Гледај и слушај

Во очекување на решенија за управување на отпадот, Тетово се дави во ѓубре

Време на читање: 8 минути
СТАНДАРДИЗИРАЊЕТО НА РЕГИОНАЛНАТА ДЕПОНИЈА „РУСИНО“ ТРАЕ ПРЕДОЛГО. ОПШТИНА ТЕТОВО ТРЕБА ПОД ИТНО ДА ИЗГРАДИ ЦЕНТАР ЗА РЕЦИКЛИРАЊЕ НА ОТПАДОТ, ДА ПОСТАВИ ПОВЕЌЕ КОНТЕЈНЕРИ СО МОЖНОСТ ЗА СЕПАРАЦИЈА, ДА ИНВЕСТИРА ВО ПОДОБРА И ПОЕФИКАСНА ИНФРАСТРУКТУРА, НО И ВО ВОЗИЛА ЗА СОБИРАЊЕ НА ОТПАДОТ

Функционирање на регионалната депонија „Русино“ каде што сметот би се третирал според сите европски стандарди, со минимално влијание врз животна средина и човековото здравје, е долгорочното и децениско очекување на жителите и на претставниците на локалната власт во Тетовско, но и во Полошкиот регион – како начин да се управуваат огромните количини отпад со кои се соочуваат секојдневно. 
Освен како место каде што би се складирал смет, според современите начини, желбите се да има и можност за рециклирање како најеколошки начин на управување на отпадот. Но, додека се очекуваат резултати од обидите на надлежните да ја стават во функција депонијата во близина на селото Русино, околу Тетово и селата насекаде има смет.
Тетовското комунално претпријатие, но и тие од руралните општини, не го третираат ѓубрето, туку, едноставно, го чуваат на некое земјиште и со тоа ја загадуваат околината. Несовесните постапки на дел од граѓаните се причина насекаде да има отпадоци – низ градските средини, но и на тие места што важат за чиста средина како реките, зелените појаси и шумите.

Отпад има и кај еколошкото пано со мов 

Во минатото, тетовскиот отпад се складираше на повеќе места. Во 90-тите години беше собиран на локација по селото Фалише, на пат кон Стримница. Откако тоа место се преполни и стана невозможно да се остава нов отпад, почна практиката сметот да се складира на локации што важеа за претоварни станици на комуналното претпријатие. До 2010 година претоварната станица беше кај железничката станица, а потоа и на самиот влез на градот каде што се создаваа депонии со илјадници тони смет. Таму беше до 2017 година, а две години на патот кон селото Требош, покрај автопатот Тетово – Скопје.  

Земјиште во атарот на селото Фалише, на пат кон Тетово, е најновата локација што јавното комунално претпријатие од август 2019 година ја користи како претоварна станица. Станува збор за простор од 3.000 квадратни метри, место среде обработлива земјоделска површина на која се одгледуваат разни култури.  

Но, сметот во Тетовско го нема само на дивите депонии генерирани со негово складирање. Насекаде низ градот може да се забележат фрлени отпадоци, а постојат места како црни точки што се создадени од несовесните навики и постапки на граѓаните. Една од тие е просторот предвиден за голем контејнер пред православните гробишта каде што луѓе од други делови на градот, но и од селата – оставаат смет, па дури и мебел, апарати, како и градежен шут. Такви места се и стариот градски стадион, недоградената спортска сала кај спортскиот центар, кејот и коритото на реката Пена. Во центарот на градот места каде што несовесни поединци оставаат смет се подземните скривници и подруми. Иронично, граѓаните фрлаат отпад и на градското дрво, односно еколошко пано со мов, кое требаше да биде прочистувач на воздухот.

Неопходен е центар за рециклирање на отпадот

Граѓаните и невладините организации претежно не се задоволни со начинот на кој се собира сметот и со тоа како надлежните се соочуваат со овој проблем. Чести се пријавите на „Тетово екоизвештај“ – интернет-страницата за пријавување на несовесното однесување на физички и на правни лица што со своите постапки ја загадуваат животната средина. Иако таму се наведува дека општинските еколошки инспектори ќе реагираат за секој случај пријавен од страна на граѓаните, луѓето на самата страница коментираат дека пријавиле неколку пати, но не добиле одговор.
– Моментното управување на отпадот во Тетово е во многу лоша состојба поради слабата и неорганизирана инфраструктура на општинските власти, поради недоволните капацитети на јавното комунално претпријатие, но и поради фактот дека низ градот нема доволно контејнери за собирање на отпадот. Од другата страна, стандардизирањето на регионалната депонија „Русино“ трае предолго и никој не знае точно да каже кога ќе заврши тој проект. Општина Тетово треба под итно да изгради центар за рециклирање на отпадот, да постави повеќе контејнери со можност на сепарација, да инвестира во подобра и поефикасна инфраструктура, но и во возила за собирање на отпадот, со што ќе си ја врши својата обврска и, на некој начин, ќе влијае за стандардизирање на „Русино“ – рече Аријанит Џафери од организацијата „Екогерила“. 

Во државата постојат и закони и стратегии, но, за жал, не се применуваат и спроведуваат, анализира Антонио Јовановски од организацијата „Гоу грин“. Тој смета дека барем малку да се прикаже ефикасност во селекцијата на сметот – ќе има резултати, односно нема да има толку многу фрлен отпад, пред сè, од страна на граѓаните.  Идејата е да се мотивираат граѓаните да селектираат смет. 

– Граѓаните треба да се вклучат во процесот на управување на отпадот. Но, во развиените држави тоа им го овозможува системот, државата. Сè уште немаме минимална примарна селекција на сметот. Имаме само неформални собирачи, кои работат на дел од сметот, а, од друга страна, има огромна количина смет што завршува на депониите и насекаде има ѓубришта и диви депонии. За почеток, ние препорачуваме да има вендинг-машини каде што ќе се остава смет за одреден надомест – вели Јовановски.

Триста тона ѓубре во еден ден

Во комуналното претпријатие велат дека „водат борба“ со граѓаните за да го соберат сметот низ градот. Најголем проблем за нив се несовесните постапки на дел од граѓаните, како и ограничената механизација и средства за работа.
– Проблематично е фрлањето смет покрај контејнерите, а не внатре, како и оставање на цврстиот отпад како мебел за домаќинства, санитарна опрема, градежни материјали, гранки од дрвја. Овој отпад, освен што ја загадува животната средина, предизвикува дефекти во машините, ги оштетува контејнерите и го спречува транспортот на друг отпад. Место да го оставаат во контејнерите, граѓаните треба таквиот отпад да го однесат кај новата претоварна станица на патот Тетово кон Фалиш – вели директорот на тетовското комунално претпријатие Џелал Цека.
Според него, за собирањето на сметот се проблем количините, како и условите за работа. – Ако во јануари, февруари и во март има 150 до 170 тони собран смет на ден, понатаму во текот на годината бројката расте. Во април и во мај се бележи зголемување до околу 250 тони смет, поради пролетните расчистувања во домаќинствата. Од јуни до септември се собира најмногу од 280 до 300 тони на ден со оглед на тоа дека доаѓаат печалбарите и така се зголемува бројот на луѓе што создаваат и фрлаат смет. Цена за носење еден тон смет во „Дрисла“ изнесува 25 евра –  вели Цека. 

Јавното комунално претпријатие Тетово низ градските улици и тие села што припаѓаат на општината има поставено 520 контејнери, 12 големи контејнери од по пет тона, како и канти по домаќинствата. 
– Сметот се собира во трета смена, но во реоните во главните улици се оди и двапати,  односно и во текот на денот. Во зима камионите некаде не можат да пристигнат поради мраз и снег, а во летото сообраќајниот метеж е главното отежнување во работата. Еднаш неделно, за да се собере сметот, се оди во селата при општината. На Попова Шапка двапати, а во сезона – трипати неделно. Имаме седум реони, а 235 луѓе работат во одделот за комунална хигиена – објаснува директорот.

Во исчекување на мерките за брза победа

Деветте општини од Тетовско и од Гостиварско или од Полошкиот плански регион, сега се дел од проект за регионално управување цврст отпад на целото подрачје, со цел да го подобри организирањето на регионалниот и на локалниот систем за управување отпад и да обезбеди модерно решение за управување отпад. Во тек е процедурата за формирање регионално комунално претпријатие, кое ќе го собира, носи и менаџира складираниот отпад во депонијата „Русино“ кај Гостивар. Сепак, конкретната работа околу менаџирањето на сметот е сè уште во фаза на анализирање. Единствено е познато дека општинските совети од сите девет општини од Полошкиот регион веќе го одобрија формирањето едно вакво претпријатие.
– Подготвен е нацрт-план за регионално управување отпад што го дефинира начинот на кој ќе се одвива општинското управување цврст отпад во Полошкиот регион, како и временската рамка во која мерките треба да бидат спроведени. Изработен е нацрт-извештај за стратегиска оцена на животната средина за кој беа одржани задолжителни јавни дебати во Тетово и во Гостивар. Исто така, во тек е подготовка на студија за економска оправданост во која ќе бидат анализирани најдобрите методи и техники за одржливо управување отпад. Во студијата се обележани областите во Полошкиот регион и е утврден бројот на несоодветни депонии и диви депонии. Според резултатите, во овој регион има околу 80 депонии – велат од Центарот за развој на Полошкиот плански регион. 

Дел од проектот е најава за преземање итни мерки за депонијата „Русино“. Од Центарот велат дека техничката документација е комплетирана и тендерската постапка за спроведување на активностите наскоро ќе биде објавена од страна на единицата за управување на проектот и од донаторот.
– Кампањата е насловена „Мерки за брза победа“. Целта е да се спречат виталните нарушувања на животната средина, како што е излевањето исцедок од отпад во Сушичка Река. Со цел да се постигне тоа, ќе се конструираат насип и ров за да се спречи слевањето на дождовните води во талозите отпад, а исцедокот од отпадот ќе се чува во отворено езерце со што ќе се обезбеди процес на рециркулација. На влезот на депонијата ќе има мерна вага и контролна станица каде што постојано ќе се води евиденција за вкупниот отпад што влегува во депонијата и ќе има и средства за комуникација во реално време. Како дел од мерките за брза победа на општините во кои е планирано да се спроведат кампањи за подигнување на јавната свест ќе им бидат обезбедени неколку контејнери – наведуваат од Центарот за развој на Полошкиот плански регион.

Дали годинава ќе има помалку смет во Тетово?

Тетовската градоначалничка и воедно претседателка на Цeнтарот за развојот на Полошкиот плански регион, Теута Арифи, со политички и оптимистички одговор, смета дека во текот на оваа година ќе се видат конкретни резултати од проектот со кој се очекува во полошките градови и села да има помалку смет. Таа појаснува дека овој проект е на регионот, а е во партнерство со државата и со Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (СЕКО) .
– Очекуваме оваа година да заврши комплетниот процес на градење на проектот за собирање на отпадот и обврските за формирање заедничко јавно претпријатие, за што сите совети, на сите општини, гласаа позитивно. Потоа очекуваме дека проектот ќе помине и во фаза на практична изведба во однос на стандардизација на ова место. И надвор од овој проект, ние како општини од Полошкиот плански регион, две години работиме на заеднички проект за продолжување на патот до Русино, кој половина го направивме, асфалтиравме. Сите општини  решивме нашите средства да ги дадеме само за овој проект за да се комплетира патот до Русино, зашто тоа беше барање на граѓаните – изјави Арифи. 

Додека се очекуваат резултатите од активностите на надлежните, годините што изминуваат покажуваат дека во Полошкиот регион има сè повеќе смет.  Исто така, статистичките показатели укажуваат дека има голема разлика меѓу собраниот и создадениот отпад. Ако се погледнат последните објавени податоци на Државниот завод за статистика за количество собран комунален отпад во Полошкиот регион, се бележи намалување  во 2018 година во однос на 2017 година. Но, за разлика од пред десет години, во 2008 година бројката е за речиси 50 проценти зголемена сега, и трендот оттогаш постојано покажува нагорна линија. 


Љубљана е град со нула отпад

Словенија бележи најдобра и најуспешна практика во промената кога станува збор за управувањето отпад. Mинатата година Љубљана стана првиот главен град со нула отпад. Таму постојат повеќе облици на селектирање и на рециклирање. Пред 15 години биле во иста ситуација како ние сега во Полошкиот регион, кога сиот отпад се оставал на депонија, но тоа сега е целосно променето. Во 2002 година било стартувано со посебно собирање хартија, стакло и амбалажа, а четири години подоцна, градот почнува да собира биоразградлив отпад – од врата до врата. Во 2013 година, секое домаќинство, пак, добило канти за амбалажа и за хартија.
Развојот на најмодерната фабрика за третман на биолошкиот отпад во Европа бил најголемиот  чекор во остварувањето на целта – до 2025 година да се рециклира најмалку 75 проценти од отпадот. Регионалниот центар за управување отпад бил отворен во 2015 година. Таму се користи  гас за производство на сопствена топлина и електрична енергија. Центарот обработува 95 проценти од отпадот во материјали што може да се рециклираат и во цврсто гориво и праќа помалку од пет проценти отпад на депонијата. Отпадот го претвора  во висококвалитетно ѓубриво за градини. Според информација од нивните платформи на интернет, овој центар обработува 170 илјади тони отпад годишно од кои 150 илјади е измешан комунален отпад и преку 20 илјади тони посебно собран биоотпад. Опслужува 700 илјади жители, или 43 општини во Словенија што претставува една третина од државата.
Регионалниот центар е помогнат од кохезивниот фонд на ЕУ, се наведува во специјализираниот информативен сајт „Балкан грин енерџи“. 


(Текстот е подготвен во рамки на „Лице в лице со граѓаните“, поддржан од Кралството Шведска преку проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“. Содржината е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на донаторот)

*Авторот е новинар во редакцијата на Teтово Инфо
Текстот е подготвен крајот на јануари/почеток на февруари 2020
Фото: Тетово Инфо

Напишете коментар