Ајде да учиме за финансиски системи и финансиски пазари!
Парите како елемент на финансискиот систем ги користиме за да се пренесат ресурсите од штедачите на инвеститорите и да се пренесе ризикот на тие што се подготвени да го прифатат. Преку финансиски институции се обезбедува пристап до финансиските пазари, се собираат информации и се обезбедуваат финансиски услуги
Разбирањето на концептите на финансиските системи и финансиските пазари и начинот на кој функционираат овозможува подобрување на финансиската писменост на микрониво, притоа разбирајќи ја големата слика на финансискиот свет.
Елементи на финансискиот систем
Финансискиот систем е збир на сите финансиски: институции, пазари, производи, услуги и инфраструктура на финансиски пазари. Опфаќа финансиски трансакции и размена на пари меѓу инвеститори, даватели на заем и должници. Kако негов елемент се паричните средства, кои се разменуваат преку финансиските текови. Преку финансиските системи се овозможува трансфер на капитал меѓу секторите во економијата (држава, компании, домаќинства) на национално ниво или меѓу сектори на држави, односно на глобално ниво.
[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]
Други елементи на финансискиот систем се: финансиски пазари, институции, инструменти.
Парите како елемент на овој систем ги користиме за да се пренесат ресурсите од штедачите на инвеститорите и да се пренесе ризикот на тие што се подготвени да го прифатат. Преку финансиски институции се обезбедува пристап до финансиските пазари, се собираат информации и се обезбедуваат финансиски услуги. На финансиски пазари се купуваат и продаваат финансиски инструменти. Со финансиски инструменти се плаќаат набавки и служат за складирање богатство во различен облик на имот. Централните банки ги следат финансиските институции и ја стабилизираат економијата со помош на монетарната политика и инструменти, додека регулативните тела прават надзор на институциите во финансискиот систем.
Понуда и побарувачка на определено добро и формирање цена
Секогаш кога ќе го споменеме поимот „пазар“, треба да подразбереме сретнување на понудата и на побарувачката на определено добро и формирање на неговата цена. Кај финансискиот пазар се сретнуваат понудата и побарувачката на слободни финансиски средства, пазар што ги канализира и координира штедењето и инвестициите во една економија преку финансиските институции. Тоа е пазар каде што се создаваат цени на хартии од вредност, каматни стапки и девизни курсеви.
Во продолжение ги разгледуваме сегментите на финансиските пазари.
Пазар на пари
Кај нас, пазарот на пари е пазар на комерцијалните банки и на централната банка, која со помош на ограничениот број инструменти што ѝ стојат на располагање ја спроведува монетарната политика. Аукциите на благајничките записи се јавуваат како основен инструмент на монетарната политика. Така, кога централната банка сака да ја намали паричната маса, таа го зголемува износот на записите што ги нуди на продажба, т.е. продава повеќе записи во споредба со износот што достасува за наплата. Обратно, доколку централната банка сака да ја зголеми паричната маса, таа го намалува износот на благајничките записи што ги нуди за продажба, т.е. продава помалку записи од износот што достасува за наплата. Каматната стапка на благајничките записи претставува референтна каматна стапка на централната банка и ја сигнализира насоката во монетарната политика. Претставува основа за формирање на каматните стапки на банкарските кредити.
Пазар на капитал
Пазарот на капитал е збир на односите меѓу понудата и побарувачката на долгорочни хартии од вредност (акции и обврзници). Со акцијата како хартија од вредност, имателот се здобива со сопственичко право врз идеален дел од компанијата, пропорционално на големината на учеството на таа акција во вкупниот акционерски капитал.
Обврзницата претставува долгорочна должничка хартија од вредност, со чијашто продажба емитентот, (тој што издава и пушта во оптек вредносни хартии, особено книжни пари) доаѓа до дополнителен капитал, а истовремено се обврзува дека зајмениот капитал ќе го врати, во согласност со предвидените услови, заедно со каматата според договорената каматна стапка на имателот на обврзницата.
Пазар на девизи
На пазарот на девизи се сретнуваат понудата и побарувачката на слободни девизни средства (валути). Нивната цена е девизниот курс, односно цената на една валута изразена во друга валута.
Финансиските трансакции на овој пазар ги прават домаќинствата, компаниите, финансиските институции што купуваат или продаваат девизи, со крајна цел за извршат меѓународни плаќања.
Авторката е дел од „Глобал шејперс Скопје хаб“)
[/ihc-hide-content]