Генерација Z

Волонтерската сила го прави светот подобро место за живеење

Време на читање: 3 минути
Ангажманот како волонтер не го гледам како здобивање финансиски добра. Тоа е активност што ме исполнува и ме прави среќна, ми овозможува практично искуство. Ги повикувам сите мои колеги семејни едукатори и сродни профили да бидат волонтери
- банер -

По завршување на студиите волонтерската работа претставуваше одлична можност за здобивање практични искуства, личен и професионален развој, како и одличен начин преку кој може да се придонесе за подобро општество. Волонтерската работа во СОС Детско село и работата со деца се покажа како одлична можност за тоа.

Едукативна поддршка за учениците

Светската пандемија е посебен предизвик за социјално загрозените семејства. Кризата наметна нови начини на функционирање, кои моравме да ги прифатиме и да се приспособиме, но, за некои семејства тоа беше недостижен предизвик. Oбразовниот процес на учениците претрпи промени со почнувањето на наставата преку интернет. За социјално загрозените семејства, пак, кои немаат можност да обезбедат соодветен уред и интернет-конекција, беше уште поголем предизвик. Многу одлични ученици што потекнуваат од социјално загрозени семејства останаа надвор од образовниот процес. Оттука потекна и идејата на СОС Детско село за иницирање активности за поддршка на учениците што немаат услови за следење настава преку интернет. Беа вклучени социјално загрозени семејства на кои им беше доделен лаптоп и месечен паричен надомест за интернет. Јас како волонтер давав едукативна поддршка на децата – направив план за неформално образование, во соработка со одговорните наставници, им помагав на учениците во пишување домашни задачи, полесно да го совладаат образовниот материјал, ја следев редовноста на наставата преку интернет и ги мотивирав младите укажувајќи им на важноста од образовниот процес.

[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]

Една посебна врска

Многу ме радуваа иформациите дека децата имаа напредок откако се вклучени во проектот – подобрен успех, редовност на настава, поголема активност на часовите, поголема самодоверба… За нив организирав и креативно-едукативни работилници во група, во кои децата преку игри учат нови работи. Работевме едукација преку игра, засилување на способноста децата да функционираат како тим, како и рекреација и забава. Една од најпосакуваните активности на децата се токму овие работилници. Се родија пријателства, кои продолжија и во приватниот живот. Посебно сум горда што помогнав поголемиот број деца успешно да ја завршат учебната 2020/2021 година. Тие мораа да ја завршат својата домашна задача без претходно да следат настава, исто како и другите ученици што следеа настава, а притоа голем дел од нивните родители немаат завршено формално образование. Учениците успешно се здобија со  основни знаења што беа потребни за да може да преминат во следното одделение. Формиравме една посебна врска, а благодарноста на нивните лица ја гледам секогаш кога ќе ги погледнам.

- банер -

Волонтерската работа носи среќа и исполнетост

Преку волонтерската работа запознав едно поинакво општество, кое ме научи колку малку е потребно за среќа, колку малку е потребно за некому да му го разубавиш денот, за некому да му помогнеш за подобро утре. Ангажманот како волонтер не го гледам како здобивање финансиски добра. Тоа е активност што ме исполнува и ме прави среќна, ми овозможува практично искуство. Ги повикувам сите мои колеги семејни едукатори и сродни профили да се приклучат во волонтерската работа бидејќи, како што вели антропологот Маргарет Мид: „Никогаш не сомневајте се дека мала група луѓе може да го промени светот, всушност тоа е единствено нешто што некогаш го менувало светот“.
Нашата мала група, можеби, нема да го промени целиот свет, но, без сомнение, ќе помогне тој за некого да биде подобро место за живеење.

(Авторката е дипломиран семеен едукатор, ангажирана како волонтерка за едукативна поддршка во Советувалиштето во Шуто Оризари во СОС Детско село)

[/ihc-hide-content]

Напишете коментар