Одговорна иднина

Земјоделките се столб на руралниот развој

Прашањето на вклучување на родовите перспективи во главните текови не е само прашање за социјална правда, туку е важно за соочување со сиромаштијата и со невработеноста, обезбедувањето еднакви можности и квалитетен живот. Важно е и дека жените од руралните средини треба да бидат еднакви, не само со мажите во руралните средини, туку и со жените од урбаните средини

Цел живот работам, а немам пензија, здравствено осигурување, ништо на свое име. 
Ова се дел од  препознатливите предизвици на земјоделките. Податоци на здружението Рурална коалиција укажуваат дека 73 проценти од жените во руралните средини немаат имот на свое име, а 60 проценти немаат сопствено здравствено и пензиско осигурување, иако активно придонесуваат во работата и во економските приходи во домаќинството. Кога ќе родат дете, немаат право на породилно отсуство, ниту, пак, социјални услуги за деца од предучилишна возраст.
Рурална коалиција редовно им дава значење на овие важни прашања за општествениот развој, развива програми за поддршка на руралните средини, ги засилува земјоделките, ни дава ука на сите нас зошто е важно да го знаеме сето ова и да дејствуваме соодветно. 
Со извршната директорка на Рурална коалиција, Лилјана Јоноска, разговараме за родовата еднаквост од перспектива на рурален развој, како и за новините со првиот рурален е-пазар „Наша тезга“ со кој тие даваат придонес кон засилување на земјоделките, нудат можности за нови начини на работа и вреднување на трудот вмрежувајќи ги и поттикнувајќи соработка што ги адресира и целите за одржлив развој.

[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]

Зошто е важна родовата еднаквост во контекст на руралниот развој? Кон што треба да целиме?

– Руралните средини во нашата земја зафаќаат 87 проценти од територијата на државата, каде што  живее 45 проценти од населението. Дури 62 проценти од жените во руралните средини, пак, влегуваат во таканаречената неформална економија, не се евидентирани во системот како лица што работат во семејното земјоделско стопанство и немаат платени придонеси. Тие не беа дел од ниту еден пакет-мерки за полесно надминување на кризата предизвикана од ковид-19, што го вклучува алармот дека жените мора да се евидентираат и регистрираат за да станат видливи за системот на државата и за да може да ги користат сите бенефити како рамноправни граѓанки на оваа држава. Во согласност со  истражувањето на [MR1] UN Women за состојбата со родовата еднаквост во земјава за време на ковид-19, 42 проценти од жените во руралните средини имале тешкотии во снабдувањето со основните продукти (храна и средства за хигиена), наспроти 27 проценти жени од урбаните средини.  Воспоставувањето еднакви можности и услови на родова основа е неопхoдно за создавање одржлив развој на руралните средини. Целосната вклученост на жените е од особено значење во воспоставувањето одржлива социјална структура на руралните заедници и ревитализација на локалната економија. Положбата и улогата на руралната жена игра големо значење.
Прашањето на рамноправност и вклучување на родовите перспективи во главните текови не е само прашање на социјална правда, туку е исклучително значајно во соочувањето со сиромаштијата и невработеноста, обезбедувањето еднакви можности и квалитетен живот. Ова значи да се работи различно со жените и со мажите, да се препознаат различните пречки со кои се соочуваат, но и различните потреби, приоритети и аспирации. Важно е и дека жените од руралните средини треба да бидат еднакви, не само со мажите во руралните средини туку и со жените од урбаните средини. Треба да говориме за еднаков пристап до социјални и здравствени услуги, до јавен превоз, до можности за финансирање и развој, за располагање со имот, за учество во процесот на донесување одлуки и создавање локална и национална политика, пристап до точни, навремени и разбирливи информации, до услуги за заштита на женските човекови права, заштита од семејно и родово базирано насилство, до образование и знаења, еднакви можности за пораст и за развој, за вработување и за развој на претприемачките вештини.

Што велат податоците од вашите истражувања во однос на предизвиците и заложбите за работата на земјоделките, за нивниот неплатен труд?

– Женското претприемаштво е возможно и функционално и во руралните средини. Потребен е само соодветен влог во ресурси и менување на перцепциите за да можат жените да се докажат со сè уште доминантниот пол во руралните средини. 

Економското засилување на жените од руралните средини треба да го намали јазот што сè уште постои меѓу потенцијалот на жените и улогата што се очекува од нив во општеството.      Само 39 проценти од жените во руралните средини земаат субвенции на свое име.  Една од основните причини зошто жената не може да се вработи или, пак, да основа сопствен бизнис е тоа што нема каде да ги згрижи децата за да може да работи (64 проценти). Нема градинки или други можности за чување на децата во руралните средини или во близина, родителите работат, па целиот товар паѓа на жената.

Со неколку клика до беровски компир и мавровско сирење

Како конкретен чекор во соочувањето со овие состојби, од неодамна почна да функционира и платформата „Наша тезга“, која преку интернет ги обединува земјоделките, жените што изработуваат ракотворби, жените од руралните подрачја и ги пласира нивните производи. Како дојдовте до оваа идеја и какви се стартните реакции?

– Дури 84 проценти од жените во руралните средини имаа негативни ефекти врз нивните приходи во  пандемијата. Се увиде потребата од нов начин на промоција и продажба на локално произведената храна. Идејата дојде токму од жените во руралните средини, на теренските посети и разговорите со нив.  Рурална коалиција, заедно со партнери и поддржувачи, и со жените од руралните средини, цела година работеше на изградбата на првиот рурален женски е-пазар „Наша тезга“, назив што асоцира на домашно производство на овошје, зеленчук, млеко, млечни производи, мед. Се изградија и голем број меѓусекторски партнерства со бизнис-секторот, општините, институциите. Се водевме од главната кауза – никој да не биде изоставен! Директно се придонесува кон унапредување на социјалната и економска положба на жените во руралните средини, кон остварувањето на Целите за одржлив развој на Обединетите нации, особено кон целта два за нула глад, целта пет за родова еднаквост и целта осум за економскиот пораст и достоинствена работа за сите!  „Наша тезга“ ја дава и можноста да се запознаете со животните приказни на жените, но и со традициите на производство што сè уште опстојуваат во нашата земја и ја прават поинаква од другите нудејќи приказни за нашата традиција, за нашето производство на храна, прочуена надалеку. Има повеќе од 100 членки што го промовираат домашното производство на храна од сите осум плански региони, а може да се посети на https://www.nasatezga.mk.

Кои се клучните предности и разлики во продажбата преку интернет и во класичната продажба на земјоделски производи?

-Прво, тука е социјалната блискост и разговорите што ги водиме на пазар, но и можноста да ги видиме и вкусиме производите. Кај продажбата преку интернет тоа го нема, но имаме фотографии на жените земјоделки, нивните животни приказни и традицијата на производство. Неминовна предност на пазарот преку интернет е следново: со неколку клика, веднаш ќе ни се достапни беровскиот компир и сирење, маџунот, струмичките ајварки, мариовското сирење, што, пак, физички, во никој случај не ни е исплатливо да ги посетиме сите пазари и места за да ги купиме ваквите производи директно од производителите. Виртуелниот простор им даде можност на жените од сите краеви и региони на нашата земја да се поврзат меѓу себе и да разменуваат информации, искуства, различни техники на производство, а на обичните пазари се разменуваат информации и искуства само со жените од тој крај каде што се наоѓа пазарот. Според првите впечатоци и повратни одговори од членките на „Наша тезга“, ваквиот вид продажба им носи многу повеќе предности во однос на класичниот и нагласуваат дека можат од својот дом, па дури и од својата нива, да продаваат низ целата територија на нашата земја. Им се отвораат нови хоризонти.

[/ihc-hide-content]

Напишете коментар