Актуелно

Фонд за животна средина – за да не се губат парите од еколошките такси

Центарот за истражување и информирање за животна средина „Екосвест“ алармира дека, додека Црна Гора уште пред четири години донесе одлука за формирање „Екофонд“ што веќе две години е во функција, нашата земја сè уште не ги почнала подготовките. Посочуваат дека е потребна силна политичка волја за создавање фонд за животна средина, во кој би се слевале парите од еколошките такси и надомест што ги плаќаат граѓаните и фирмите, а од каде што потоа правилно би се распределувале. Во моментов, средствата од овие такси одат директно во државниот буџет и не се трошат за тоа за што, во суштина, и биле собрани. Искуствата од Црна Гора треба да бидат искористени и во Македонија, предлагаат од црногорскиот „Екофонд“. – Главната цел е остварување на основното право на граѓаните на чиста и здрава животна средина. Со кофинансирање проекти и програми за заштита на животната средина, климата и енергетската ефикасност, „Екофонд3 ќе стане еден од двигателите за посилен економски и инфраструктурен развој на Црна Гора – вели Лидија Шкатариќ, раководителката на службата за проекти на енергетска ефикасност и ОИЕ во „Екофонд“ на Црна Гора.

Милија Чабаркапа е извршна директорка на организацијата „Екотим“ од Црна Гора, која, главно, реализира проекти поврзани со заштитата на водите, со фокус против изградбата на мали хидроцентрали. Тие како организација биле директно вклучени во формирањето на овој фонд. Таа смета дека фондот ќе помогне во реализирање на нивните проекти и во борбата против уништување и неконтролирано искористување на природните ресурси.

– Главниот предизвик на „Екофонд“ е да ги обезбеди континуираните приходи неопходни за негово функционирање. Средствата за негово финансирање се обезбедуваат од буџетот на Црна Гора, од еконадомест, заеми, донации и друг вид помош. Исто така, преку програми и фондови на Европската унија, Обединетите нации и меѓународните организации, странски инвестиции наменети за заштита на животната средина и други извори во согласност со законот – вели Чабаркапа.

Напишете коментар