Инклузивно општество

Да зборуваме за дигитална инклузија

Дигиталната сфера е нараскинлив дел од современото општество. Затоа мораме да се стремиме да ја градиме и развиваме за да биде пристапна за сите граѓани

Недела, 19 часот. Вклучувам „Зум“ и први на екранот ми се појавуваат Илина, Никола и Коста. Илина во текот на неделата ми има испратено 20 линкови на „Јутјуб“ со песни што сака да ѝ ги пуштам. Јуле има проблеми со вклучувањето, па ми се јавува на „Месинџер“ за да ја приклучам преку телефон. Се вклучуваат и другите учесници. Повеќето имаат Даунов синдром и се познаваат од порано. Понекогаш на повиците се придружувани од нивните браќа, сестри и родители. Откако сите ќе се вклучат, почнуваме со нашата танц-караоке забава. Забавите се понекогаш тематски – роденденски дружби, првоаприлски забави со костуми и маски, новогодишни забави…
Организацијата на вакви средби на „Зум“почна како иницијатива во 2020 година за да им се овозможи на лицата со Даунов синдром да се социјализираат и забавуваат виртуелно, во моменти кога дружењето во живо беше ограничено. Почетоците не беа едноставни. Најголемиот дел од учесниците немаа искуство со користење видеоплатформи преку интернет. Потоа, не само што стануваа технички поспособни, туку и квалитетот на комуникацијата се подобруваше. По само неколку видеосесии немаше надвикување и надзборување, исклучениот глас се користеше соодветно и по потреба, секој внимаваше на својот ред при нарачувањето песни и го почитуваше изборот на другите.

[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]

Заштитени од меѓуврсничко насилство со исклучување од интернет-сферата?

Пандемијата ги отвори вратите кон учењето преку интернет и користењето видеоплатформи, но истовремено придонесе кон поинтензивна примена на „Воцап“, „Телеграм“, „Вибер“ и повеќе часови поминати на социјалните мрежи. Голем дел од луѓето со интелектуална попреченост ги користат овие платформи – објавуваат содржини, следат други корисници, комуницираат со пријатели. Вообичаено се запознаваат со овие платформи преку своите браќа, сестри или родители. Некои од нив имаат профили на интернет, кои самите ги уредуваат, други имаат страни што се уредувани / под надзор на член од семејството. Има и лица што воопшто не се присутни на социјалните мрежи поради тоа што нивните родители се плашат од несакани последици поради неправилно користење на овие медиуми. Овие грижи на родителите во одредена мера се оправдани.
Една од најголемите придобивки на интернет-сферата лежи во нејзината демократија, отворената достапност и во слободата на изразување. Во најголем дел од земјите во светот, секој што има уред со пристап до интернет може да создаде профил на „Инстаграм“ и да го поврзе својот телефонски број со „Воцап“. Но, со леснотијата на користење на овие медиуми доаѓаат и опасности како вербално насилство и меѓуврсничко насилство, исмевање, навреди, крадење содржини или идентитет, измами, сексуално искористување, финансиски манипулации, вируси, влегување во конфликт поради несоодветна комуникација или недоразбирање… И покрај континуираните стремежи на технолошките компании да вградат механизми за регулирање и пријавување несоодветни содржини, одговорноста за самозаштита примарно лежи кај корисникот, што може да биде дополнителен предизвик кај лицата со интелектуалнa попреченост. Но, дали тоа значи дека овие лица треба да се исклучени од сферата на интернет само за да се заштитат?

Платформите на интернет носат придобивки и за лицата со попреченост

Активното користење платформи на интернет и социјални медиуми има разни придобивки за лицата со интелектуална попреченост. Може да помогне во подобрување на квалитетот на комуникација така што овозможува разни канали за изразување: снимање говорна порака или видео, пишување краток текст, праќање слики и сл. Уредувањето дигитален профил или страница, пак, може да ја поттикне креативноста, да го стимулира здобивањето нови вештини и да овозможи поле за слободна лична експресија. Напредното користење на овие медиуми може да послужи и за самопромоција и за евентуална заработка. Пример за ова е „Downs and Towns“, патувачки фотографски проект на млад човек со Даунов синдром од Тенеси, кој заработува промовирајќи ги своите активности на социјалните мрежи. Откако многубројни организации, клубови, танцови компании и неформални групи за поддршка ги пренесоа своите часови и дружби на интернет, голем број луѓе со интелектуална попреченост добија можност да се вклучат со неколку клика на компјутерот. Станува јасно дека ни е потребен процес на инклузија и во дигиталната сфера на нашето општество.

Како да се подобри искуството на интернет на лицата со попреченост?

Овде споделуваме неколку идеи за тоа како може да се подобри искуството на интернет на лицата со интелектуална попреченост.

Обуки за користење платформи и социјални медиуми на интернет на ефективен и безбеден начин.

Во училиштата и дневните центри се работи на здобивање „формални“ компјутерски вештини, но, сепак, за користењето социјални медиуми и комуникациски алатки не постои тренинг. Очекувањата се дека корисниците интуитивно ќе научат како да се служат со нив, што често може да ги стави лицата со интелектуална попреченост во ранлива позиција. Затоа, пожелно е одреден број часови да бидат посветени на заштита на податоци, градење дигитален идентитет и користење социјални медиуми како дел од редовниот училиштен систем. Ова би можеле да бидат часови што ги организираат организации или институции или да се дополнителни лекции испланирани од наставниците. Повеќе организации активно се залагаат за унапредување на инклузијата во сите сфери на општеството. Една од нив, Отворете ги прозорците, промовира асистивна технологија и нејзина примена во редовните училишта, како и градење компјутерски вештини кај лица со различни типови попреченост. Би било корисно доколку некои од наредните активности на ваквите организации би биле посветени токму на социјалните медиуми. Добар пример за ваква иницијатива од странство е проектот „SafeSurfing“ на Inclusion Europe, во рамки на кој лица со интелектуална попреченост добија тренинг за безбедно однесување на интернет и за заштита на податоци.

Вклучување луѓе од доверба.

Голем дел од лицата со попреченост доаѓаат во допир со социјални медиуми благодарение на членови на семејството, па пожелно е луѓето во кои имаат доверба да бидат активно вклучени при нивното донесување дигитални одлуки. Отпорноста на глобалната инфраструктура на интернет и можностите што ги понуди за продолжување голем број дејности од безбедно растојание (работа од дома, школување преку интернет) се јасен показател за тоа дека дигиталната сфера е нараскинлив дел од современото општество. Затоа мораме да се стремиме да ја градиме и развиваме за да биде пристапна за сите граѓани.

(Авторката е специјален едукатор и логопед)

[/ihc-hide-content]

Напишете коментар