаат поради де­бе­ли­на­та, ја отвораме темата за поттикнувачката средина на спортувањето и за придобивките што ги носи.
Фи­зич­ка­та активност влијае позитивно на усвојувањето на здравиот начин на живот, ги по­до­бру­ва здравјето и квалитетот на животот. Тоа е, без сомнение, една од најблагородните и најчисти форми во кои учествуваат луѓето во светот. Особено е важно младите да ги на­со­чу­ва­ме кон активно занимавање со спорт бидејќи е алатка што ги надминува сите раз­ли­ки и го надградува физичкиот живот и интелектуалните способности. Но, колку е спор­тот достапен до сите, со каков квалитет и знаење се пренесува на идните генерации, раз­го­ва­ра­ме со голманот на нашата ракометна репрезентација и најдобар голман на пор­ту­гал­ско­то првенство, Никола Митревски. Во неговата богата спортска кариера настапувал за неколку клубови, а во моментов ги брани боите на португалскиот клуб Порто.

[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]

Од инфраструктура, квалитетни тренери и клубови што можат да пренесат знаење, сме­та­те ли дека ги имаме сите оптимални услови за развој на спортот? Што треба да по­до­бри­ме?

– Гле­да­ме колкав замав зема технологија и тоа носи и определена штета на физичкиот и на моторниот развој на младите. Кога зборуваме за тренери, има многу квалитетни про­фе­си­о­нал­ци што живеат за на тие деца да им го пренесат своето знаење, да ги научат на не­кои спортски принципи во животот. Најважно е децата да се здобијат со спортска кул­ту­ра, да имаат почит кон тренер, кон противник и правилно да го развиваат своето тело. Кај нас најголем проблем е инфраструктурата, немаме доволно фудбалски терени, нема до­вол­но затоплени сали. Многу родители не ги пуштаат своите деца да тренираат или да спор­ту­ва­ат во студена сала, во простор каде што нема гардероби… Сепак, тоа не е само проб­лем кај нас, овие предизвици постојат и во други земји.

Кол­ку спортот e достапен за сите? Има ли секое дете еднакво шанса да се занимава со не­којa спортска дисциплина?

– Ге­не­рал­но, спортот е многу подостапен отколку некои други работи од модерното оп­штес­тво бидејќи за него се потребни желба и волја да се игра, да се спортува. За ре­кре­а­тив­но занимавање со спорт, пак, речиси сите деца имаат иста шанса. Во различни пер­и­о­ди од годината, достапни се различни спортови, така што, ако се сака, секогаш има спорт што може да се тренира.

Мо­же­те ли да направите споредба меѓу вклучувањето на младите во спортот и со­од­вет­ни­те услови овде и во земјите во кои сте настапувале досега?

– Не­ма големи разлики за вклучувањето на децата во спортот и застапеноста на спортот во жи­во­тот на децата кај нас и во некои од земјите каде што сум бил. Единствена разлика е во инфраструктурата. Кај нас има многу талентирани деца, има многу приватни школи за се­ка­кви спортови, имаме училиштен спорт… Така, имаат доволно услови да почнат да се за­ни­ма­ва­ат со спорт. Но, многу мал дел од нив продолжуваат да се занимаваат и по­на­та­му со спорт разочарувајќи се од околностите, како, на пример, тренер, студена сала, опре­ма. А знаеме дека за да се успее во спортот мора да се дадат многу жртви, да се трпат кри­ти­ки, неуспеси.

Ка­кво мислење имате за приватните ракометни школи? Се гледа на квалитет или се оди на квантитет? Како се прави селекција и колку е таа фер за тоа кој поминува во се­ни­ор­ска екипа?

– И во спортот, како и во други области, луѓето прават обиди да заработуваат од својата екс­пер­ти­за. Поголем број од приватните школите се борат да преживеат. Секоја од нив са­ка да има што поголем број деца, кои ќе плаќаат членарина, за да може да се исплати тоа што се работи. Кога во една школа би имало мал број деца, тренерите ќе можат да им по­све­тат многу повеќе внимание, да им покажат каде грешат, како треба да работат пра­вил­но. Но, прашање е како таа школа би преживеала финансиски ако работи на тој начин. Исто така, пак, ако има квантитет, голем број деца, можеби полесно ќе се најде некое ква­ли­тет­но, талентирано дете, па со дополнителна работа да се создаде добар спортист. Сега во моментов се соочуваме со ситуација во која нема критериуми, нема правила според кои ќе се отвораат и ќе работат приватните школи. Овие правила треба да им одговараат на сите, а тоа не е случај, така што останува да биде вака како што е во моментов.

[/ihc-hide-content]

Напишете коментар