Одговорна иднина

Пакуваат шеќер, ја ублажуваат животната неизвесност

Во Битола веќе речиси сите знаат дека со користење пакетче шеќер, покрај неговата примарна примена, исто така, ја манифестираат својата одговорна страна како граѓани бидејќи, со самата набавка, го поддржуваат социјалното претпријатие што се грижи за лицата што изгубиле надеж во системот
Фотографии: архива на „Лумос“

Социјалното претприемаштво може да биде важен генератор на позитивни промени во една заедница. Да го поттикнува нејзиниот развој, истовремено решавајќи жешки предизвици. Ова не е целосна дефиниција за улогата на социјалното претприемаштво и на придобивките што ги носи, но е одлична слика за да се долови битолското социјално претпријатие „Лумос“, кое веќе трета година посветено работи на својата мисија – работна интеграција на бездомни лица.

Во „личната карта“ на овој ентитет стои дека главниот фокус му е пакување шеќер, (седумграмски пакетчиња), што се користи за послужување во угостителски објекти и деловни простории. Почнува со работа во 2019 година, и тоа со проект на ЦЕЕД Македонија и Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, а под капата на Црвениот крст на Република Македонија, општинска организација од Битола. Во нејзини рамки и се ангажираат дел од бездомните работоспособни лица во процесот на пакување на производот, за одреден надомест.
Работната ангажираност во моментов ги опфаќа бездомните лица што се штитеници во пунктот за бездомници при Црвен крст на регион на општина Битола, Новаци и Могила.

[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]

Од ранливи лица – до лица со идентитет и достоинство

Во Битола веќе речиси сите знаат дека со користење на производот, покрај неговата примарна примена,  ја манифестираат и својата општествено одговорна страна како граѓани – со самата набавка на овој производ, го поддржуваат социјалното претпријатие што се грижи за лицата што изгубиле надеж во системот за втора шанса.
Првиот човек на „Лумос“, Борче Пашоски, вели дека кај маргинализираните лица се поттикнува достоинство и самодоверба.
– Тоа лице веќе не е надвор од системот. Работи и заработува. Нема потреба од просење, спиење по улици и милосрдие од други. По шест месеци работа кај нас, се прави евалуација на профилот на лицето и се поврзува со некоја од компаниите што имаат потреба од ваков работник. На ваков начин комплетно се вклучува во системот, со здравствено и пензиско осигурување и со секој други надомест – објаснува Борче.

„Лумос“ веќе интензивно ги решава предизвиците во заедницата, особено поврзани со бездомните лица, затоа што, како што велат иницијаторите, „идејата на социјалното претпријатие не е само да обезбеди трајно вработување, туку да го направи премостувањето од социјално загрозено маргинализирано лице – во лице со идентитет и со достоинство“.
– Намерата е да се одржува соработка со компаниите што го користат нашиот производ, но и да се зголемува бројот на компании што би ги ангажирале лицата во вториот циклус, што би значело целосна интеграција во системот – велат од „Лумос“. 

Пашоски ни открива дека искуството за овие години им покажува дека во земјава сѐ уште нема најсоодветна клима за работа и развој на едно социјално претпријатие, но и дека нивната упорност и предвидени цели им пркосат на „неповолните ветришта“.

 – Меѓу главните предизвици на едно социјално претпријатие е да може да опстои на пазарот и да биде рентабилно за да може да ја работи мисијата што ја има предвидено при формирањето. Работата на социјалните претпријатија во моментов во Македонија се граничи со невозможното. Доколку нема добро развиена мрежа соработници и добар план, голема е шансата за брз период да прекине со функционирање – вели тој.
Пред вклучување во работниот ангажман, има обука.
– Подготовката за ракување со машината е четири-пет часа и потоа лицата може самостојно да работат. Не се потребни посебни квалификации, ама најважно е лицето да сака да работи. Другото брзо се учи и се адаптира – додава Пашоски.

Отворени за искуства што водат кон развој

Социјалните претпријатија приходот, по дефиниција, го реинвестираат во одредена социјална цел. Средствата од „Лумос“, речиси 99 отсто, одат во реинвестирање и работа на самото социјално претпријатие, а другиот, еден отсто, во Црвениот крст, во програмата за социјална заштита каде што се користат за изработка на хуманитарни пакети, менаџирање на пункт за бездомници и слични активности.

Негувањето соработка со ентитети што ја препознаваат и поддржуваат мисијата на социјалните претпријатија е клучен фактор за натамошен развој. Во моментов, „Лумос“ мошне отворено ги користи и искуствата на социјалните претпријатија „Копче“ во Скопје и хотелот „Солферино“ во Струга, кои, исто така, се под капата на Црвениот крст на Македонија. Но, инспирација добиваат и од регионални потфати, конкретно од соработка со црногорска организација што развива хуманитарен „шоп“.

Љубопитни сме да чуеме и каде „Лумос“ се гледа во иднина.

– Во моментов функционираме на ниво на општинска лига, а се надеваме дека следната сезона ќе се префрлиме и во национална, каде што би го пласирале нашиот производ во поголеми количини, со што би обезбедиле стабилен буџет за дополнително проширување. Сепак, социјалните претпријатија, како концепт, покрај тоа што се занимаваат со хумана мисија, мора да обезбедат и рентабилност и пазар за да опстојат, нешто што во овие услови е особено предизвикувачки – завршува Пашоски.
Легенда за фотографијата со луѓето: Претставници на тимовите на ЦЕЕД Македонија, „Паблик“ и Црвен Крст на РМ

[/ihc-hide-content]

Напишете коментар