Колку здравјето ни е приоритет, особено кога се чувствуваме добро, кога имаме одлична енергија, кога летаме без да застанеме?
А колку се вложуваме да се запознаеме како тело, како систем што е посебен и единствен со свои силни и слаби страни, генски предиспозиции и колку му даваме значење на ова прашање?
Ќе се осврнам на еден банален пример: двете мои деца имаа исти симптоми и ги однесов на лекар. Дури и размислував дали да ги однесам или да ја дадам стандардната терапија за настинка. И точно, едното имаше настинка, ама другото беше со алергија. Така што терапијата што си помислив да им ја дадам на своја рака ќе беше погрешен пристап.
Ова е, можеби, банален пример, но пристапот може да се стави и во поинаков контекст и за животозагрозувачки болести.
Пристапот на лаик (во случајов јас) може да биде и пристап на лекарот ако тој нема доволно податоци за пациентот иако лекува двајца пациенти со иста дијагностицирана болест, на пример, рак на дојка. И, во случајов, грешката нема да биде од лекарот, туку од отсуството на податоци што, всушност, укажува на потреба од конвергенција на медицинско знаење, технологија и наука за да се соберат податоци што ќе овозможат револуција во грижата за пациентите. Сето ова е и во духот на важната Хипократова изјава дека е поважно да знаеме каков тип човек ја има болеста, отколку каква болест има човекот.
Со актуелно користен термин, ваквиот пристап значи персонализирана медицина што подразбира вистинска терапија во вистинско време за вистинскиот пациент.
Во суштина, персонализираната (прецизна) медицина станува можна благодарение на научните сознанија, кои овозможиле да се разбере како индивидуалниот молекуларен и генетски профил на поединецот е поврзан со специфичните карактеристики на одредена болест. Истите овие научни сознанија овозможиле да се предвиди кој медицински третман ќе биде безбеден и ефикасен за одреден пациент, а за друг не.
Се наоѓаме во период од историјата кога сме сведоци на напредок на медицинското знаење, научните истражувања на ова поле, технологијата, а податоците со кои располагаме и кои може да се соберат може да се насочат, да се спојат во една точка што значи револуција во грижата за пациентите.
Дигиталната револуција е неминовна во сите аспекти на живеењето, а во здравството значи нови начини како да собереме, чуваме и обработиме висококвалитетни податоци, кои, поврзани со големи бази на информации од други пациенти, ќе донесат длабоко разбирање за тоа како да се насочи третманот кон посебните индивидуи.
Податоците од уреди што ги носиме – кои ни мерат пулс, ниво на шеќер во крвта, поврзани со мобилни апликации, со податоците од клинички студии, со информациите од секвенционирање на следната генерација (NGS) – овозможуваат значаен корпус податоци, кој ја трансформира грижата за пациентите.
До каде сме ние?
Некаде во зачетокот. Колку што ќе стануваме посвесни за потребата од персонализирана медицина, толку повеќе ќе ги намалуваме трошоците за системот и, најважно од сè, ќе овозможуваме поквалитетен живот за нашите граѓани.