ИНТЕРВЈУ СО ЗОРАН КАРДУЛА, ГРАФИЧКИ ДИЗАЈНЕР И АКТИВИСТ
Марко Михајловски
Маја Раванска
Фотографии: Теано Кардула
Дизајн што буди, пецка, од кој ни е топло на душата. Доза инспирација од историјата на уметноста, кон југословенското наследство – и во дизајнот, но и почит кон тоа што го „родило“ тоа време, архитектура, музика, поп-културата воопшто. Коментар на сегашноста – се насмевнуваш кога ќе го видиш делото, а потоа ти доаѓа горчлив вкус на јазикот. Како кога дете ќе проба црна чоколада, а навикнало на млечна и блага. Разговаравме со Зоран Кардула, уметникот и активист, дизајнер и родител, крушевчанец и урбан скопски лик.
Како се носите со предизвиците на денешнината, особено во контекст на пандемијата, што Ве инспирира, а што сакате да промените?
– Колку и да сака човек да се дистанцира од некои збиднувања, не може сосема да се изолира, околностите никого не може да остават рамнодушен. Технологијата овозможува дневните случувања да стигнат до нас. Не ја следам ревносно дневната политика, но збиднувањата ќе излезат на социјалните мрежи и, доколку има тема што ме интересира, ја преточувам во илустрација. Ова, секако, важи и за настани од културно-уметничка природа кај нас и во светот. Пандемијата ја доживувам како нешто што дошло и мора да се помине. На почетокот мислев дека целата ситуација ќе ја разбуди емпатијата, но, за жал, се случи токму спротивното. Несовесноста, себичноста и неукоста излегоа на виделина. Обидите за собирање политички поени во време на кризава само го потврдија отсуството на чувство за колективното добро. Тоа би сакал да го променам, секако, но тука, за жал, секој поединец е немоќен.
Активист сте за подобра иднина, подобро, поинклузивно општество. До каде сме со нивоата на развој и што е неопходно да направиме како граѓани, а не правиме?
– Јас како родител на дете со атипичен развој од прва рака сум запознаен со состојбите во нашето општество на тема инклузија. Во моментов сме некаде до буквата И од инклузијата. Се прават пионерски чекори. Проблемите што се таложат со децении треба да се решаваат системски. Лицата и децата со атипичен развој се дискриминирани по многу основи. Децата имаат тешкотии да се запишат во градинка, основно и средно училиште. Декларативно се добредојдени, но вистината е спротивна. Не велам дека една воспитувачка, на пример во градинка, не сака да работи со дете со атипичен развој. Таа, можеби, има желба, но најчесто не знае како да пристапи. Неа системот не ја подготвил за таков предизвик! Потребна е обука, потребен е еден цел функционален систем, кој ќе биде во насока на прифаќање на оваа категорија лица и деца. Друг е проблемот на прифаќањето на децата од околината, соучениците… Родителите и образовниот систем треба да ги едуцираат децата за постоењето и прифаќањето на децата со атипичен развој. Тоа се наши деца и тие се исто толку вредни! Уставот и законите викаат дека се рамноправни, но дали е тоа навистина така?
Објаснете ни повеќе за предизвиците на родителите на деца со атипичен развој. Која е Вашата порака – за системот, но и за родителите – според искуството?
– Мојата ќерка Ерато е во спектарот на аутистични нарушувања. Таа има 14 години и оди во основното училиште „Гоце Делчев“. За време на наставата, ја придружува образовен асистент. Искуството со нашата борба за остварување на нејзините права е трауматично, никому не му го посакувам. Всушност, траумите почнаа од моментот кога сфативме дека таа има развојни проблеми и не знаевме каде да побараме соодветна стручна помош. Каде и да одевме, одговорот беше – почекајте да потпорасне, па ќе видиме. Изгубено драгоцено време. Кај нас не постои рана дијагностика и интервенција за оваа состојба. Не постои ниту регистар на деца и на лица со аутизам. Траума беше и обидот да посетува државна градинка, па мораше да оди во приватна градинка. Почетокот на основното образование ја покажа неподготвеноста на системот за прифаќање на децата со аутизам. Ја покажа и неподготвеноста на родителите да прифатат нивното дете да посетува настава заедно со дете со атипичен развој. Се свикуваа родителски средби со посебна точка за моето дете! Имаше обиди да нè убедат дека, за доброто на Ерато е да посетува специјално училиште! Но, не подлегнавме на притисоците и таа остана да ја следи наставата и тоа се покажа како правилен избор. Успеа да се адаптира, соучениците ја имаа прифатено од самиот почеток. Децата се многу поискрени и поемпатични во однос на возрасните. Веќе неколку години ние сме презадоволни како Ерато е прифатена и вклучена во наставата. Колективот е одличен и работи во насока на спроведување на инклузијата. Секоја нова генерација ученици има и дечиња со атипичен развој. Пионерските чекори во овој случај се направени и драго ми е што е тоа така. Им порачувам на родителите да бидат истрајни и да се борат за правата на своите деца.
Роден сте и растен во градот на Крушевската Република, градот на Мартиноски, градот со големи потенцијали во алтернативен туризам, но и едно од местата каде што младите не ја гледаат својата перспектива. Што треба да преземеме за да можат младите да сакаат да дејствуваат во своите мали средини?
– Роден сум и пораснат во Крушево, град со посебна убавина и богата историја. Градот во кој јас растев беше место со посебна култура на живеење и почитување. Во минатото во Крушево функционираа многу фабрики и речиси немаше невработени. Се почитуваше традицијата, луѓето си помагаа меѓу себе. Тоа Крушево, и сегашното се многу различни. Младите во континуитет се иселуваат. Структурата на населението е многу променета. Повеќето се пензионери и луѓе доселени од околните села. Фабриките не работат, младите не гледаат перспектива. Предноста на Крушево во споредба со други места е што е туристичко место погодно за зимски и за летен туризам. И тоа е тоа на кое треба да се работи, преку развојот на туризмот да се отворат работни места и да се задржат младите. Огромен потенцијал лежи неискористен. Покрај локалната и централната власт, треба да се ангажираме многу повеќе. За жал, поради негрижа и познатата крушевска архитектура пропаѓа, а тоа е недозволиво.
Доколку би Ве замолиле да ја нацртате / илустрирате актуелната сегашност во Вашиот микрокосмос, како би изгледала таа?
Во моментов повторно ми се актуелни руска авангарда и Малевич и неговaта група. УНОВИС или на руски „Utverditeli Novovo Iskusstva“ во која под водство на Малевич учествуваа и одличните Ел Лисицки, Никола Суетин, Вера Ермолаева и други. Оваа група имала дизајн за секој настан и некако се препознав со мојата активност во смисла да имам дизајн или илустрација за секој настан. Делото што е настанато од оваа група, поточно од Ел Лисицки „Победи ги белите со црвен клин“ е одличен постер и претставник на суперматизмот и одговара на ова време. Тој постер е инспирација за модификација и огледало на сегашната состојба. Ја претставува таа вечна борба каде што мора да се бориме за да се победат неправдата, дискриминацијата, национализмот, расизмот и фашизмот, кој е во подем.
Кој е Вашиот мисловен процес додека дизајнирате?
Искрено, немам некој процес пред да почнам да создавам некоја серија или некое дело. Сè се сведува на моментна инспирација, која потоа е придружена со истражување за, на крај, да се создаде делото. Летово го поминав во Крушево и таму секогаш нешто чепкам по работите на моите предци откривајќи некои делови од фамилијарното стебло и така пребарувајќи меѓу работите на баба ми во нејзината хасела (ковчег со лични работи) добив инспирација да ја направам серијата илустрации арт деко. Така и сите други мои серии настануваат спонтано, без да ги обмислувам претходно.
Кои се методите на реализирање на идеја (идеја – скица – реализација)
Во моментот кога ќе добијам идеја, правам некои истражувања за да видам и прочитам сè што е поврзано со идејата, па потоа почнувам со реализација. Реализацијата некогаш е проследена со дигитална скица, која ја доразвивам и излегува финалното дело. Во некои случаи толку ќе се внесам во илустрацијата и желбата да видам како ќе изгледа завршена што губам чувство за време и знам со часови да не станам додека да стигнам до некоја финална верзија.
Како го пронајдовте Вашиот графичкиот стил?
Што Ве привлече кон него?
По многу години експериментирање, вежбање, мислам дека го пронајдов мојот стил и мислам дека луѓето го препознаваат. Драго ми е дека и им се допаѓа. Тоа се портретите на жените и таа дигитална графика, односно комбинација на техника туш и дигитален колорит. Со години работев со маслени бои, но кога Ерато беше на режим на детоксификација и кога спроведувавме терапија, која воопшто не беше лесна, прекинав да сликам со маслени бои затоа што сликав дома. Поради мирисот на терпентинот и на самите бои и од внимателност да не влијае на терапијата на Ерато се откажав од сликање, но морав да најдам начин да цртам. Тоа ми доаѓаше како терапија и ми се чинеше посигурно користењето на тушот како техника, а колоритот решив да го ставам дигитално и така настанаа тие портрети на жени, кои и ден денес ги цртам.
Како младите дизајнери да го пронајдат својот личен печат?
Од мое искуство, а тоа и им го кажувам и на студентите на кои им предавам, е да експериментираат, да пробуваат разни стилови и во еден момент самото дело ќе им каже, сами ќе почувствуваат дека тоа е тоа што ги отсликува нив и нивната работа. Некогаш е потребно многу време додека да се пронајде својот стил, но, секако, доаѓа.
Што цртате во слободно време, кој е Вашиот омилен дизајн за работење?
Работам многу видови дизајн, некогаш и многу различни стилови и, секако, ги работам со голем ќеф. Секој дизајн ми е драг и го сакам. Тука е дизајнот од советската авангарда, која со години ја проучувам и на која со голема радост се навраќам за да направам и јас нешто слично на тоа или да ја модификувам на мој начин. Да го споменам и редизајнот од времето на Југославија, кој го обожавам. Досега имам направено околу 400 постери на оваа тема, па самото тоа зборува колку ми е омилен. Со нив имав и многу изложби. Две во Рим, една во Сараево, во Ниш, во Пожаревац, како и кај нас, што ми е посебно драго дека се прифатени.
Набројте неколку странски и домашни дизајнери што ги почитувате и чијашто работа Ви се допаѓа. Од странските дизајнери многу ми се допаѓаат илустрациите на Orlando Arocena, Noma Bar, Riccardo Guasco и уште неколку на кои им се восхитувам. Од домашните дизајнери, морам да признаам, имам видено многу малку дела зашто во последно време не ги следам тие страници каде што, обично, може да се види работата на некој дизајнер. Можам да споменам дека на социјалните мрежи, каде што сум активен, има многу нови млади дизајнери, кои имаат одличен стил и за кои допрва ќе се зборува, и за нив и за нивниот дизајн, што, навистина, ми се допаѓа.